ПОЛИТИКА
Нови преговори за царини во Пекинг?
Европската Унија одлучи да испрати официјални лица во Пекинг на дополнителни разговори, со цел да се најде алтернатива за царините на електричните возила од Кина. Ова го дознава „Блумберг“ (Bloomberg), повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата.
Преговорите следуваат откако официјален Брисел неделава усвои дополнителни царини од дури 35,3 проценти на електричните автомобили од Кина, покрај постојните царини од 10 проценти. Сепак, неименувани извори тврдат дека договор сè уште е можен, дури и сега откако царините стапија во сила. Повеќе детали открива новинарката на „Блумберг“ од Кина.
БИЗНИС
„Мета“ ги зголемува трошоците за вештачка интелигенција?
Водечките американски технолошки компании од групата „величествените седум“ продолжуваат со објавување на деловните резултати.
Последна во низата е „Мета“ (Meta Platforms). Акциите на компанијата во електронското тргување паднаа за речиси три проценти, откако најави силно зголемување на капиталните трошоци во наредната година. „Мета“ предупреди и дека загубите во одделот „Ријалити лабс“ (Reality Labs), кој е фокусиран на вештачка интелигенција, ќе продолжат да се зголемуваат, откако во третиот квартал достигнаа 4,4 милијарди долари.
И „Мета“ и „Мајкрософт“ (Microsoft) пријавија поголеми приходи од очекуваните, но, и покрај тоа, нивните акции паднаа поради пониските проекции во однос на идниот профит.
БЈД ја надмина „Тесла“ по приходи
Корпоративните заработки се во фокусот на инвеститорите и во азискиот регион. Така, акциите на кинескиот производител на автомобили БЈД (BYD) регистрираа пад, иако кварталните приходи првпат ги надминаа приходите на американската „Тесла“ (Tesla). Имено, приходите на БЈД пораснаа за 24 проценти, на 201,1 милијарда јуани (28,2 милијарди долари) во три месеци заклучно со септември, што е под проекциите, но над приходите на „Тесла“ од 25,2 милијарди долари во истиот период.
БЕРЗИ
Европа
Фјучерсите на европските акции утрово се тргуваат во црвено, пред објавувањето на податоците за невработеноста и инфлацијата во еврозоната. Економистите на „Блумберг“ очекуваат дека годишната инфлација месецов скокнала на 1,9 проценти од 1,7 проценти во септември.
Потсетуваме, европските берзи вчерашното тргување го завршија со загуби, иако растот на економијата на еврозоната забрза на 0,4 проценти во третиот квартал.
САД
И фјучерсите на американските индекси тргуваат со загуби, откако силните економски податоци ги ослабеа надежите за намалување на каматните стапки на Федералните резерви (Фед). Имено, американската економија во третиот квартал порасна со стапка од 2,8 проценти, по скокот од три проценти од претходниот квартал.
Азија
Кога станува збор за акциите во азиско-пацифичкиот регион, тие претежно се тргуваат во црвено.
Акциите во континентална Кина бележат мешани резултати, а во Хонгконг раст на вредноста. Јапонскиот јен зајакна во однос на доларот, откако јапонската централна банка ја задржа референтната каматна стапка на досегашното ниво (0,25 проценти).
Таквата одлука следува поради зголемувањето на неизвесноста во однос на перспективите на економијата, а откако владејачката коалиција претрпе најлош изборен резултат од 2009 година.
Цената на нафтата расте
Нафтата поскапе втора трговска сесија по ред откако резервите на сурова нафта во САД се намалија, додека набљудувачите на пазарот ги следат случувањата на Блискиот Исток. Брентот се купуваше за близу 73 долари за барел по зголемувањето од два процента во средата, додека ВТИ (West Texas Intermediate) ја надмина цената од 69 долари.
Потсетуваме, цената на нафтата падна на почетокот на неделата по ударот на Израел врз Иран и повторниот обид да му се стави крај на конфликтот со Хезболах.