Нов Зеланд размислува да воведе такса за туристите, и за локалните и за меѓународните, при посета на националните паркови и други јавни површини кои се дом на некои од најживописните пејазажи во земјата.
Многу од значајните дестинации се достапни без никаков надомест. Со растот на бројот на посетители, притисокот за одржување станува сè поскап, а постојат и грижи за влијанието врз уникатните растенија и дивиот свет во земјата.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Невработеност: Македонија има „најлоша“ понуда во регионот
Во регионот Адрија, пазарот на трудот е речиси исцрпен во Словенија и Хрватска, додека во остатокот од регионот е сè позатегнат. Во сите земји од регионот, во последните години се бележи пораст на вработеноста поради растот на економијата, но и намалување на невработеноста, која ја поврзуваме со истата, со делумно намалување поради иселувањето од овие земји, посочуваат од аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“.
Во регионот, лошата понуда на работна сила изнесува во просек 14,8 отсто од вкупната работна сила, што е над просекот на ЕУ. Овде водат земјите кои не се членки на ЕУ. Македонија со 24 отсто, БиХ околу 18 отсто и Србија околу 16 отсто од потенцијалот за вработување. Во овие земји работната сила не се користи оптимално и се губи продуктивноста на економијата.
Кинескиот челик ја вала Европа, а виетнамскиот Македонија
Кинескиот извоз станува сè посериозен проблем за ЕУ, и тоа во повеќе сегменти. По автомобилската и авионската, потоа индустријата со ветерници, како и производството на батерии за електрични возила, сега алармот го вклучува и челичната индустрија.
Имено, минатата недела челичниот гигант „Арчелор Митал“ (ArcelorMittal SA) повика на трговски мерки за справување со конкуренцијата од Кина. Домашното производство во ЕУ во споменатите сектори е загрозено поради, како што велат европските компании, нелојалната конкуренција од Кина, чии цени на производите се дури и под нивото на трошоците на европските производители.
„Ние сме најмногу загрозени од Виетнам (и помалку од другите азиски земји), бидејќи доаѓаат и напаѓаат со бродови со огромни количества, кои се на штета на нашиот извоз. Околу 70 проценти од резидуалната квота отпаѓаат на Виетнам, па дури не можеме ни да бидеме конкурентни“, велат, пак, од компанијата „Либерти Скопје“ за „Блумберг Адрија“.
Нема конечен договор меѓу Владата и банките околу заемот од Унгарија
Премиерот Христијан Мицкоски по средбата со Македонската банкарска асоцијација на која се прецизираа условите под кои бизнис секторот ќе може да ги користи 250-те милиони евра од унгарскиот заем, во однос на каматата, рече дека е изразена волја од двете страни за доближување на ставовите.
„Во делот на каматата ќе се преговара уште оваа недела и очекувам дека до крајот на следата недела, во втората половина веќе би имале некаков став поврзан со тоа прашање и на тој начин би го заокружиле сето ова и конечно да почнеме сето ова да го аплицираме и да се пренесе на стопанството. Во моментов се приближуваат ставовите. Не би зборувал сега за проценти, би зборувал повеќе за изразена волја од двете страни за доближување на ставовите“, рече Мицкоски.
Како се менува начинот на кој комуницираме со вештачката интелигенција
Многу од вниманието во 2022 година беше насочено кон системите за вештачка интелигенција (ВИ) кои можат да генерираат текст и слики. Денес постојат независни ВИ услуги кои можат да клонираат нечиј глас, да создадат песна за неколку секунди или да направат кратки видеа. Сè повеќе, компаниите за вештачка интелигенција се фокусираат на „мултимодални“ системи кои можат да обработуваат и одговараат на различни видови на влезни содржини, вклучувајќи текст, слики и аудио.
Во исто време, технолошките компании инвестираат во т.н. агенти кои можат да резервираат патувања, пишуваат кодови и обработуваат други задачи за корисниците со минимален човечки надзор.
„Ќе имаме подобри и подобри модели“, напиша извршниот директор на „Опен еј-ај“ (OpenAI) Сем Алтман, во објава за време на сесијата Ask Me Anything на Редит во октомври. „Но, мислам дека она што ќе изгледа како следен голем пробив ќе бидат агентите.“
САД и Кина се согласија: Нуклеарното оружје не треба да го контролира ВИ
Американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот претседател Шји Џјинпинг на нивната веројатно последна официјална средба се согласија дека двете земји нема да ја предадат контролата врз нуклеарното оружје на програми за вештачка интелигенција, соопшти Белата куќа.
„Ова е важна изјава за преклопувањето на вештачката интелигенција и нуклеарната доктрина, и е одраз на тоа како, дури и со конкуренцијата меѓу САД и НР Кина, би можеле да работиме на одговорна основа за управување со ризикот во виталните области“, им изјави на новинарите по состанокот советникот за национална безбедност, Џејк Саливан.
„Добро место за почеток е со директниот предлог дека треба да има човечка контрола врз одлуката за употреба на нуклеарно оружје“, додаде тој.