Над 64 милиони гласачи во Турција денеска, во вториот круг од претседателските избори, ќе го изберат шефот на државата. Трката се одвива меѓу Реџеп Тајип Ердоган, актуелниот шеф на државата и кандидатот на опозицијата Кемал Киличдароглу.
Пред две недели се одржаа парламентарните и првиот круг од претседателските избори во Турција. Народната алијанса на Ердоган освои мнозинство во Парламентот, додека за претседателската трка се одржува втор круг бидејќи ниту еден кандидат не доби просто мнозинство, односно повеќе од 50 отсто од гласовите. Ердоган водеше во првиот круг со освоени 49,52 отсто од гласовите.
Ердоган во вториот круг ќе се соочи со Кемал Киличдароглу, лидерот на главната опозициска Републиканска народна партија (ЏХП) и заеднички кандидат на шестпартиската опозициска Национална алијанса.
Гласањето за турската дијаспора заврши и во Анкара веќе пристигнаа околу 1,89 милиони гласови од странство, кои ќе бидат преброени по завршувањето на изборниот ден.
Ердоган водеше во првиот круг со два ипол милиони гласови пред опозицискиот кандидат Кемал Киличдароглу, кој е поддржан од шест партии.
Додека Ердоган нуди стабилност, силен лидер за силна Турција, со слоганот „Вистинскиот човек во вистинско време“, Киличдароглу радикално ја промени својата стратегија меѓу првиот и вториот круг од претседателските избори.
Пред првиот круг вети дека ќе ги отвори рајските порти, а по 14 мај, рече, ако победи, ќе ги затвори портите на пеколот. Тој за себе вели дека е најголемиот националист во Турција.
Пред првиот круг, неговата кампања во најголема мера се потпираше на анти-ердоганизмот, посочувајќи се што не е добро во Турција. Турција се справува со висока инфлација, девалвација на лирата, последици од земјотреси и милиони бегалци, повеќе од 3,5 милиони само од Сирија. Киличдароглу сака да ги врати во нивните земји на потекло. За ова доби поддршка од лидерот на партијата Зафер.
А партијата Зафер во рамки на алијансата АТА во првиот круг беше зад третиот кандидат Синан Оган. По првиот круг, Оган го поддржа Ердоган, а лидерот на турската антиимигрантска Партија на победата Умит Оздаг даде поддршка за Киличдароглу.
Надворешната политика беше важен елемент во завршницата на кампањата пред првиот круг од изборите. Киличдароглу се смета за префериран кандидат на Западот, а Ердоган се стреми да води балансирана политика.