ПОЛИТИКА
Трамп ги избра Маск и Рамасвами за лидери на Министерството за ефикасност на владата
Милијардерот Илон Маск и претприемачот Вивек Рамасвами ќе го предводат новото Министерство за ефикасност на владата, со задача да „ја урне владината бирократија, да ги укине непотребните прописи, да ги намали непотребните трошоци и да ги реструктурира федералните агенции“, најави новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.
Да потсетиме, Трамп за време на кампањата рече дека Министерството ќе развие план за елиминирање „измами и неправилни плаќања“, спроведувајќи „целосна финансиска ревизија и ревизија на ефектот“ на федералната влада. Трамп порача дека Министерството за ефикасност на владата ќе биде партнер со канцеларијата за управување и буџет на Белата куќа и истакна дека нивната работа ќе заврши најдоцна до 4 јули 2026 година - на 250-годишнината од нацијата.
Сè уште не е јасно колкаво ќе биде Министерството, ниту неговата структура, но и како Маск и Рамасвами ќе ја започнат драстичната реконструкција на владата што ја ветија. Структурата би можела да му овозможи на Маск да избегне федерални правила за конфликт на интереси, кои би можеле да наложат отуѓување и оставка во неговите компании, вклучувајќи ги „Тесла“ (Tesla Inc.), најголемиот светски производител на електрични возила, и „Спејс екс“ (SpaceX), кој доминира на светскиот пазар за лансирање ракети.
Најсмртоносниот напад во Кина во последната деценија
Триесет и пет луѓе загинаа во јужна Кина откако возач со својот автомобил влета во толпа. Ова е најсмртоносниот напад во земјата во последната деценија, а економското забавување на земјата предизвикува сè повеќе насилство. Имено, маж со презиме Фан влета со својот џип во толпа пешаци пред спортскиот центар во градот Жухаи околу 20 часот во понеделникот, извести државната централна телевизија на Кина речиси 24 часа по нападот. Полицијата го припиша овој чин на незадоволството на 62-годишниот напаѓач поради договорот за развод, сугерирајќи дека постоел имотен спор.
КРИПТОВАЛУТИ
Биткоинот се лади по скокот од 32 процента по победата на Трамп
Растот за биткоинот запре малку, додека трговците го проценуваат преостанатиот ефект што ќе го има поддршката од новоизбраниот претседател Доналд Трамп на пазарот. Така, вредноста на најголемата светска криптовалута се спушти на речиси 88 илјади долари, по вчерашниот раст на речиси 90 илјади долари.
БЕРЗИ
Европа
Фјучерсите на европските акции се тргуваат мешано, додека инвеститорите чекаат податоци за индустриското производство во еврозоната и податоци за инфлацијата во САД. Да потсетиме, европските берзи вчерашното тргување го завршија во црвено. Најголем пад забележа францускиот индекс CAC 40 - 2,69 проценти, веднаш по него беше германскиот DAX, додека лондонскиот индекс FTSE 100 забележа загуби од 1,22 проценти.
САД
Истовремено, фјучерсите на американските акции се тргуваат во црвено, додека трговците ги очекуваат податоците за инфлацијата. Аналитичарите предвидуваат дека вкупниот индекс на потрошувачки цени пораснал за 0,2 проценти четврти месец по ред. Претседателот на Фед од Минеаполис, Нил Кашкари, порача дека Фед внимателно ќе ги следи податоците за инфлацијата за да утврди дали е соодветно уште едно намалување на каматните стапки на декемврискиот состанок.
Азија
Кога станува збор за акциите во азиско-пацифичкиот регион, тие паднаа на најниско ниво во речиси два месеца поради загриженоста дека тарифите предложени од новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и изборите за клучни административни позиции би можеле да ја поттикнат инфлацијата. Најголем пад забележа регионалниот индекс, а веднаш по него и акциите во Јапонија и во Хонгконг.
НАФТА
Нафтата се стабилизира близу најниското ниво месецов, а фокусот на пазарот е на прогнозите за побарувачката, откако ОПЕК ги намали проекциите поради забавувањето на кинеската економија.
Со брентот се тргуваше близу 72 долара за барел, откако во вторникот заврши на речиси исто ниво, додека ВТИ (West Texas Intermediate) беше над 68 долари. ОПЕК ги намали прогнозите за раст на побарувачката четврти месец по ред, но картелот сè уште останува пооптимистичен во однос на другите аналитичари, додека многумина предупредуваат на можноста за вишок понуда следната година.
Со нафтата се тргуваше во тесен опсег од средината на минатиот месец, а трговците ги следат трендовите на кинеската потрошувачка, тензиите на Блискиот Исток, како и можните последици од повторниот избор на Доналд Трамп за претседател на САД.