Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп има рано водство на изборите во САД. По оваа вест биткоинот скокна на нова рекордна вредност од 75.000 долари.
Сепак, ова ќе биде долга изборна ноќ во САД, а според аналитичарите може да се претвори и во долга изборна недела затоа што трката остана тесна до самиот крај, а пребројувањето во клучни држави е во тек.
Добро утро, ова се петте важни вести што треба да ги знаете утрово.
Амбасадорката Анџела Агелер очекува мирна транзиција на власта во САД
Како амбасадорка во Македонија мојата порака е дека е од витална важност секој граѓанин да излезе и да гласа, изјави американската амбасадорка Анџела Агелер во текот на вчерашниот ден, додавајќи дека и таа го дала својот глас на претседателските избори во САД, кои се најавуваа како едни од најнеизвесните во модерната историја на земјата.
„Гласањето во демократијата е света одговорност и огромна привилегија. Јас гласав. Се надевам и очекувам дека ќе има мирна и фер транзиција на власта. Тоа е она што го очекуваме сите и се надеваме дека така и ќе биде“, рече амбасадорката во изјава за медиумите.
Изборите во САД нема да влијаат на Фед, каматната стапка ќе падне
Очекуваме Фед да продолжи да ги намалува каматните стапки, но на утрешниот состанок со побавно темпо, односно да ги намали каматните стапки за 25 базични поени, велат од аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“.
„Конкретно, на овој состанок не очекуваме изборите да имаат влијание врз одлуката, имајќи предвид дека седницата е веднаш по изборите, како и поради независноста на централната банка. Резултатите од изборите можат да влијаат само на идната динамика на монетарната политика на Фед, особено ако има промени, а во согласност со натамошните сигнали од американската економија“, се наведува во прогнозата.
Поскапуваат главните состојки за апчињата
Една таблета кафетин содржи парацетамол, пропифеназон и кодеин - состојки што имаат аналгетско дејство. Таблетата содржи и кофеин, кој во случајов е помошна состојка што го подобрува дејството на претходните три.
Од вкупно четири состојки во кафетинот, на листата со критични медикаменти во Европа има две - парацетамолот и кофеинот. Листата за првпат е создадена лани во декември и на неа има над 200 активни супстанции за лекови за човечка употреба.
На првата верзија на листата се ставени голем број основни лекови, вклучувајќи и антибиотици и лекови за третман на рак, а недостигот во исто време се должи и на регулаторни предизвици и на кревките синџири на снабдување.
Нетанјаху го разреши министерот за одбрана
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го разреши својот министер за одбрана, Јоав Галант. Овој потег доаѓа 14 месеци од војната на Блискиот Исток, предизвикана од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.
Нетанјаху рече дека се развила „криза на доверба“ меѓу него и Галант.
Тој посочи дека имало премногу „значајни празнини“ меѓу нив околу управувањето со израелските војни.
Позицијата на Галант ќе ја заземе досегашниот министер за надворешни работи, Израел Кац, а неговата функција во иднина ќе ја извршува Гидеон Сар, кој претходно беше министер без ресор.
Штрајкот во „Боинг“ заврши, платите ќе се зголемат за 38 отсто
Работниците во „Боинг“ (Boeing) со гласање го прифатија новиот колективен договор и го завршија штрајкот кој во последните 53 дена го попречуваше производството на авиони, со што се создадоа услови за закрепнување на бизнисот и финансиската состојба на американскиот производител.
Околу 59 отсто од членовите на синдикатот гласаа за најновиот предлог договор, кој предвидува зголемување на платите за 38 отсто во текот на следните четири години, како и дополнителни придонеси за пензија, пренесе подружницата на Меѓународното здружение на машински и аеронаутички работници (IAM) која претставува 33 илјади штрајкувачи.