Германија, погодена од лоши економски вести во последните недели, го предводеше падот на продажбата на автомобили во Европа минатиот месец, бидејќи побарувачката за електрични возила опадна. Испораките на електрични возила на најголемиот автомобилски пазар во регионот паднаа дури за 69 отсто во текот на август, на само нешто повеќе од 27.000 возила. Пресвртот доаѓа откако продажбата во Германија се зголеми пред една година пред владата да ги отфрли стимулациите за електричните компаниски автомобили.
Добро утро, прочитајте ги петте важни вести на почетокот од денот.
Ќе имаат ли шанса патиштата во Македонија: Има нови рокови
Каска реализацијата на планираните капитални проекти во земјава. Податоците покажуваат дека заклучно со 17 септември се потрошени само 37,7 отсто од предвидените пари за капитални расходи.
Новиот директор на јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, вели дека застојот се должи на тоа што многу од проектите што ги наследил со стапувањето на функцијата биле закочени.
„Во овие два месеца се направени напори за да се вратат проектите во живот“, вели тој во изјава за „Блумберг Адрија“, напоменувајќи дека до следниот месец очекува „Бехтел и Енка“ конечно да почне со работа на потегот од Прилеп до Битола.
Кој ќе има пресудна улога во обидот за преземање на „Стопанска банка“ АД Битола?
Ќе успее ли „Комерцијална банка“ АД Скопје во намерата за преземање на „Стопанска банка“ АД Битола е прашање за кое се зголемува интересот како што се наближува 22 септември (недела), ден кога истекува рокот за прифаќање на понудата.
Од „Пелистерка“, која заедно со поврзаното лице „Тимох“ се јавуваат како најкрупни акционери во битолската банка односно поседуваат 21,85 процент од вкупниот број акции, веќе јавно изразија незадоволство од понудената цена од 3.200 денари за акција, со образложение дека таа е ниска и не ја одразува реалната вредност на банката. Анализиравме кои акционери би можеле да имаат одлучувачка улога за успешен или неуспешен исход на понудата на „Комерцијална банка“.
ББА-коментар: Ќе продолжи трендот на намалување на каматните стапки
Централните банки ја олабавуваат рестриктивната монетарна политика преку намалување на референтните каматни стапки, со оглед на тоа што инфлацијата во моментов е под контрола со мала доза на упорност.
Аналитичарите на „Блумберг Адрија“ предвидуваат дека до крајот на годинава Народната банка во Македонија ќе ги намали каматите уште за 30 базични поени. Надвор од границите аналитичарите очекуваат Фед да ја олабави монетарната политика уште за 50 базични поени, а ЕЦБ би требало да биде попретпазлива, со намалување на каматите од 25 базични поени.
ЕУ му наложи на „Епл“ да го отвори оперативниот систем на ајфоните
„Епл“ (Apple) доби предупредување од Европската Унија (ЕУ) да ги отвори своите строго заштитени оперативни системи за ајфон и ајпад за конкурентските технологии или во спротивно ќе се соочи со значителни казни според новите дигитални антимонополски правила.
Надзорните органи на ЕУ објавија дека компанијата мора да се усогласи со строгите нови закони, кои бараат оперативните системи да бидат целосно функционални со други технологии. Властите во Брисел ѝ дадоа на компанијата рок од шест месеци за да се усогласи или ќе се соочи со закана од идни казни.
„Мајкрософт“ пријави обиди за странско мешање во изборите во САД
Претседателот на „Мајкрософт“ (Microsoft Corp.), Бред Смит, предупреди дека опасноста од странско мешање во изборите во САД ќе се зголеми во последните два дена од претседателската кампања.
Смит рече дека „Мајкрософт“ во средата идентификувал „видео обработено со вештачка интелигенција“ од руска група, каде што потпретседателката Камала Харис изговара зборови што не ги кажала на неодамнешен митинг.
Челници од технолошките компании „Мета“, „Гугл“ и „Мајкрософт“ на темава веќе сведочеа пред Сенатот.