Можат ли европските производители на челик да се справат со бранот евтин увоз од Кина, земја што произведува повеќе од една милијарда тони годишно, е прашање на кое бараме одговори, со оглед на тоа што и во Македонија има производители на челик што имаат значителен придонес кон македонскиот БДП. По најавите дека во Полска ќе се гради нуклеарна електроцентрала, анализираме каква е енергетската слика во регионот и во Македонија.
Прашуваме што се случува со криптосредствата по смртта на нивните сопственици и дали тоа прашање се регулира со постојните закони. Откриваме во какви станови живеат македонските граѓани од аспект на квадратура и опременост, како и дали се нивни сопственици или плаќаат закуп. Презентираме кои се државите и градовите во светот што се лидери во стартапи за вештачка интелигенција и дали меѓу нив има земји и градови од регионот Адрија. Истовремено, анализираме какво е влијанието на вештачката интелигенција врз уметноста.
Истражуваме што најмногу увезува Македонија, а што најмногу извезува и кои се најегзотичните земји со кои имаме трговска размена. Со оглед на тоа што возниот парк во Македонија надмина 500.000 возила, од кои најмногу се употребувани, откриваме како најлесно да се провери дали се купуваат возила со штелувана километража.