Израелскиот кабинет го одобри договорот за заложници со Хамас, по повеќе од шест недели интензивни борби во Газа.
Целосната изјава од кабинетот на израелскиот премиер гласи:
„Владата на Израел е должна да ги врати дома сите заложници.
Вечерва Владата го одобри нацртот на првата фаза од постигнувањето на оваа цел, според која најмалку 50 заложници, жени и деца, ќе бидат ослободени во текот на четири дена, при што ќе има пауза во борбите.
Ослободувањето на секои дополнителни 10 заложници ќе резултира со по уште еден ден пауза“, се наведува во изјавата.
Во неа се додава и дека израелската влада, армијата и безбедносните служби ќе ја продолжат војната со цел да ги вратат дома сите заложници, да ја завршат елиминацијата на Хамас и да обезбедат дека нема да има нова закана за државата од Газа.
По објавувањето на соопштението, следеше реакција од американскиот претседател Џозеф Бајден, кој го поздрави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, за кого нагласи дека како дел од одговорот обезбедил поголема хуманитарна помош да стигне до Газа.
Бајден посочи дека тоа „ќе ги олесни страдањата на невините палестински семејства во Газа“.
Како што пренесе Би-би-си (BBC), договорот меѓу Израел и Хамас вклучува дозволување на уште стотици камиони со медицинска помош и гориво да влезат во Газа.
„Го поздравувам договорот кој обезбеди ослободување на заложниците земени од Хамас за време на неговиот брутален напад против Израел на 7. октомври. Среќен сум што овие храбри души, кои претрпеа незамисливо искушение, ќе бидат повторно обединети со нивните семејства откако овој договор целосно ќе се спроведе“, напиша Бајден на платформата Х.
Дополнително, Израел објави список на 300 Палестинци кои би можеле да бидат ослободени според договорот со Хамас.
Списокот, објавен на веб-страницата на израелското Министерство за правда, ги вклучува имињата, возраста и прекршоците на оние кои ги исполнуваат условите.
Во првата фаза се очекува да бидат ослободени само 150 затвореници.
Катар, кој посредуваше во договорот меѓу Израел и Хамас, претходно соопшти дека „одреден број на палестински жени и деца приведени во израелските затвори“ ќе бидат ослободени во замена за 50 заложници.
Претставничка на „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch) вчера за Би-би-си изјави дека има речиси 7.000 Палестинци во израелски притвор, вклучувајќи 200 жени и околу 60 деца.