„Блумберг Адрија“ неделава ја одржа својата прва годишна конференција во Скопје. Над 200 учесници на конференцијата дебатираа за најважните економски теми во моментов во земјава и глобално – автоматизацијата, геополитиката и пристапот до пари.
Конференцијата ја отвори премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека клучно за забрзување на растот на македонската економија е недостатоците да ги претвориме во предности.
Детална анализа на економијата во земјава направи и аналитичарот на „Блумберг Адрија“ Михаел Блажековиќ. Според него, клучот е во извозот и во тој правец задолжувањето е неопходно, особено затоа што задолженоста на нефинансиските друштва е само 25 проценти во однос на БДП.
Што се однесува до задолженоста на државата, Блажековиќ вели дека по Романија, во земјава има највисок раст – од 40 на над 50 проценти од БДП.
А задолженоста на државата ќе расте. Тоа се гледа и во буџетот за 2025 година, кој Владата неделава го усвои и испрати во Собранието. Планот е идната година државата да потроши рекордни 6,5 милијарди евра – меѓу најголемите ставки се платите и пензиите. Буџетот предвидува растот да изнесува 3,7 отсто, а да биде поттикнат од капитални инвестиции за кои се предвидени, исто така рекордни, над 820 милиони евра. За да се реализираат овие проекти, прво тие треба да се откочат, вели министерката.
Прочитајте повеќе:
Отплатата на кредитите сè уште е проблематична
ББА-коментар: Има простор за мал раст на нефункционалните кредити
Неделава беше објавен податокот за растот во еврозоната во третиот квартал. БДП порасна над очекувањата на аналитичарите, за 0,4 отсто, а и Германија, и покрај сите проблеми во автомобилскиот сектор, избегна рецесија. Во САД, пак, растот е значително посилен, БДП се зголеми за 2,8 отсто.
Растот не е проблематичен кај македонските банки. Кварталните извештаи покажуваат дека „Комерцијална банка“ остварила добивка од близу 72 милиони евра за девет месеци, а НЛБ од над 44 милиони. Ланскиот минус се претвори во плус и кај „Стопанска банка Битола“.
Растот продолжи и во фармацевтскиот сектор во земјава. И „Алкалоид“ и „Реплек“ имаат поголема добивка од лани заклучно со септември. Расте цената и на акцијата на „Македонијатурист“, во последната блок трансакција за една акција купувачот плати 11.070 денари, а целата трансакција надмина девет милиони евра. Со ова продолжи низата големи блок трансакции со акциите на компанијата овој месец.
Прочитајте повеќе:
Каматите ќе паѓаат: Зошто сепак ќе вреди да се штеди?
Македонците инвестираат во злато двојно повеќе од лани
Деновиве во Европската Унија стапија во сила новите царински давачки за кинеските електрични возила. Но дали е на повидок смирување на топката меѓу ЕУ и Кина? Имено, „Блумберг“ откри дека Европската Унија одлучи да испрати официјални лица во Пекинг на дополнителни разговори, со цел да се најде алтернатива за новите тарифи, а според изворите на „Блумберг“, тоа е можно.
Прочитајте повеќе:
Балкански шпион 2.0: Како сајбер-заканите го освојуваат регионот
Сајбер-напади: Нема цена за која хакерите сигурно ќе ги вратат податоците
Неделава ја обележија поплавите во Валенсија, Шпанија, каде што бројот на загинати се искачи на близу 100. Пороен дожд е причина за катастрофата. Причина, пак, за дождот се климатските промени. Обединетите нации неделава предупредија дека последиците од глобалното затоплување допрва ќе стануваат опасни.