Потребни се сериозни мерки за да се справиме со високото ниво на аерозагаденост во Скопје со кое се соочуваме со години наназад, а не гледаме дека нешто се менува вели Горјан Јовановски, главен извршен директор и основач на EarthCare.ai.
Тој посочува дека треба да се види точно колкаво е загадувањето што го прави индустријата и да се направат мерења од најголемите до најмалите фирми, да запре греењето на дрва и државата да направи сериозни инвестиции - во спротивно последиците ќе бидат уште поголеми од она што се сега.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Јаглеродна давачка – удар за извозните производи
Од 1 јануари 2026 година домашните компании ќе подлежат на регулативата за воведување јаглеродна давачка која ја донесе Европската унија во 2022 година со цел справување со климатските промени. Целта е цената на увезените производи да ја рефлектира содржината на јаглероден диоксид за која производителите во ЕУ плаќаат таква давачка.
Од механизмот најзасегнати ќе бидат македонските производители на цемент, железо и челик. Според статистичките податоци лани овие дејности учествувале со 12 отсто во вкупниот извоз од земјава, а над половина од производите се пласираат на пазарите на Европската унија.
Електронските пари стануваат реалност во Македонија
Изминува втората година откако на почетокот на 2023-та стапи во сила новиот закон за платежни услуги и платни системи, кој требаше да донесе либерализација односно нови платежни услуги на македонскиот пазар, како и издавање на таканаречените електронски пари. Сепак, од Народната банка информираат дека од почнувањето на примената на новиот закон досега не издале ниту една дозвола за издавање електронски пари.
„Народната банка има проактивен пристап и со сите потенцијални апликанти што имаат изразено интерес за добивање дозвола за издавање електронски пари сѐ уште е во фаза на спроведување процес на консултации околу постапката за лиценцирање и потребната документација“, велат од Народната банка.
Македонскиот е-купувач прави зделки до 50 евра
Македонскиот е-купувач е сличен на балканскиот, добро е поврзан со интернет, но главно го користи за социјални медиуми, телефонирање, видеоповици... Најчесто прави нарачки до 50 евра и купува облека. Притоа, тоа не му е навика, туку го прави еднаш-двапати во три месеци, што значи дека е „случаен онлајн купувач“. Генерално, плаќа во готово при доставата и прави зделки со домашни продавачи.
Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Нина Ангеловска Станков, на вчерашната 7. регионална конференција за е-трговија, која се одржа во Скопје, посочи дека некои од причините за ваквите карактеристики се немањето доволно дигитални вештини, ниското ниво на користење е-банкарство, немањето навики за плаќање со картичка, како и немањето доверба дали ќе стигне производот.
Скопските плати над просекот, а останатите региони?
Во Македонија има големи разлики во висината на просечната плата во зависност од географската местоположба. Новите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека од вкупно осум региони, единствено просечната плата во Скопскиот Регион го надминува државниот просек додека платите во сите останати региони се под просекот.
Имено, во текот на 2023 година просечната плата во Македонија била 36.624 денари, а во Скопскиот Регион изнесувала 41.410 денари, што е 13,1 проценти над државниот просек. Најнизок просек на исплатена нето-плата по вработен од 29.744 денари за 2023 година е забележан во Вардарскиот Регион, што е за 18,8 проценти помалку во однос на вкупниот просек во Македонија.
Каматната стапка на потрошувачките кредити и натаму ќе расте
Растот на националната референтна каматна стапка (НРКС) не запира, што ќе води до ново зголемување на каматните стапки на потрошувачките кредити. Оваа каматна стапка порасна во ноември и сега изнесува 2,43 отсто.
НРКС ја утврдуваат деловните банки организирани во Македонската банкарска асоцијација. Таа се менува на секој 25-ти ден од месецот.
За утврдување на оваа каматна стапка се земаат предвид денарските депозити без валутна клаузула договорени со домаќинствата и нефинансиските институции, а тоа значи дека потоа банките ја земаат предвид при пресметка на променливите камати за потрошувачките кредити во денари.