Компанијата „Неуралинк“ (Neuralink Corp.), проект на Илон Маск за поврзување на мозокот со компјутери, и ривалите како „Сајнс корп“ (Science Corp.) постигнуваат напредок во технологијата што може да им помогне на пациентите со сериозни проблеми со видот, барајќи речиси научно-фантастични решенија за распространети заболувања како што е макуларната дегенерација.
Во септември „Неуралинк“ доби одобрување од Администрацијата за храна и лекови (FDA) за да го забрза својот процес на регулација на технологијата за вид, наречена „Блајндсајт“ (Blindsight). Минатиот месец, „Сајанс“, стартап за мозочно-компјутерски интерфејси под раководство на поранешниот претседател на „Неуралинк“, Макс Ходак, ги објави резултатите од клиничко испитување што покажуваат делумно обновување на видот кај пациенти кои страдаат од старосна макуларна дегенерација.
Овие компании се придружени од неколку други стартапи и академски истражувачи кои се обидуваат да го подобрат видот на пациентите, додека полето на мозочно-компјутерска технологија добива поддршка од инвеститорите и сè поголема прифатеност од страна на регулаторите. Досега, „Сајнс“ има собрано 150 милиони долари од инвеститори, а „Неуралинк“ повеќе од 600 милиони долари.
Прочитај повеќе
Првиот пациент од „Неуралинк“: Бев целосно воодушевен
Уредот на „Неуралник“, исто така, има многу повеќе електроди од уредите на повеќето конкуренти
28.08.2024
Маск гледа иднина во чиповите за луѓе, го делат ли тој став и нашите експерти
Концептот изгледа како сценарио за серијата „Блек мирор“ , но, сепак, реалност е дека „Неуралинк“ се стреми да развие таква технологија.
14.02.2024
Маск објави дека неговиот стартап вградил мозочен имплант кај човек
Илон Маск објави дека прв пациент добил мозочен имплант од неговиот стартап „Неуралинк“.
30.01.2024
„Враќањето на видот кај пациентите ќе биде првата револуционерна примена“ на мозочно-компјутерските интерфејси, изјави Ходак во интервју. Во случајот на „Сајанс“, 32 од 38 пациенти во студијата покажале значителни подобрувања, според компанијата. На стандардна табела за вид, пациентите можеле да читаат помали букви, во просек речиси пет редови пониско. Еден пациент имал подобрување од речиси 12 редови.
Истражувачите предупредуваат дека неодамнешните достигнувања не значат дека на повидок е вистински лек за слепило. „Навистина е важно потенцијалните пациенти да не ги зголемуваат своите надежи и очекувања“, изјави Синг Чен, доцент по офталмологија на Универзитетот во Питсбург и ко-основач на „Посфеникс“ (Phosphoenix BV), кој работи на свој уред. Повеќето луѓе, „нема да можат да гледаат повторно или да користат импланти на дневна основа во наредните неколку години“.
Но, Чен исто така укажа и на „експлозија од интерес“ за ова потенцијално ветувачко поле.
Новата динамика ја одразува напредокот во неколку различни технологии, вели Јагмур Гучлутурк, доцент на Универзитетот Радбауд во Холандија. „Полиња како што се вештачката интелигенција, материјалните науки, хируршката роботика, технологиите за безжична комуникација и дизајнот на микрочипови постигнаа значителен напредок“, рече таа.
Други стартапи што работат на технологија за слепило и слаб вид се „Ревижн“ (ReVision), белгиска компанија која развива систем заснован на имплант и очила со вградена видеокамера. Во септември, шпанскиот стартап „Инбрејн“ (Inbrain) соопшти дека нивниот уред бил поставен во човечки мозоци, барем привремено, за прв пат. Главниот научен директор Хозе Антонио Гаридо рече дека иако „Инбрејн“ прво ќе работи на уреди за третирање на состојби како Паркинсонова болест, видот е сепак во нивната сфера на интерес.
Технолошки напредок во обновата на видот
Стартапите што се стремат да го вратат видот на пациентите користат различни стратегии. Во „Сајанс“, истражувачите развиваат имплант што се поставува директно во окото, под ретината. Ова се разликува од другите планирани уреди на компанијата, кои ќе поставуваат електроди во мозокот – пристапи што на крајот би можеле да се надополнуваат.
„Една од причините поради која се фокусираме на ретината е што е лесно достапна за хируршка интервенција,“ рече Ходак, додавајќи дека имплантацијата може да се изведе како 80-минутна амбулантска процедура. Тоа е „огромна корист, со минимален ризик.“
Системот на „Сајнс“, наречен „Прима“, минатата година доби статус на „пробив“ од FDA, означување кое има за цел да го скрати регулаторниот процес. „Неуралинк“ објави дека истото означување го има за „Блајндсајт“, а добиено е и во 2020 година за нивните мозочни импланти. Технологијата за „Прима“ потекнува од францускиот стартап „Пиксиум вижн“ (Pixium Vision), кој „Сајнс“ го купи порано оваа година.
На долг рок, истражувачите веруваат дека најдобриот начин за подобрување на видот ќе биде работата во визуелниот кортекс наместо во ретината, бидејќи визуелниот кортекс е поголем, овозможувајќи воведување на повеќе електроди и можност за подобра резолуција – иако видот сè уште ќе биде заматен.
„Во визуелниот кортекс, имате повеќе простор,“ вели Гаридо од „Инбрејн“. „Опсегот на индикации што можете да ги адресирате е поголем,“ додаде тој, мислејќи на различните типови слепило. Терапијата базирана на импланти во визуелниот кортекс може да се примени и кај пациенти со сериозна дегенерација на ретината или оптичкиот нерв, што не е случај со ретиналните импланти.
Технологијата за ретинални импланти доживеа голем напредок, но и неуспеси. Една ветувачка компанија, „Секонд сајт“ (Second Sight Medical Products), остана без средства во 2020 година, оставајќи ги своите пациенти без резервни делови и софтверски надградби за производот „Аргус“ (Argus). Оттогаш се спои со друга компанија, најавувајќи ограничена поддршка за корисниците.
Во меѓувреме, други технологии, како што е терапијата со клетки за макуларна дегенерација, исто така напредуваат и би можеле да завршат како конкуренција за имплантите за вид. На пример, компанија за терапија со клетки наречена „Селино“ (Cellino) има собрано речиси 100 милиони долари од инвеститори, вклучувајќи го и „Косла“ (Khosla Ventures), според податоци од „Пич бук“ (PitchBook).
Технологијата насочена кон обновување на видот има долга историја, а напорите за подобрување на видот со помош на електроди имплантирани на или во визуелниот кортекс се во развој од 1970-тите. Генерално, пациентите по третманот можат да видат заматени блесоци наместо остри слики. Сепак, многумина велат дека дури и тие блесоци претставуваат подобрување на нивниот квалитет на живот.