Откако Сент Паули стана првиот клуб од Бундеслигата што на 14 ноември ја напушти мрежата Х, уште неколку германски фудбалски клубови критички го следат развојот на настаните, не исклучувајќи ја можноста да го направат истото.
Германскиот клуб Сент Паули ја опиша мрежата Х како „машина за омраза“ откако на нејзино чело застана најбогатиот човек на светот. Клубот, исто така, изрази загриженост за влијанието на целата оваа ситуација и корелацијата со исходот на претстојните, предвремени избори во Германија.
Од Баер Леверкузен велат дека внимателно ќе испитаат дали платформата Х активно се меша во алгоритмите за постигнување политичко влијание. Доколку тоа биде случај и се утврди дека ситуацијата му наштетува на Леверкузен, германскиот шампион би се повлекол.
Прочитај повеќе
Неделен преглед: Маск министер за домаќинско работење, лудило за крипто и „Тему“
Македонија за 30 години не го најде својот Илон Маск кој ќе се справи со јавниот сектор
15.11.2024
Десетте најбогати луѓе остварија рекордна добивка по победата на Трамп
Богатството на десетте најбогати луѓе во светот се зголеми со дневен рекорд откако Доналд Трамп освои втор претседателски мандат.
07.11.2024
„Тесла“ расте, облогот на Маск за Трамп жнее награди
Инвеститорите се обложуваат дека производителот на автомобили ќе има главна полза од победата на републиканскиот кандидат.
06.11.2024
„Билд“ го пренесе и ставот на клубот Волфсбург: „Многу критички ја следиме моменталната ситуација околу Твитер/Х и Илон Маск. Сакаме да допреме до нашата целна група без влијанија и да обезбедиме дополнителна вредност за VfL и Бундеслигата. Радикализацијата на содржината, јасната ориентација кон десницата и, секако, ангажманот на Маск во американскиот политички живот значат дека повеќе од кога било размислуваме за напуштање на мрежата“.
Хановер 96 изјави дека веќе некое време ја следи ситуацијата „многу внимателно и критички“, но засега ќе остане на платформата. Слични соопштенија издадоа и клубовите Штутгарт, Лајпциг, ФК Аугсбург, Бремен и Хофенхајм.
Истражувањето на „Спортшау“ (Sportschau), спроведено пред американските избори одржани на 5 ноември и прогласувањето на Трамп за победник, веќе покажа дека речиси сите клубови од Бундеслигата беа критички настроени кон платформата Х под водство на Илон Маск. Сепак, не кријат дека им е потребна Х за да допрат до публиката и пошироката јавност.
Општиот консензус е таков што, додека не постои алтернатива, многумина едноставно не можат да си дозволат да ја напуштат Х.
Да потсетиме, до расколот меѓу платформата Х и разни компании и јавни личности дојде откако компанијата ја презеде Илон Маск, за многумина контроверзен бизнисмен, основач на „Тесла“ и моментално најбогатата личност во светот. Маск е познат по својот остар јазик и залагањето за слобода на говорот, поради што со текот на времето стекна и блиски врски со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп. Тој однос резултираше и со вклучувањето на Маск во политиката.
Имено, републиканецот кој по вторпат се враќа во Белата куќа го избра Маск и претприемачот Вивек Рамасвами да го водат новото министерство за ефикасност на владата. Тие имаат задача да „ја разрушат владината бирократија, да укинат непотребни прописи, да ги намалат непотребните трошоци и да ги реструктурираат федералните агенции“, најави Трамп.
Веднаш штом стана сопственик на Твитер, односно мрежата Х (октомври 2022), Маск ја укина забраната на Доналд Трамп, односно му го врати налогот на оваа платформа.
„Народот проговори“, твитна тогаш Маск, велејќи дека 51,8 отсто од повеќе од 15 милиони корисници на Х гласале за укинување на забраната. Претходното раководство на компанијата донесе одлука за забрана на налогот на Трамп само неколку дена по упадот на републиканците во американскиот Капитол во Вашингтон, на 6 јануари.
Може да се каже дека особено од тој момент започнува зближувањето на Трамп и Маск, кое кулминираше во предизборната кампања кога сопственикот на „Тесла“, „Спејс екс“ и мрежата Х јавно го поддржа новоизбраниот претседател, ветувајќи 45 милиони долари месечно на групата која го поддржува Трамп. Потсетуваме и дека Маск, по победата на Трамп, заедно со уште некои лидери, стана уште побогат.