Адвокатка која работеше за поранешната прва дама на САД, Меланија Трамп има предност во трката за победа на претседателските избори во Словенија коишто треба да се одржат во недела и може да стане првата жена шеф на државата во земјата, покажа новата анкета.
Наташа Пирц Мусар, застапник за човекови права и поранешен шеф на словенечкото тело за контрола на информациите има поддршка од 51,7 проценти пред вториот круг на гласање, според анкетата на „Медијана“ објавена од весникот „Дело“. Нејзиниот противник Анже Логар, сојузник на поранешниот премиер, десничарот Јанез Јанша, заостанува со 44,6 проценти.
Логар победи во првиот круг од гласањето на 23 октомври со 34 проценти од гласовите, во споредба со 27. проценти за Мусар. Но, второпласираната оттогаш ја доби поддршката од другите партии кои се противат на Јанша, националист кој беше критикуван дека ја поларизира словенечката политичка средина со напаѓање на медиумите и поткопување на либералните, мултикултурни вредности на ЕУ.
Ако Мусар победи на натпреварот за претежно церемонијалната улога како што се очекува, тоа ќе биде продолжение на непрекинатата низа на претседателски победи на левичарските кандидати што се протега од формирањето на балканската држава во 1991 година.
Тоа, исто така, може да го засили премиерот Роберт Голоб, кој дојде на власт на изборите во април со ветување дека ќе ги смени политиките на Јанша, коишто им дадоа на неговите сојузници поголемо влијание во клучните државни институции. Актуелниот претседател Борут Пахор ќе си замине по неговиот втор и последен мандат.
Во својата приватна работа, 54-годишната Мусар работеше за Меланија Трамп во Словенија, кога таа тужеше таблоид во случај за клевета, кој беше завршен со договор за штета со необјавена сума. Таа, исто така, беше дел од тимот ангажиран да ги заштити правните интереси на поранешната прва дама.
Доколку биде избрана, таа ќе наследи општество поларизирано со говор на омраза што е влошено од неконтролираната инфлација и енергетската криза поттикната од војната во Украина.
Таа исто така е под лупа на медиумите поради нејзината улога во деловната империја на нејзиниот сопруг, кого нејзините противници го обвинија дека користи даночни оази за да изгради богатство. И двајцата негираат дека сториле нешто лошо и велат дека нивните компании ги плаќаат сите потребни даноци во Словенија.
Во Словенија, претседателот е формален врховен командант на вооружените сили и предлага уставни судии и гувернери на централните банки. Повеќето политички одлуки ги носат премиерот и парламентот.