Не e само полското националистичко раководство вознемирено од ненадејната изборна победа на проевропската опозиција.
Нелибералната демократија на унгарскиот премиер Виктор Орбан сега одеднаш е поизолирана од кога било во рамките на Европската Унија, додека судбината на помошта од Брисел од милијарди евра виси на конец.
Унгарија и Полска со години ги предизвикуваат вредностите на ЕУ, од нивното противење на миграцијата до политизацијата на медиумите и судовите. Орбан беше идеолошки лидер, но полската партија Право и правда, која ја предводи шестата по големина економија во ЕУ, му даде тежина на популистичкиот притисок - и вето што често го штитеше Орбан.
Сега унгарско-полскиот сојуз, веќе нарушен по руската инвазија на Украина, ќе претрпи пресврт бидејќи поранешниот претседател на Европскиот совет, Доналд Туск, треба да се врати како полски премиер. Тој вети дека ќе ја врати Полска назад кон политиките на ЕУ, ставајќи му крај на осумгодишното националистичко владеење.
Победата на опозицијата во Полска има „непроценливи последици“ за ситуацијата на Унгарија во ЕУ, изјави заменик-министерот за надворешни работи Левенте Маѓар за неделникот „Мандинер“ пред затворањето на гласачките места. „Унгарија ќе остане ранлива“.
Туск, кој е особено сомнителен кон Орбан и врските на неговата влада со Русија, треба да стави дистанца меѓу Полска и Унгарија, според лице запознаено со размислувањата на идниот премиер. Туск беше клучен во исфрлањето на партијата на Орбан, Фидес, од групата на десниот центар во ЕУ, Европската народна партија, во еден момент нарекувајќи ја политиката на Орбан „опасна и морално неприфатлива“.
Промената во Варшава ќе го остави Орбан без верен сојузник, кој постојано ја штитеше Унгарија со закана со вето во процедурата за владеење на правото од членот 7 од договорот за Европската Унија. Постапката подразбира дека одлуката мора да биде донесена едногласно и може да заврши со суспензија на гласачкото право на земја-членка во Унијата. Постапките против Унгарија и Полска се одолжуваат со години, при што секоја од нив вети дека ќе стави вето на одлуката за да ја заштити другата.
Словачко прашање
„Враќањето на власт на сојузникот на Орбан, Роберт Фиц, во Словачка овој месец не донесе „никакви гаранции“ дека Унгарија ќе може да смета на својот северен сосед во ЕУ“, рече Маѓар.
Најголемото прашање е поврзано со финансирањето од десетици милијарди евра што ЕУ ги суспендираше за Унгарија и Полска поради ерозијата на владеењето на правото. Додека се очекува новата полска влада брзо да донесе закон за отклучување на нејзините пари, Унгарија би можела да се најде во потешка позиција.
Форинтата порасна за 0,2 отсто во однос на еврото во понеделникот, додека злотата се зголеми за повеќе од 1 отсто, поттикнувајќи ги пазарите во развој додека инвеститорите се обложуваат дека Полска се приближува до пристапот до фондовите на ЕУ.
Комисијата на ЕУ се подготвува да донесе одлука за тоа дали ќе ги ослободи средствата за Унгарија во наредните недели, изјави заменик-претседателката Вера Јурова за Радио Слободна Европа во интервју објавено во петокот.
„Во Брисел се надеваат дека ако има левичарска влада“ во Полска, „Унгарија ќе остане сама и ќе им биде полесно да се справат со нас“, изјави Орбан на државното радио на 29 септември. Исходот од изборите во Полска „на овој или оној начин ќе ја забрза одлуката за судбината на унгарските пари“.