Владата подготвува есенска кошничка со најупотребувани производи што ќе имаат намалени цени. Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата ќе ги следи потребите на граѓаните и во зависност од тоа што најмногу се троши, ќе интервенира за да не се случи повторно инфлацијата да забрза.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во август инфлацијата изнесуваше 2,2 отсто на годишно ниво, но цените на храната пораснаа за 1,2 отсто во однос на претходниот месец. Најголем раст на месечно ниво има кај цената на зеленчукот, за 10 отсто.
„Исклучително сум задоволен што стапката на инфлација во август на годишно ниво е 2,2 отсто, што претставува навистина добар резултат имајќи го предвид регионот, би рекол и компетитивен во Европа, и е понизок во рамките на еврозоната, што е добро“, рече денеска премиерот.
Прочитај повеќе
Инфлацијата во Македонија се доближува до 2 отсто, храната поскапува
Во однос на претходниот месец, инфлацијата се зголемила за 0,5 отсто
10.09.2024
Инфлацијата ќе ја натера НБРМ да ги одржи каматите високи летово
НБРМ подолго од другите банки во регионот ќе ја задржи сегашната монетарна политика
11.06.2024
Збогум: Сите причини зошто цените нема да се вратат на нивото од пред кризата
Месечниот раст на цената на пченицата изнесува 14 отсто и е највисок по почнувањето на војната во Украина
04.06.2024
Цените во земјава растат со (не)оправдани изговори
Се отвораат дилеми за евентуално присуство на ефектот на инфлација со оправдување (excuseflation)
13.05.2024
Владата ја одмрзна инфлацијата
Намалување на трошоците на животот е забележано во групата мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата.
08.04.2024
Освен есенска, Владата планира и пролетна кошничка со намалени цени чија цел ќе биде заштита на стандардот на граѓаните.
Есенска кошничка по примерот на српската „најдобра цена“
Во таканаречената кошничка ќе има стотина производи што ќе се продаваат по намалени цени. Според заменик-министерот за економија Марјан Ристески, Министерството ги прави последните анализи и примената на есенската кошничка би можела да почне веќе следната недела.
„Во есенската кошничка се предвидени намалувања на цените на основните прехранбени производи што им се потребни на домаќинствата и намалување на цените на производите што ги користат најмногу во овој период“, изјави Ристески за телевизијата Канал 5.
Намерата на македонската влада за формирање листа со есенски и пролетни производи потсетува на акцијата на српската влада наречена „најдобра цена“. Акцијата во Србија почна од 1 септември и ќе важи до крајот на октомври. Со неа се намалени цените на 700 производи во просек за 26,82 проценти. Според пресметките на Владата во Белград, купувањето на производите од листата ќе им донесе на домаќинствата заштеди од 8.000 до 22.000 динари месечно (од 70 до 190 евра).
Станува збор за производи што ја сочинуваат потрошувачката кошничка односно средства за лична хигиена, прашок за перење, пелени за бебиња, храна за бебиња, сокови, хемикалии за домаќинство, различни видови храна, јајца, сладолед, овошје, зеленчук, месо и млечни производи, јогурт и млеко.
Дали замрзнувањето цени е добар рецепт?
Од 2022 година, кога инфлацијата стигна до 20 отсто, Владата неколкупати ги ограничуваше цените на основните производи.
Последната ваква мерка важеше од септември лани до крајот на февруари годинава и беше наречена „гарантирана цена“. Со неа за 10 отсто беа намалени цените на 24 категории производи.
По завршувањето на мерката, Државниот завод за статистика во март измери забрзување на инфлацијата.
Претходно цените беа ограничени и во текот на 2022 година, од почетокот на кризата со инфлацијата. По истекот на оваа мерка, остана ограничувањето на маржите на најмногу пет до десет отсто за основните прехранбени производи.
Законот за забрана на нефер трговски практики може и да почека
Според македонските власти, есенското ограничување на цените не зависи од Законот за забрана на нефер трговски практики. Овој закон беше донесен пред шест месеци и треба да стапи во сила на крајот на месецов.
Законот предвидува да се ограничи маржата на 10 отсто за над 2.500 прехранбени производи, но Стопанската комора на Македонија минатата недела побара одложување на примената на законот за во него да бидат вметнати нејзините забелешки.
Премиерот Мицкоски остава можност барањето на Комората да биде прифатено,
„Законот е тој. Доколку Стопанската комора побара официјално од нас како Влада недела, две, три, пет, колку ѝ се потребни за усогласување, не гледам причина зошто да не се случи тоа. Ние работиме во интерес на бизнисот, во интерес на економијата, во интерес на граѓаните и мислам дека тоа го правиме добро досега“, рече денеска Мицкоски.