Русија во вторникот ја затвори кривичната истрага против водачот на платениците Евгениј Пригожин и неговата група „Вагнер“, за оружен бунт, откако претседателот Владимир Путин вети дека ќе го почитува договорот со кој ѝ се стави крај на најголемата закана во неговото 24-годишно владеење.
„Кривичниот случај почнат во однос на оружениот бунт на 'Вагнер' е затворен“, објави Федералната служба за безбедност (ФСБ), според новинската агенција „Интерфакс“. Бунтовниците ги прекинаа акциите „чија цел беше да се изврши злосторство“, се наведува во соопштението.
Во меѓувреме започнаа подготовките за пренесување на тешкото вооружување од групата „Вагнер“ до единиците на руската армија, објави Министерството за одбрана во соопштение на својот канал на „Телеграм“.
Прочитај повеќе
Најголемите грешки на Путин по бунтот на „Вагнер“
Угледот на рускиот претседател Владимир Путин е нарушен...
26.06.2023
Касјанов: Ова е почеток на крајот на Путин
Рускиот претседател е во „многу голема неволја“ во моментов, вели Касјанов
25.06.2023
Објавите доаѓаат во време кога кружат информации дека приватниот авион на Пригожин слетал во Белорусија, откако претседателот Александар Лукашенко понудил да ги прими основачот на „Вагнер“ и неговите борци како дел од договорот за ставање крај на бунтот во саботата.
„Нема да го кријам тоа од вас. Беше многу болно да се видат настаните што се случија во јужна Русија“, рече Лукашенко во вторникот на средба во Минск, која беше емитувана на телевизија.
Путин понуди да го затвори случајот и да ги пушти борците на „Вагнер“ и Пригожин да одат во Белорусија како дел од договорот со посредство на Лукашенко. Доцна во понеделникот, во обраќање пред нацијата, тој нагласи: „Ветувањето што го дадов ќе биде исполнето“.
Низата настани ги оставија САД, Европа и Кина збунети околу политичките последици од бунтот што го урна имиџот на непобедливост на Путин како лидер на Русија. Дваесет и четиричасовната криза ги истакна горчливите поделби во Русија во врска со нестабилната војна во Украина, која е најголемиот конфликт во Европа од Втората светска војна, додека украинската контраофанзива продолжува се обидите да ги потисне силите на Путин од окупираните територии.
Силно вооружените трупи на Пригожин најпрво ја презедоа контролата врз јужниот град Ростов, а потоа брзо се движеа кон Москва, практично без никаков отпор, стигнувајќи на 200 километри од главниот град доцна во саботата пред да се вратат назад.