Доколку беа студенти, ниту една од владите во земјите од регионот Адрија немаше да добие преодна оценка на испитот на заштита на животната средина, односно исполнување на целите за намалување на човековото влијание врз климатските промени. Имено, во третиот квартал од 2022 година ниту една земја од регионот нема шестка на скалата од еден до десет на „Блумберг“ преку која се мерат напредокот и подготвеноста на владите за транзицијата кон свет со ниски емисии на јаглерод.
Преку системот за оценување на „Блумберг“ се дава одговор на прашањето колку една земја е подготвена да ги исполни глобалните цели утврдени во Парискиот договор споредено со други држави. Во случајов ја искористивме можноста да видиме како стојат земјите од регионот Адрија наспроти другите држави во Европа.
Според добиените резултати од бодувањето, Хрватска е најдобра, веднаш зад неа е Словенија, а Македонија е на третото место во регионот Адрија. На четвртото место е Србија, а на последното место е БиХ.
Што се мери?
Финалната оценка се базира на бодување на три еднакво пондерирани столба. Првиот е јаглеродната транзиција, каде што се мери напредокот на властите во намалувањето на емисиите на јаглерод, интензитетот на јаглерод по жител и по БДП, како и јазот од Национално определените придонеси (НДЦ) на земјата наспроти определбите во рамките на Меѓународната мрежа за зелен финансиски систем. Вториот столб е енергетската транзиција, каде што се мери напредокот во декарбонизацијата на електроенергетскиот сектор, а третиот столб ја мери посветеноста на владите во однос на климатските политики, односно заложбите за обновлива енергија, зеленото финансирање и слично.
За да се ограничи затоплувањето на 1,5 Целзиусов степен, земјите мора да постигнат нето нула емисии на стакленички гасови до 2050 година. Ова оценување на „Блумберг“ на 149 влади во светот нуди транспарентна, споредлива, модуларна и квантитативна методологија, која може да им помогне на инвеститорите при одлуките за инвестирање да го анализираат ризикот и да креираат индекси. Метриката за изведба се напојува од силни збирки на податоци, вредни сознанија и целосна транспарентност за собирање податоци и процес на бодување.
Македонија многу каска кај климатските политики
Македонија релативно добро стои кога станува збор за емисиите на јаглероден диоксид. Имено, главна цел до 2030 година според НДЦ се емисии во еквивалент од пет метрички тони јаглероден диоксид. За да се задржи под температурната граница од 1,5 Целзиусов степен, сценаријата до 2050 година сугерираат дека Македонија треба да достигне седум метрички тони јаглероден диоксид, што е еквивалентно на зголемување од 1,25 процент од 2020 година. Македонија ги намалува емисиите со стапка од 1,63 процент годишно и е над просекот во однос на европските земји.
Од друга страна, до 2040 година уделот на обновливите извори на енергија во производството на електрична енергија во Македонија мора да се зголеми најмалку на 75 проценти, поттикнувајќи ја потребата од постепено укинување на производството на енергија на фосилни горива помеѓу 2020 и 2040 година. Истражувањето покажува дека Македонија добивала 26,92 проценти од електричната енергија од обновливи извори во 2020 година, што е помалку од 38,08 проценти остварени пред пет години.
За да се постигнат климатските цели, земјите мора да воведат политики за декарбонизација. Истражувањето покажува дека Македонија има посилни политики за енергетска транзиција од европските земји. Сепак, со добиени 2,73 бода од можни 10, нашата земја многу каска во однос на климатските политики.
Како е во другите земји од регионот?
Кај Србија безусловна цел, според НДЦ, до 2030 година се 74 метрички тони јаглероден диоксид. Сценаријата сугерираат дека Србија треба да достигне 20 метрички тони до 2030 година, што е еквивалентно на намалување од 66,18 проценти во однос на 2020 година. Србија ги намалува емисиите со стапка од 1,16 процент годишно.
До 2040 година уделот на обновливите извори на енергија во производството на електрична енергија во Србија мора да се зголеми најмалку на 75 проценти. Истражувањето покажува дека Србија добивала 28,48 проценти од електричната енергија од обновливи извори во 2020 година, што е повеќе од 27,99 проценти реализирани пред пет години. Истражувањето покажува дека Србија има послаба политика за енергетска транзиција во однос на другите земји од Европа.
Според НДЦ на Хрватска, земјата до 2030 година треба да има емисии од 11 метрички тони јаглероден диоксид. Сценаријата сугерираат дека Хрватска треба да достигне 15 метрички тони јаглероден диоксид до 2030 година, што е еквивалентно на намалување од 14,06 проценти во однос на 2020 година. Хрватска ги намалува емисиите со стапка од 1,78 процент годишно.
До 2040 година уделот на обновливите извори на енергија во производството на електрична енергија во Хрватска мора да се зголеми најмалку на 75 проценти. Според истражувањето, Хрватска добивала 64,10 проценти од својата електрична енергија од обновливи извори во 2020 година, што е намалување од 67,31 проценти остварени во периодот од пред пет години. Хрватска има послаби политики за енергетска транзиција во однос на европските земји.
Во Словенија главна цел до 2030 година е емисија на седум метрички тони јаглероден диоксид. Според сценаријата, Словенија треба да достигне 11 метрички тони до 2030 година, што е еквивалентно на намалување од 25,41 проценти во однос на 2020 година. Словенија ги намалува емисиите со стапка од 2,50 проценти годишно.
До 2040 година уделот на обновливите извори на енергија во производството на електрична енергија мора да се зголеми најмалку на 75 проценти. Истражувањето покажува дека Словенија добивала 33,01 проценти од електричната енергија од обновливи извори во 2020 година, што е повеќе од 29,05 проценти остварени во периодот од пред пет години. Словенија има посилни политики за енергетска транзиција од другите земји.
Според НДЦ на БиХ, главна цел до 2030 година се емисии од 29 метрички тони јаглероден диоксид. Сценаријата сугерираат дека БиХ треба да достигне 10 метрички тони до 2030 година, што е еквивалентно на намалување од 54,47 проценти во однос на 2020 година. БиХ ги зголемува емисиите со стапка од 0,82 проценти годишно.
До 2040 година уделот на обновливите извори на енергија во производството на електрична енергија во БиХ, исто така, мора да се зголеми најмалку на 75 проценти. Истражувањето покажува дека БиХ добивала 32,10 проценти од својата електрична енергија од обновливи извори во 2020 година, што е намалување од 38,64 проценти во однос на оствареното пред пет години. БиХ има послаби политики за енергетска транзиција во однос на европскиот просек.