САД во саботата соборија, како што рекоа, кинески балон за набљудување во близина на брегот на Јужна Каролина, со тоа заострувајќи ги односите со Пекинг, кој потегот го нарече претерана реакција.
Претседателот Џо Бајден рече дека му наредил на Пентагон во средата да го урне балонот што е можно побрзо „без да му наштети на никого на земјата“. Војската одлучи дека најдобрата опција е во саботата додека тој беше над Атлантикот во територијалните води на САД.
Кина протестираше против потегот на САД и рече дека го задржува правото да одговори, се вели во денешното соопштение на Министерството за надворешни работи. Се вели дека САД ја прекршиле меѓународната практика по случајното влегување на балонот, кој бил наменет за цивилна употреба.
Кина не била однапред известена за планот за соборување на балонот. Американските власти го известија Пекинг дека го задржуваат правото да преземат таква акција, но не дадоа дополнителни детали за планот по неговото донесување.
„Тие успешно го срушија, и сакам да ги пофалам нашите воздухопловци кои го направија тоа, и ќе имаме повеќе детали за ова за јавноста малку подоцна“, им рече Бајден на новинарите.
Балонот, заедно со друг, е виден како минува низ Централна и Јужна Америка, имал опрема за набљудување која обично не е поврзана со стандардни метеоролошки активности или цивилни истражувања како што тврди Кина, изјави во саботата висок претставник на американската администрација. Нејзината рута над САД во близина на многу потенцијално чувствителни локации, исто така, е во спротивност со објаснувањето на кинеската влада дека станува збор за метеоролошки балон, рече официјалниот претставник.
Веста за влегувањето на балонот во воздушниот простор на САД го натера државниот секретар Антони Блинкен да ја одложи посетата на Кина и средбата со претседателот Кси Џинпинг и поттикна сè погласни повици од републиканците, вклучително и поранешниот претседател Доналд Трамп, да се урне балонот. На својот пат, балонот поминал над Монтана, каде што се наоѓаат силоси за интерконтинентални балистички ракети.
Секретарот за одбрана, Лојд Остин рече дека Кина го користи балонот „во обид да ги надгледува стратешките локации на Соединетите држави“ и дека американскиот план да го собори вклучува „внимателно следење на неговата траекторија и активности за собирање разузнавачки информации“.
Официјални лица очекуваат дека односите меѓу САД и Кина ќе бидат тешки за напредување, но рекоа дека двете земји имаат причина да го остават инцидентот зад себе. Вториот кинески балон забележан во Латинска Америка за кој претставниците на одбраната рекоа дека исто така спроведува шпионски активности, не ги загрижува САД, рече лице запознаено со ова прашање.
Американските власти очекуваат да дознаат повеќе за способностите на балонот од тековната операција за извлекување.
Еден проектил од борбен авион Ф-22 го соборил балонот во 14:39 часот по средноевропско време, користејќи ја првата достапна можност да го стори тоа без да им наштети на Американците, изјавија официјални лица за новинарите.
Воената акција покажува дека администрацијата „ефикасно реагира на неприфатливото кршење на нашиот суверенитет од страна на НР Кина“, рече Остин во изјавата, мислејќи на Народна Република Кина.
Пратеникот Мајк Роџерс, републиканецот од Алабама, кој претседава со Комитетот за вооружени служби на Претставничкиот дом, рече дека е „длабоко загрижен“ што администрацијата дозволила балонот да влезе во САД. Тоа е „уште еден пример за слабоста на администрацијата на Бајден“, рече тој во изјавата.
Канадската министерка за одбрана, Анита Ананд рече дека заедничката северноамериканска воздушна одбранбена команда, позната како NORAD, „ја следи и анализира траекторијата и перформансите на балони за надгледување на голема височина“.
Федералната управа за авијација привремено затвори дел од американскиот воздушен простор долж брегот на Каролина и нареди да се запрат пристигнувањата и полетувањата на четири аеродроми во саботата за да и се овозможи на војската да ја изврши својата операција.
Во петокот кинеското Министерство за надворешни работи потврди дека балонот и припаѓа на Кина, но објаснија дека станува збор за цивилно летало кое врши климатски истражувања и случајно скршнал од курсот. Пентагон го отфрли тоа објаснување, велејќи дека балонот носел опрема за надзор и дека може да се управува.
Патувањето на Блинкен во Кина, кое требаше да се случи денеска, имаше за цел да ги надгради дипломатските контакти меѓу Бајден и Кси по минатогодишниот самит на Групата 20. Блинкен рече дека ќе го посети Пекинг кога ќе бидат соодветни условите, без да прецизира што би значело тоа .