Владата на вонредна седница одлучи да позајми дел од државните нафтени резерви на градот Скопје со цел да се нормализира јавниот превоз.
Со ова, како што се потенцира, Владата го затвора прашањето со настаната препрека во работењето на градското претпријатие за јавен сообраќај.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Нема веќе извоз на градежни услуги од Македонија
Повозрасните читатели се сеќаваат дека градежните фирми од Македонија, некогашните гиганти „Пелагонија“, „Бетон“, „Маврово“, кои повеќе ги нема, и „Гранит“, кој единствен остана од „големата четворка“ да опстојува и денес, градеа огромни инфраструктурни и други видови проекти, не само на територијата на поранешна Југославија туку и на странските пазари, претежно на Блискиот Исток и во Северна Африка.
Но, за жал, од некогашните по стотици милиони долари годишно вредните зделки што македонските градежни компании ги извршуваа во странство, денес не е останато практично ништо. Ако пред дваесетина години биле забележани градежни услуги изведени на странски пазари од по 60-70 милиони евра (а претходно и многу повеќе), сега се паднати на два-три милиони евра годишно.
Здружувањето на винарниците од регионот е неопходно
Ограничени со своите капацитети, и производствени и суровини, производителите на вино од регионот треба да ги здружат силите за да ги пласираат своите производи надвор од границите на нивната матична земја, посочува нашиот аналитичар Немања Ѓурѓевиќ.
Како што вели тој, регионот Адрија зрачи со поволни климатски и географски услови, кои на микролокации им овозможуваат на винарниците да направат производи специфични за ова поднебје.
„Висококонкурентниот пазар е ограничувачки фактор за сите винарници, така што пласманот на производите е многу ограничен. Поагресивен маркетинг-пристап за промоција на националните можности во производството на вино на винската листа на Европа е првиот чекор во исполнувањето на потенцијалот на секоја 'мала' винарница“, се наведува во анализата.
Доларот на пат да стане „посилен за подолго“
Кривата на Bloomberg Dollar Spot Index, кој што ги следи перформансите на кошницата од десет водечки светски валути наспроти американскиот долар почна вртоглаво да оди нагоре по 5 ноември годинава откако се дознаа резултатите од претседателските избори во САД, на кои победи Доналд Трамп.
Иако изминатава недела има мали дневни повлекувања надолу, што некои светски аналитичари го толкуваат како затишје од еуфоријата предизвикана од изборните резултати, сепак преовладува мислењето дека перспективите за вредноста на доларот се многу порозови отколку за еврото.
„Едно евро сега вреди 1,05 долари. Ако ова ниво во следните денови или недели се пробие тогаш може да очекуваме паритет евро-долар, а можно е и понатаму да има и посилен долар во однос на еврото. Но се зависи како ќе издржи сегашното ниво од 1,05“, вели Бојан Цветановски член на Извршниот одбор на АЦИ Македонија.
„Уника“ го продава осигурителниот бизнис во Македонија
„Уника иншуренс груп“ (UNIQA Insurance Group AG) одлучи да го продаде својот осигурителен бизнис во Македонија, Албанија и Косово. Во информацијата објавена на терминалот на „Блумберг“ се вели дека како дел од своето стратешко управување со портфолиото „Уника иншуренс груп“ континуирано ги оценува сите пазари на кои е активна во однос на нивните перспективи.
Управниот одбор и Надзорниот одбор на „Уника иншуренс груп“ одлучиле да го продадат целото учество на „Уника“ во „Сигал Уника груп Австрија“ (90 отсто од акциите) на Авни Понари, основач и малцински акционер на „Сигал груп Австрија“. Договорот за купопродажба на акции се очекува да биде потпишан во наредните денови. Набавната цена е предмет на доверливост.
„Фолксваген“ под ризик од масовни штрајкови, преговорите во ќор-сокак
„Фолксваген“ (Volkswagen AG) се соочува со растечка закана од масовни штрајкови додека извршните директори и синдикалците се расправаат околу тоа како да се реструктурира најголемиот производител на автомобили во Европа.
Раководството размислува за мерки многу порадикални од оние што синдикатите се подготвени да ги прифатат, вклучувајќи затворање или продажба на неколку фабрики во Германија - кршејќи табу во земјата позната по својот поконсензуален пристап кон работните односи.
Ако компанијата не е подготвена да направи компромис, тогаш треба да се подготви за „индустриски спор околу фабриките каков што земјата не видела со децении“, изјави во средата Торстен Грогер, главен преговарач од страна на работниците, на прес-конференција во Волфсбург.