ПОЛИТИКА
Избори во Соединетите Американски Држави (САД)
Одбројувањето почнува, а сите очи се вперени во Америка. Граѓаните на САД денеска избираат свој нов претседател.
Прочитај повеќе
Рекорден нето-одлив од американските ЕТФ-ови на ден пред изборите
Групата од 12 фонда управувани од „Блекрок“ и „Фиделити инвестментс“ вчера загуби 579,5 милиони долари, покажуваат податоците на „Блумберг“.
05.11.2024
Харис или Трамп – колку е тоа важно за Македонија?
Претседателските избори во САД се на ден и половина од нас, што ќе значи исходот за Македонија?
04.11.2024
Околу 80 милиони Американци гласаа предвреме, што претставува околу 50 отсто од американските граѓани со право на глас. Посебен фокус ќе се стави на резултатите од седум клучни земји. Трката меѓу демократската кандидатка Камала Харис и републиканскиот кандидат Доналд Трамп е тесна, а за остатокот од светот победа на Харис претставува континуитет, додека победа на Трамп означува хаос. Според истражувањата, шансите за победа на претседателските кандидати се буквално 50:50.
Партијата на Харис во предизборната кампања играше на картата на страв - тие сметаат дека ако победи Трамп, демократијата, слободата и правната држава ќе бидат загрозени. Предизборната кампања на Трамп се базираше на заштита на границите на САД, сузбивање на криминалот и ветување дека сите што немаат регулирани документи ќе бидат депортирани од земјата. Џокерот на кандидатката од редот на демократите е правото на абортус, а џокерот на Трамп е економијата.
БИЗНИС
„Боинг“ конечно успеа да се договори со работниците
На корпоративен план, добри вести стигнуваат од американскиот производител на авиони „Боинг“ (Boeing). Вработените во компанијата гласаа за прифаќање на новиот договор за работа, со што го прекинаа штрајкот што траеше повеќе од седум недели.
Околу 59 отсто од членовите на синдикатот гласаа за договорот, кој вклучува зголемување на платите за 38 проценти во период од четири години, како и зголемување на придонесите за пензија. Прекинот на штрајкот од страна на работниците беше премногу потребен за „Боинг“, кој по несреќата во јануари се бори со предизвици во производството, финансиите и вишиот менаџмент.
ЕКОНОМИЈА
Одлуки од централните банки
Покрај американските претседателски избори, во центарот на вниманието се и одлуките на водечките централни банки, како американските Федерални резерви (Фед), Банката на Англија и централната банка на Австралија.
Кога станува збор за Фед, се очекува дека в четврток ќе ја намали каматната стапка за 25 базични поени откако најновите податоци за пазарот на работна сила покажаа дека вработувањата во САД се зголемиле најбавно од 2020 година, додека стапката на невработеност остана ниска.
Економистите исто така очекуваат дека Банката на Англија ќе ја намали референтната стапка за четвртина поен, на 4,75 отсто. Банката на резерви на Австралија, пак, ја остави непроменета својата клучна каматна стапка, на ниво од 4,35 отсто, што е во согласност со очекувањата.
БЕРЗИ
Европа
Фјучерсите на европските акции денеска се тргуваат мешано, додека светските пазари се позиционираат за почеток на американските претседателски избори.
Да потсетиме, европските берзи вчерашното тргување го завршија претежно во црвено. Францускиот индекс CAC 40 и германскиот DAX паднаа за повеќе од половина процент, додека лондонскиот FTSE забележа раст од 0,1 отсто.
САД
Од другата страна на океанот, фјучерсите на американските акции се во зелено додека инвеститорите го чекаат почетокот на гласањето во САД. Покрај тоа, американските берзи неделава ја чекаат и одлуката на Фед, како и дополнителни извештаи за заработките на американските компании.
Доларот е стабилен, а приносите на десетгодишните државни обврзници благо пораснаа. Различните резултати од изборите ќе го одведат доларот во спротивни правци.
Раководителот за истражувања на „Пеперстоун груп“ (Pepperstone Group), Крис Вестон, вели дека победа на Харис гарантира продажба на доларот, додека победа на Трамп ќе донесе раст на валутата од еден или два отсто.
Азија
Кога станува збор за акциите во азиско-пацифичкиот регион, со нив се тргува претежно во зелено, а најголеми добивки бележат индексите во континентална Кина и Хонгконг.
Доларот расте на крилјата на податоците за раст на кинеските услужни активности со најбрзо темпо од јули, како и поради коментарите на премиерот дека земјата има доволно простор за политика за поддршка. Во Јапонија јенот падна во однос на доларот.
Нафта
Додека инвеститорите се фокусираат на американските избори, цената на нафтата се стабилизира по вчерашниот скок поради тензиите на Блискиот Исток и одлуката на ОПЕК+ (Организација на земји извознички на нафта и нивни сојузници) да продолжи со ограничување на понудата на оваа суровина.
Нафтата брент се купува по цена од близу 75 долари за барел по растот од три отсто во претходната сесија на тргување, додека цената на ВТИ (WTI-West Texas Intermediate) е нешто над 71 долар. Јужна Кореја размислува за зголемување на увозот на енергенти од САД доколку победи Трамп, со цел да го намали трговскиот суфицит на земјата со Америка.
Голема несигурност се гледа и на пазарите на други главни суровини, вклучувајќи го златото, чија цена едвај се промени во пресрет на денот на изборите.