Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се изјасни дека не е виновен по ниту една од четирите точки од обвинението за обид за поништување на резултатите од претседателските избори во 2020 година.
Трамп се изјасни за невин откако судијката Моксила Јупајаха му ги прочита сите точки од обвинението.
Обвинителите не побараа Трамп да биде затворен, а специјалниот обвинител Џек Смит присуствуваше на претресот. Следното рочиште е закажано за 28 август.
Специјалниот обвинител Џек Смит во вторникот поднесе ново обвинение против Трамп, кое се состои од четири точки во кои поранешниот претседател е обвинет за измама на САД, заговор за попречување на службените постапки (пренос на власта), попречување и обид за попречување на службената постапка како и кршење на правата загарантирани со законите и Уставот на САД. Последната точка се однесува на напорите за лишување на граѓаните од нивните уставни или федерални права за праведно пребројување на нивните гласови.
Судијката одлучи дека Трамп ќе се брани од слобода, а тој прифати услови да не може да комуницира со ниту едно лице кое е сведок во случајот.
Трамп (77) остро ги критикуваше обвиненијата за изборен заговор поднесени против него пред судот во Вашингтон, нагласувајќи дека тој бил жртва на „прогон на политички противник“ откако се изјасни дека не е виновен.
Поранешниот американски претседател, кој е фаворит за републиканската претседателска номинација во 2024 година, изјави дека денеска бил „многу тажен ден за Америка“ пред да се качи во авион по краткото судско сослушување во главниот град на САД.
Околу половина од републиканците не би гласале за Доналд Трамп доколку биде осуден, според анкетата на Ројтерс и Ипсос објавена денеска. Испитаниците беа прашани дали ќе гласаат за Трамп следната година доколку поротата го прогласи за виновен. Четириесет и пет отсто од републиканските гласачи рекле дека нема, а 35 отсто рекле дека ќе гласаат за него. Останатите биле со одговор дека немаат донесено одлука.
На прашањето дали би гласале за Трамп доколку заврши во затвор, 52 отсто од републиканците одговориле дека нема, а 28 отсто одговориле дека ќе гласаат за него.