Четиринаесет лица од Србија се уапсени во рамки на меѓународната акција против организиран криминал, бидејќи лажно се претставувале дека тргуваат со криптовалути и оштетиле поголем број лица од четири земји за сума поголема од два милиони евра, соопшти МВР на Србија.
„Постои сомнение дека осомничените со измама, со помош на онлајн платформи и инвестирање во криптовалути преку три фирми од Белград нанеле штета поголема од два милиони евра на државјани од Германија, Канада, Швајцарија и Австралија“, се наведува во соопштението на МВР.
Осомничените користеле реклами на социјалните мрежи за да ги намамат жртвите на веб-страници тајно управувани од криминалци, кои нуделе навидум исклучителни можности за инвестирање во криптовалути, се наведува на веб-страницата на Европол.
„Жртвите, главно од Германија, прво инвестирале ниски, трицифрени суми. Лажните покачувања на цените што довеле до наводен профит за инвеститорите потоа ги убедиле да вршат трансфери на поголеми суми. Во моментов, финансиската штета за германските жртви се проценува дека изнесува над два милиони евра, додека жртви има и во други земји како Швајцарија, Австралија и Канада. Истрагата сугерира дека бројот на непријавени случаи веројатно ќе биде многу поголем. Тоа би значело дека незаконската добивка која ја остваруваат криминалните групи, од најмалку четири повикувачки центри во источна Европа, може да изнесува стотина милиони евра “, велат од Европол.
Според МВР, постои сомневање дека уапсените лица лажно им се претставувале на оштетените дека на споменатите платформи тргуваат со криптовалути и дека за таа цел користеле современи технологии, како што е програмата Voice spin.
Од пријавените привремено се одземени три крипто паричници, два стана, три автомобили, информатичка опрема, како и 42.150 евра и 95.000 динари. Одредена им е мерка притвор до 48 часа и со кривична пријава ќе бидат изведени пред надлежното обвинителство.
Европол објави дека полициските и судските власти од Бугарија, Кипар, Германија и Србија, со поддршка на Европол и Европравда, започнале истрага против организираните криминални групи вклучени во онлајн инвестициска измама.