Евјатар Давид и Гај Гилбоа-Далал пред нешто повеќе од две години заедно присуствувале на музичкиoт фестивал во пустината, во близината на границата со Газа. На разденување, илјадници ракети беа испукани од Газа, додека вооружени напаѓачи усмртија 400 од нивните сограѓани на забавата. Давид и Далал биле меѓу првите што беа киднапирани и одведени во Газа.
Во текот на летото Хамас објави видео во кое Давид, видно исцрпен и очаен, копа сопствен гроб во еден тунел во Газа. Снимките длабоко го потресоа светот, вклучувајќи го и американскиот претседател Доналд Трамп.
Денеска двајцата пријатели, сега 24-годишни, треба да бидат ослободени заедно со уште 18 други заложници за кои се верува дека се живи. Сите заложници се мажи.
Прочитај повеќе

Национален штрајк во Израел поради неуспехот за спас на заложниците
Еден ден по откривањето на телата на шест заложници во Појасот Газа, денеска започна голем штрајк во Израел.
02.09.2024

„Бајненс“ доби тужба од семејства на жртви на Хамас
Тужбата е насочена кон „Бајненс“ затоа што берзата му дозволила на Хамас да тргува на нејзината платформа.
01.02.2024

Хамас ослободи десетици заложници oд Газа
Хамас ослободи група од 24 заложници држени во Газа по договорот за четиридневно примирје со Израел.
24.11.2023

Трамп патува на Блискиот Исток, се очекува ослободување на заложниците на Хамас
Под будното око на Доналд Трамп, денеска почнува ослободувањето на заложниците од Хамас – првата фаза на кревкиот мировен договор меѓу Израел и Палестинците.
13.10.2025

