Претседателот на САД, Џо Бајден изјави дека рецесија во земјата е можна, но дека секој пад би бил многу благ и дека американската економија е доволно издржлива да ги надмине турбуленциите.
„Мислам дека нема да има рецесија. Ако има, тоа ќе биде многу мала рецесија, односно ќе се придвижиме малку надолу“, рече Бајден во вторникот во интервју за Си-ен-ен.
Сепак, стравувањата од економски пад сè уште постојат. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во вторникот ја намали прогнозата за раст на САД за 2022 година на 1,6 отсто и ја задржа на 1 отсто за 2023 година. Фондот, исто така, ја намали својата прогноза за светскиот раст следната година и предупреди на влошување на изгледите за глобалната економија.
Бајден потпиша серија законски мерки насочени кон намалување на трошоците за американските домаќинства, како што се одредбите за цените на лековите од Законот за намалување на инфлацијата, и рече дека тие ќе го ублажат ударот од каква било стагнација или пад и изрази неверување во предупредувањата на експертите.
„Го кажуваат ова веќе на секои шест месеци“, рече тој за предупредувањата за рецесија.
На прашањето дали американскиот народ треба да се подготви за рецесија, Бајден одговори: „Не“.
Моделот за веројатност за рецесија на Bloomberg Economics во септември укажа на 30 отсто шанси дека падот на економската активност ќе започне во следните 12 месеци. Таа проценка заснована на моделот може дури и да го потцени ризикот, бидејќи забрзано затегнување од страна на ФЕД во втората половина на 2023 година ќе ја зголеми веројатноста за рецесија, според американскиот тим на Bloomberg Economics.
Бајден во неколку наврати посочи дека не очекува рецесија, а често не се согласуваше со републиканците или аналитичарите кои предупредуваат дека е можен пад до одреден степен, односно веројатен или речиси сигурен.
Состојбата на економијата е потенцијален ризик за демократите кои се насочени кон среднорочните избори во ноември, каде Бајден и неговата партија водат кампања за задржување на тенкото мнозинство во двата дома на Конгресот. Има сè повеќе предупредувања дека американската економија е подготвена за забавување или контракција - извршниот директор на JPMorgan Chase & Co. Џејми Дајмон неделава рече дека спротивните ветрови најверојатно ќе ги доведат САД во некаков вид рецесија за шест до девет месеци од сега.
Банката на федерални резерви (ФЕД) официјално не предвидува рецесија, но нејзините претставници очекуваат невработеноста да се зголеми во текот на следната година, а претседателот Џером Пауел предупреди дека економијата може да се влоши поради наглото зголемување на стапката од страна на централната банка.
Се очекува ФЕД да ја зголеми референтната каматна стапка за 75 базични поени кога централните банкари ќе се состанат на почетокот на следниот месец, само неколку дена пред изборите во САД.