Поранешниот американски претседател Доналд Трамп е обвинет во Њујорк за наводни тајни исплати на ѕвезда од филмови за возрасни за време на претседателската кампања во 2016 година, за да премолчи дека имала односи со него. Ова е историски настан во американскиот правен систем и политика што сигурно ќе го подели веќе поларизираното општество и избирачко тело.
Трамп беше обвинет во четвртокот, според два извора запознаени со ова прашање.
Трамп, првиот поранешен американски претседател против кого е поднесено обвинение, е под истрага за неговата улога во прикривањето на исплатата за Сторми Даниелс. Обвиненијата, поднесени од окружниот обвинител на Менхетн, Алвин Брег, доаѓаат во време кога Трамп се соочува со истрага од обвинителството во Атланта поради обидот да го поништи својот пораз на изборите во 2020 година во таа држава, како и истрагата на федералниот специјален обвинител за тој обид и за поседувањето владини документи.
Прочитај повеќе
По двегодишна забрана, Трамп се враќа на Фејсбук и Инстаграм
„Мета“ ќе ги врати налозите на Фејсбук и Инстаграм на поранешниот американски претседател Доналд Трамп по двегодишната суспензија.
26.01.2023
Компании на Трамп прогласени за виновни за даночно затајување
Компанија на поранешниот американски претседател е прогласена за виновна за даночно затајување во период подолг од една деценија.
07.12.2022
Маск го враќа Трамп на Твитер откако мнозинството гласаше „за“
За да се врати Трамп на Твитер гласаа 52 отсто, а против беа 48 отсто од над 15 милиони гласачи.
20.11.2022
Трамп ја објави кандидатурата, што ќе се случува понатаму?
Трамп се надева дека ќе стане првиот американски претседател во последните 130 години што ќе се врати откако еднаш беше одбиен од гласачите.
16.11.2022
Поранешниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен, во 2019 година сведочеше пред Конгресот дека добил задача од Трамп да исплати средства земени од буџетот за кампањата, во замена за молкот на Дениелс и на уште една жена, Карен Мекдугал. Тоа се случувало неколку денови пред претседателските избори во 2016 година, кога Трамп извојува победа над противкандидатот, демократката Хилари Клинтон.
Федералното обвинителство почна да го разгледува случајот Дениелс во 2018 година, по што Коен беше обвинет и осуден на затворска казна, но Трамп тогаш избегна тужби.
Адвокатот на Трамп, Џо Такопина, рече дека канцеларијата на Брег штотуку го известила за обвиненијата во четвртокот попладне.
„Очигледно сме разочарани, но брзо и агресивно ќе се бориме со овие наводи и ќе бараме правда во овој случај“, рече тој.
Портпаролот на Трамп не одговори веднаш на барањето за коментар.
Сите три случаи се во тек за време на третата кампања на Трамп за Белата куќа и во време кога републиканската поддршка за него како да се намалува. Додека неговата база, стабилни 30 отсто од гласачкото тело на Републиканската партија, го поддржува 76-годишниот кандидат без разлика на сè, многу други републиканци и независни гласачи бараат помалку драматична алтернатива, како гувернерот на Флорида, Рон Десантис. Се кандидира и поранешната амбасадорка во ОН, Ники Хејли.
Трамп негираше дека направил нешто незаконско и ги отфрли сите три истраги како одмазда. Тој доби значителна поддршка тврдејќи дека е жртва на прогон од „длабоката држава“. Во објава на неговата платформа „Трут“ (Truth Social), тој ја нарече истрагата на Менхетн „политички лов на вештерки, кој се обидува да собори кандидат што убедливо ја води Републиканската партија“.
Но ниту кривичната пријава ниту пресуда не го спречува да се кандидира за функцијата, па дури и да стане претседател.