За многу Израелци, враќањето на последните 48 заложници од Газа ќе биде еден од најемотивните моменти во двегодишната војна.
Покрај олеснувањето поради безбедното враќање на оние што сè уште се живи, постои и чувство на затворање на болното поглавје за другите. И тоа не само кај семејствата и блиските пријатели. Голем дел од израелската јавност – 82 отсто, според анкетата на локалниот радиодифузер „Ченел 13“ (Channel 13) – го поддржува планот со 20 точки на Трамп за конечно ставање крај на војната.
Според многумина што ја поддржуваа кампањата „Вратете ги дома. Сега.“, израелското општество дури сега може да започне да заздравува од злосторствата извршени од Хамас на 7 октомври 2023 година и од бруталната војна што следуваше.
Мажите што треба да се вратат се последните од околу 250 киднапирани Израелци и странци за кои се верува дека се живи. Двете претходни примирја му дадоа приоритет на ослободувањето на децата, жените, постарите лица и повредените.
Судбоносниот фестивал
Единаесетмина од оние што останаа беа киднапирани на музичкиот фестивал „Нова“ (Nova). Местото имаше најголем број жртви меѓу неколкуте масакри насочени против Израелците во селата и воените бази во близината на Појасот Газа, при што беа убиени околу 1.200 лица.
Ром Барславски, 21-годишник, работел како обезбедување на фестивалот. Неколку часа помагал во евакуацијата на повредените посетители и во отстранувањето на телата, додека бил под оган, сè додека конечно не бил заробен и одведен во Газа.
Како и Давид, и него летово го снимија неговите киднапери од Исламски џихад, каде што изгледа исцрпено и немоќно. Медицински експерти процениле дека Барславски изгубил и до 50 отсто од својата телесна тежина и дека бил во непосредна животна опасност.
Bloomberg
Тогашниот британски министер за надворешни работи Дејвид Лами ја осуди снимката нарекувајќи ја „болна за гледање“. Францускиот претседател Емануел Макрон, кој активно се залага за признавање на палестинската држава, изјави дека видеата ја прикажуваат „најодвратната суровост на Хамас“.
Авинатан Ор, 32-годишник вработен во „Енвидија“ (Nvidia), беше киднапиран заедно со својата партнерка Ноа Аргамани, која беше ослободена минатата година. Фотографијата на двојката во моментот кога беа разделени пред да бидат одведени во Газа стана една од култните слики на ужасот од тој ден.
Од музичкиот фестивал беа киднапирани и се смета дека преживеале Алон Охел, 24-годишен талентиран пијанист што го изгубил видот на десното око; Бар Абрахам Куперштајн, 23; Јосеф-Хаим Охана, 25; Ејтан Абрахам Мор, 25; Сегев Калфон, 27; Елкана Бохбот, 36, сопруг на Ривка и татко на петгодишно момче; и Максим Херкин, 37, татко на три и полгодишна ќерка.
Активизмот на Зангаукер
Кибуцот Нир Оз беше едно од најтешко погодените места на 7 октомври. Од вкупно 76 киднапирани, последните четворица преживеани сега се очекува да се вратат дома.
Матан Зангуакер (25) беше одведен од својот дом заедно со својата партнерка Илана Грицевски, која беше држена одвоено и ослободена во ноември 2023 година. Неговата мајка Ејнав Зангаукер – разведена самохрана мајка од израелскиот град Офаким – во изминатите две години стана едно од најпознатите имиња во Израел.
Bloomberg
Предводејќи ја борбата за ослободување на својот син, Ејнав Зангаукер се заклучи во метален кафез над главната автопатска сообраќајница во Тел Авив и стана симбол на јавната кампања за заложниците. Таа редовно даваше изјави, секоја недела настапуваше во медиумите и повеќепати зборуваше во израелскиот парламент.
Поранешна поддржувачка на премиерот Бенјамин Нетанјаху, Зангаукер изјави дека израелскиот лидер „ја изневерил двапати – на 7 октомври, кога ми го киднапираа синот, и секој ден потоа“.
Браќата Давид и Ариел Кунио беа одделно киднапирани од нивните домови за време на нападите на Хамас.
Давид, 35-годишен, беше одведен заедно со својата сопруга Шарон и нивните тригодишни близначки Ема и Јули, откако пет часа се обидувал да ги спречи милитантите на Хамас да влезат во семејната просторија што им била засолниште. Шарон Кунио и близначките беа ослободени кон крајот на 2023 година. Таа потоа сведочеше дека огромната загриженост за сопругот ѝ го попречува секој обид за рехабилитација додека тој не се врати дома.
Судбината на близнаците
Ариел Кунио (28) беше киднапиран заедно со својата партнерка Арбел Јехуд, последната жива жена ослободена од заробеништво на почетокот на годинава.
Ејтан Хорн (38) беше киднапиран додека го посетувал својот постар брат Јаир во Нир Оз. Тие беа држени заедно сè до ослободувањето на Јаир годинава. Последната снимка ги прикажува како се гушкаат цврсто пред да бидат разделени.
Близнаците Гали и Зив Берман (28) беа одведени од Кфар Аза. Зив бил киднапиран од својот дом, а Гали од домот на преживеаната заробеничка Емили Дамари, кај која отишол утрото на 7 октомври за да ѝ прави друштво и да ѝ помогне.
Bloomberg
Последниот жив заложник што треба да се врати дома, во Нахал Оз, е Омри Миран, 48-годишен. Утрото на нападите бил киднапиран пред очите на својата сопруга Лишаи Миран Лави и нивните две малолетни ќерки, кои беспомошно гледале како го одведуваат.
Освен него, ќе бидат ослободени и двајца војници на Израелските одбранбени сили – Матан Ангрест (22), кој бил одведен од воен пункт додека бил ранет и без свест, и Нимрод Кохен (20). Двајцата биле единствени преживеани од своите четиричлени тенковски екипажи.
Неизвесност и понатаму има околу судбината на уште двајца мажи – Тамир Нимроди, 20-годишен војник на Израелските одбранбени сили, и Бипин Џоши, непалски земјоделски работник киднапиран од кибуцот Алумим.
Убиени во заробеништво
Шестмина заложници беа убиени додека беа во заробеништво: Инбар Хајман (27), киднапирана на фестивалот „Нова“ и последната жена заложничка што остана во Газа, и уште петмина мажи – Сахар Барух (24), Гај Илуз (26), Арије Залмановиц (85), Амирам Купер (85) и Јоси Шараби (53).
Шараби е брат на преживеаниот заложник Ели Шараби, ослободен претходно годинава, кој оттогаш стана еден од најгласните поборници за ослободување на преостанатите заробени.
Дополнително, уште 19 лица – меѓу нив државјани на Тајланд и Танзанија – беа убиени на 7 октомври, а нивните тела беа однесени од Хамас. Меѓу нив е и Асаф Хамами, израелски полковник што служел како командант на Јужната бригада во Појасот Газа и бил еден од највисоките офицери што загинале тој ден.
Хамас соопшти дека можеби нема веднаш да може да ги пронајде сите тела, а сè уште не се знае колку од нив ќе бидат вратени веднаш.
Се очекува Израел да го прими и телото на Хадар Голдин, потпоручник од бригадата „Гивати“ на Израелските одбранбени сили, кој беше убиен и киднапиран во Газа за време на операцијата „Заштитен раб“ (Operation Protective Edge) во 2014 година.
Според податоците на Министерството за здравство под контрола на Хамас, повеќе од 67.000 жители на Газа се убиени во војната што започна по нападите на 7 октомври, при што не се прави разлика меѓу цивили и борци. Во борбите во Газа досега загинале околу 450 израелски војници.