На земјите од Европската унија во јули им беа потребни само шест дена да се договорат за намалување на потрошувачката на гас за 15 отсто, а имаа добра причина за тоа, бидејќи намалениот проток на руски гас вршеше притисок врз цената.
Оттогаш роковите за носење одлуки станаа пофлексибилни, па голема е веројатноста новите мерки кои се фокусираат на можното ограничување на цените на гасот, да не се спроведат пред зимата. Падот на цената на гасот и благото есенско време секако придонесуваат за новиот, побавен ритам.
Министрите за енергетика се состанаа во вторникот и сега новата цел е да се договорат нови мерки за контрола на цените на енергијата до 24 ноември, ште е веќе длабоко во грејната сезона. Доколку успеат во тоа, дел од мерките, како што е новиот репер за цената на гасот, практично нема да може да се применуваат до пролет. Плановите за ограничување на цената, пак, остануваат заглавени во технички детали и политички надмудрувања.
Прочитај повеќе
Европа контролира само мали количини од гасот зачуван за зимата
Европа работеше напорно за да ги надополни резервите на гас за зимата, но вистината е дека владите немаат речиси никаква контрола врз тие резерви.
24.10.2022
Цената на гасот во Европа падна на 100 евра
Цената на природниот гас во Европа падна на 100 евра за мегават-час за првпат од јуни.
24.10.2022
Инфлацискиот притисок во Европа ќе остане и покрај ниската цена на гасот
Европските цени на гасот паѓаат, но компаниите и домаќинствата ќе мора да почекаат за да се ослободат од притисокот поради сè поголемата инфлација.
25.10.2022
ЕУ разгледува опции за ограничување на цената на гасот
Унијата е поделена околу прашањето дали да има општо ограничување на големопродажните цени, или само на гасот за производство на струја.
25.10.2022
Во овој момент, пазарот им дава простор за оддишка на носителите на одлуки. Има доволно гас додека и натаму пристигнуваат нови количини на течен природен гас (ЛНГ), а и временските услови се поволни. Но, како што се намалува ризикот од голема енергетска криза, така се намалува и поттикот за брзо дејствување.
„Европската комисија треба да ги состави преостанатите парчиња од сложувалката. Играта не е завршена и додека не заврши, мора да имаме подготвени итни мерки без оглед на тековниот момент“, рече чешкиот министер за индустрија, Јозеф Сикела.
Сепак, се чини дека беше полесно да се постигне договор за евентуално задолжително намалување на потрошувачката на гас за 15 отсто и ограничување на профитот на енергетските компании отколку за прашања кои имаат потенцијално силен ефект, а некои членки ја обвинуваат ЕК за одложување.
Клучното прашање сега е дали може да се постигне договор за ограничување на цената на гасот. Една од опциите е да се одреди можниот распон на цени на референтниот холандски и други клучни пазари за гас. Европската комесарка за енергетика, Кадри Симсон, вели дека е можно предлогот за оваа мерка да се заклучи уште пред состанокот на 24. ноември.
„ЕК брзо ќе ги разработи деталите“, рече таа на прес-конференцијата во вторникот.
Друга важна мерка е ограничувањето на цената на гасот за производство на струја, за што се залагаат некои членки.
Сепак, според ЕК, оваа мерка се соочува со голем број предизвици, како што е спречување на растот на побарувачката или одлив на електрична енергија кон земји надвор од ЕУ.
Исто така, некои мислат дека не е можно истовремено да се применат двата вида ценовни ограничувања. Згора на тоа, самата дефиниција за ограничување на цената е сè уште прилично нејасна и не постои јасен договор меѓу земјите за тоа што треба да вклучува.
„Петнаесет земји-членки веќе некое време бараат посилна интервенција на пазарот, но имаат различни идеи како да се направи тоа. Мора да избегнеме избрзани одлуки“, изјави холандскиот министер за енергетика Роб Јетен.