Израел ги повлече своите дипломати од Турција за да ги „преиспита врските“ меѓу двете земји, по критиките на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за војната во Газа, соопшти синоќа израелскиот министер за надворешни работи Ели Коен.
„Со оглед на острите изјави кои доаѓаат од Турција, наредив отповикување на дипломатските претставници за да се преиспитаат односите меѓу Израел и Турција“, напиша Ели Коен на социјалните мрежи.
Турскиот претседател Ердоган претходно го обвини Западот дека е „главниот виновник за масакрот во Газа“, а го обвини Израел за воени злосторства.
„Израел, пред целиот свет те прогласуваме за воен злосторник… Израел, вие сте окупаторите, освојувачите. Секако дека секоја земја има право да се брани, но каде е правдата? Тоа што се случува во Газа не е самоодбрана, туку колење“, рече турскиот претседател.
Со малку попомирувачки тон, тој ги повика Израелците да не го „омаловажуваат чувството на сочувство меѓу Турците“.
„Послушајте ги нашите повици за дијалог, преземете чекор во вистинската насока за доброто на вас и вашите деца. Веруваме дека нема да има губитници во праведен мир“, рече Ердоган.