Над 700 посетители на најголемиот технолошки настан во Југоисточна Европа, AI Tech Summit, вчера во Скопје слушнаа како играчите на англискиот фудбалскиот гигант „Ливерпул“ со помош на вештачка интелигенција учат подобро да изведуваат корнери.
Бенефитите од ВИ несомнено ќе бидат големи, но сепак, за да се изведе корнер и натаму ќе биде потребен фудбалер. Експертите предупредуваат да не се очекува економска револуција. ВИ ќе може да замени само пет отсто од работниците.
Ова се останатите пет вести кои се важни за почеток на денот.
Политичките игри се главна пречка за ЕСГ во јавните претпријатија во регионот
Недостигот од професионален менаџмент, политичкото влијание врз поставените менаџери и слабата внатрешна контрола се само дел од причините зошто кај јавните претпријатија бавно оди имплементацијата на компонентата Г од таканаречените ЕСГ- стандарди (животна средина, социјални прашања и управување, од англиски: ESG-environmental, social and governance).
Развојот, имплементацијата и следењето на иницијативите поврзани со ЕСГ станаа незаменлив дел од корпоративната одговорност. Додека еколошките и социјалните компоненти често се во центарот на вниманието поради нивните видливи и опипливи резултати, компонентата на управување или Г често останува во сенка.
Денационализацијата „заглави“ во обврзници што ретко кој ги сака
Неколку владејачки гарнитури во изминативе години го прогласија процесот на денационализација за завршен, но се чини дека станувало збор само за политички флоскули, со оглед на тоа што министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во рамките на 23. годишна конференција на Македонската берза, која неодамна се одржа во Охрид, најави дека се работи на донесување одлука за 23-та емисија на обврзници за денационализација во вредност од 1,5 милион евра.
Според неа, со тоа ќе се зголеми понудата на хартии од вредност со кои ќе се тргува на секундарниот пазар на Македонската берза и, следствено, ќе живне тргувањето на берзата. Меѓутоа, актуелните податоци покажуваат дека меѓу инвеститорите нема којзнае каков интерес за овој вид обврзници.
Банките во регионот полека го препознаваат потенцијалот на зелените кредити
Зелените кредити стануваат клучна алатка за финансирање одржливи проекти, овозможувајќи им на граѓаните и на компаниите да го намалат својот јаглероден отпечаток и да придонесат за заштита на животната средина. Иако моментално претставуваат мал дел од банкарските портфолија, растечките регулаторни притисоци и сè поголемата свест за климатските ризици ја забрзуваат нивната важност во банкарскиот сектор.
Зелените кредити се финансиски производи што банките ги нудат за поддршка на проекти што го намалуваат негативното влијание врз животната средина. Овие кредити, кои опфаќаат проекти за енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и одржлива инфраструктура, стануваат сè поважен дел од банкарските портфолија.
Големо спојување во шпедитерската дејност: „ДСВ Холдинг“ ја купува „Шенкер“
Германската „ДСВ Холдинг“ ќе стекне самостојна контрола врз „Шенкер Акциенгезелшафт“ (Шенкер) со што доаѓа до голема концентрација на капитал во шпедитерската дејност на глобално ниво и во Македонија.
Имено, „ДСВ Холдинг“ е глобално друштво за шпедиција и логистика, активно во патните, копнените, воздушните и морските шпедитерски услуги, како и во услугите за договорна логистика. ДСВ управува со својот деловен модел базиран на мали средства во повеќе од 80 земји, нудејќи услуги низ Европа, Америка, Азија-Пацифик, Блискиот Исток и Африка. „ДСВ Холдинг“ има едно регистрирано зависно друштво во Македонија – друштвото за транспорт, логистика и услуги „ДСВ Роуд“, кое е активно во полето на шпедитерски услуги.
Доне Таневски ја зголеми сопственоста во „Македонијатурист“
Доне Таневски, претседател на Надзорниот одбор на „Македонијатурист“ АД Скопје, се стекна со 5.381 обична акција издадени од компанијата и сега поседува 105.829 обични акции, односно 23,40 проценти од вкупниот број издадени акции, соопшти компанијата преку „Македонската берза“.
„Блумберг Адрија“ веќе пишуваше дека во три блок трансакции со вкупна вредност од 108,7 милиони денари (1,7 милион евра) деновиве на Македонската берза беа истргувани вкупно 13.702 акции од „Македонијатурист“ АД Скопје. Во блок трансакција вредна 66,5 милиони денари (околу милион евра) завчера беа истргувани 8.321 акција, кои претставуваат 1,84 проценти од основната главнина на компанијата.