САД објавија дека воведуваат уште една мерка чија цел да е да го погоди рускиот металуршки и рударски сектор. Мерките објавени од Белата куќа во петокот вклучуваат значително зголемување на трошоците за увоз на алуминиум што се произведува или се лее во Русија.
Америка на тој начин ќе ги зголеми царините за увоз на повеќе од 100 метали, минерали и хемиски производи од Русија, чија вкупна вредност се проценува на околу 2,8 милијарди долари, се наведува во соопштението со кое се објавува новиот сет мерки токму на годишнината од почетокот на конфликтот во Украина.
Овие чекори „во голема мера ќе ги зголемат трошоците за увоз на алуминиум што се произведува или се лее во Русија“ и ќе биде потешко да стигне до американскиот пазар, се вели во соопштението на Белата куќа, но не се дадени дополнителни детали. „Блумберг“ претходно пишуваше за плановите на Вашингтон да воведе царина од 200 отсто за увоз на алуминиум од Русија.
Како што беше наведено во тој извештај, Русија како втор најголем производител на алуминиум во светот го преполни американскиот пазар со алуминиум, на штета на домашните компании.
Иако и САД и Европската Унија воведоа сеопфатни мерки против Русија, индустриските метали како алуминиумот најмногу успеаја да ги избегнат ефектите од рестриктивните мерки. Белата куќа исто така додаде дека „ќе го прошират ефектот на санкциите и на металуршкиот и рударскиот сектор“, но дека тоа ќе го сторат без премногу влијание врз американскиот пазар.