Европската централна банка по третпат годинава ги намали каматните стапки. Депозитната стапка се спушти на 3,25 отсто откако вчера претставниците на ЕЦБ се договорија за намалување од 25 базични поени. Намалувањето беше очекувано, а според „Блумберг“ требаше да биде поголемо.
Одлуката на ЕЦБ ја чекаа и пазарите, па затоа неделава тргувањето беше мешано. Но не беше така во текот на целата година, барем кога станува збор за индексот S&P 500, кој акционерите често го сметаат за инвестиција во американската економија. Индексот што го следи движењето на акциите на 500-те најголеми американски компании на берзата дури 46 пати ја урна сопствената рекордна вредност годинава.
Го анализиравме и домашниот пазар на капитал. Пишувавме кои домашни акции имаат најголем раст годинава, а пишувавме и за интересот на младите Македонци да вложуваат во компаниите од групата седум величествени.
Известуваме и за актуелните случувања - за тетовската градежна компанија „Изо стоне“, која влезе во сопственичката структура на „Македонијатурист“, како и за оставката на Блаж Бродњак од Надзорниот одбор на НЛБ во Скопје.
Прочитајте повеќе:
„Дајнерс клуб Македонија“ планира јавна понуда на акции и котација на берзата
Минатата недела Владата ја утврди фискалната стратегија за периодот 2025-2029 година. Според документот, во 2028 година земјава ќе достигне висок раст од пет отсто. За следната година власта проектира раст од 3,7 отсто. При крај се и преговорите за буџетот за идната година. Она што се знае досега е дека главната битка во 2025 година ќе се води околу платите во јавниот сектор.
Анализиравме и што го очекува пазарот на трудот во услови на забрзана дигитализација. Автоматизацијата се покажува како успешен лек против стареењето на населението и недостигот од работници, но, од друга страна, таа ќе донесе нови професии, кои ќе бидат поплатени. Клучот е во добри политики, кои ќе ги спроведуваат заедно властите, компаниите и синдикатите.
Прочитајте повеќе:
Регионот го очекуваат сурова зима и поскапа струја
Мароко ќе го удвои производството на зелена енергија пред Светското првенство во фудбал
Анализиравме и каде богатите бараат засолниште за своите пари. Македонија има една од најниските стапки на корпоративен данок од само 10 отсто, но истражувањата покажуваат дека висината на стапката не е секогаш одлучувачки фактор при избирањето даночен рај.
На истава тема, Кина објави дека ќе ги даночи ултрабогатите што добивките ги остваруваат во странство.
Неделава беше доделена и Нобеловата награда за економија. Ја доби турско-британско-американското трио Дарон Аџемоглу, Сајмон Џонсон и Џејмс Робинсон, кои објаснија зошто богатите стануваат уште побогати, а сиромашните не напредуваат.