Eвропската централна банка може да го одложи своето последна намалување на каматната стапка до декември без инвеститорите во меѓувреме да заклучат дека циклусот на олеснување е завршен, покажува анкета на економисти спроведена од „Блумберг“.
Поголемиот дел од испитаниците сè уште очекуваат последното намалување од четвртина процентен поен на депозитната стапка – на 1,75% – да се случи во септември, по паузата следната недела. Истовремено, половина од нив сметаат дека ЕЦБ може да не делува на три состаноци пред трговците да претпостават дека трошоците за задолжување го достигнале дното. Тоа е подолг период од претходно, поради неизвесноста околу трговијата.
Паузата овој месец беше јасно најавена од страна на претседателката Кристин Лагард, која смета дека ЕЦБ е во „добра позиција“ да се справи со предизвиците за економскиот раст и инфлацијата. Но, консензусот по летото е помалку јасен.
Извор: Анкети на „Блумберг“ меѓу економистите спроведени од 11 до 16 јули и 23 до 28 мај
Иако членката на Извршниот одбор Изабел Шнабел смета дека прагот за ново намалување е „многу висок“, Финецот Оли Рен и Французинот Франсоа Вилрерој де Гало се загрижени дека растот на цените ќе остане под два отсто, особено ако еврото дополнително зајакне во однос на доларот.
Одлуката во јули „треба да биде релативно едноставна, со оглед дека повеќето членови на Управниот совет веројатно ќе поддржат задржување на стапките“, вели Фабио Балбони, економист за еврозоната во ХСБЦ (HSBC). „Додека некои ќе го гледаат ова како пауза, други ќе го сметаат за крај на циклусот на намалување. Тоа може да предизвика дискусии за идната насока на каматните стапки по јули.“
Околу четвртина од учесниците во анкетата сметаат дека ЕЦБ веќе завршила со намалувањата. Речиси половина предвидуваат последен потег во септември, додека 21 отсто очекуваат тоа да се случи во декември.
Токму тогаш, главниот економист на „Интермани“ (Intermoney), Маријано Валдерама, предвидува прво зголемување на стапките. Иако неговата прогноза е најрана, околу една петтина од испитаниците очекуваат зголемување пред крајот на 2026 година.
Што вели „Блумберг економикс“...
„ЕЦБ е во режим на чекање и набљудување. Очекуваме тоа на крајот да доведе до дополнително олеснување во септември и декември. Во меѓувреме, очекуваме јазикот на Управниот совет по состанокот на 24 јули да биде сличен на оној од јуни, оставајќи ја отворена можноста за дополнителни намалувања без обврска за нив.“
— Дејвид Пауел, економист за еврозоната
Изборот на патот што ќе го следат креаторите на политиките во голема мера ќе зависи од трговските преговори меѓу Брисел и Вашингтон. Откако Европската унија сигнализираше дека е блиску до договор, американскиот претседател Доналд Трамп се закани со царини од 30 отсто.
„Развојот на трговските преговори меѓу ЕУ и САД е најважната работа што треба да се следи, бидејќи тоа може да ја наруши рамнотежата меѓу домашната сила и надворешната побарувачка,“ вели Џули Јофа, европски макро стратег во ТД (TD Securities). Со оглед на тоа што договор е малку веројатен до следната средба на ЕЦБ, Управниот совет ќе биде „немоќен да сигнализира дали е потребно дополнително намалување или дали е достигната крајната стапка.“
Трговците гледаат помалку од 50 отсто шанси за намалување во септември. Сепак, намалување е речиси целосно вградено во очекувањата до крајот на годината.
Во септември и декември, креаторите на политиките ќе можат да се консултираат со нови економски прогнози за еврозоната. Минатиот месец, ЕЦБ предвиде дека инфлацијата ќе се стабилизира на 2 отсто во 2027 година.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...