Приближно 700 метри широк базен со вода што клокоти во Балтичкото Море поради пукањето на гасоводот „Северен тек“ укажува на климатска катастрофа.
Тоа е највидливото од трите големи истекувања на гас кои потекнуваат од гасоводите што ја поврзуваат Русија со Германија. Научниците се обидуваат да утврдат колку метан, еден од најмоќните стакленички гасови, избегал во атмосферата. Стравот е дека тоа би можело да биде едно од најлошите ослободувања на метан во историјата.
Причината за трите речиси симултани пукања на гасоводот не е потврдена, но европските и американските власти рекоа дека инцидентот изгледал како саботажа.
Гасоводот „Северен тек 1“ беше затворен, а „Северен тек 2“ никогаш не започна со работа, но тие содржеа природен гас под притисок, каде поголем дел е метан.
„Со оглед на тоа дека во текот на дваесет години, еден тон метан има влијание врз климата 80 пати поголемо од влијанието на CO2, потенцијалот за масивни и многу штетни емисии е многу загрижувачки“, рече Дејвид Мекејб, постар научник во работната група за чист воздух. „Постојат голем број неизвесности, но доколку пропаднат овие гасоводи, влијанието врз климата ќе биде катастрофално и може да биде без преседан“.
Да се процени прецизната количина на метан што избегал во атмосферата е исклучително предизвикувачка задача. Многу таканаречени настани за суперемисии се снимени со сателитски снимки. Сепак, снимањето точни податоци преку вода е многу поголем предизвик поради светлината што се рефлектира од површината.
Има и низа други клучни несигурности, како на пример - колку гас имало во цевководите во тоа време, на која температура и притисок се одржувал и колкави биле пукнатините во цевките. Дури и кога гасот ќе излезе, дел веројатно ќе се распрсне во водата, но тоа зависи и од густината на микробниот живот, како и од длабочината. За да се добијат точни отчитувања, леталото веројатно ќе мора да прави мерења од воздух.
И покрај тоа, научниците на социјалните мрежи побрзаа да направат некои пресметки за тоа колку метан би можел да избега. Ендрју Бакстер, директор за енергетска стратегија во Фондот за заштита на животната средина, процени дека се ослободени околу 115.000 тони метан, што е еквивалентно на околу 9,6 милиони тони јаглерод диоксид. Во реални услови, тоа има исто влијание врз климата како и емисиите од два милиони автомобили на бензин во текот на една година или две и пол електрани на јаглен.
Ако е вистина, тоа би било едно од најголемите истекувања на метан во историјата. Најголемото познато ослободување во САД се случи во складиштето за гас Алисо Кањон во Лос Анџелес во 2015 година, каде што се проценува дека биле ослободени 97.100 метрички тони метан во текот на неколку месеци. За споредба, истекувањето на Северен тек може да се случи во текот на неколку часа.
Исфрлањето на метанот доаѓа како резултат на зголемената јавна свест за неговото влијание врз климата. На самитот COP26 во Глазгов, Шкотска, повеќе од 100 земји ветија драстично намалување на емисиите. Европската унија исто така е во процес на донесување законска регулатива со која би се зголемила обврската на компаниите да го намалат палењето на гасот, да вршат редовни инспекции за да се спречат истекувања и да се зголеми транспарентноста на протекувањето во однос на увозот.
На настанот во Европскиот парламент во вторникот вечерта по повод „неделата на метанот“, пратениците, научниците и еколозите дебатираа како да се измери обемот на истекувањето, но беа обединети околу една работа - најверојатно тоа е еколошка катастрофа. Јута Паулус, главниот преговарач на Зелените за регулирање на метанот, цврсто го впери прстот кон Русија, велејќи дека истекувањето не било случајно во неделата кога се отвори балтичкиот гасовод - кој ја поврзува Норвешка со Полска.
„Мислам дека не е случајно тоа што се случи на денот на отворањето на балтичкиот гасовод“, рече Паулус на настанот. Претседателот Владимир Путин ни вели: „Погрижете се да знаете што правите кога ќе примените повеќе санкции кон нас. Треба да ја искористиме секоја можност за спроведување на енергетската ефикасност и зголемување на обновливите извори на енергија“.