Хамас се согласи да ги ослободи последните заложници од нападот врз Израел во 2023 година, но изјави дека остатокот од мировниот план на САД ќе биде предмет на преговори — став што нуди неизвесна надеж за крај на конфликтот во Газа.
Претседателот Доналд Трамп реагираше позитивно на изјавата на Хамас, иако групата не се осврна на другите клучни точки од неговиот предлог од 20 точки, кои ги бара и Израел, вклучително и разоружување. Тој го повика Израел да ја прекине кампањата на бомбардирање и рече дека се водат разговори за „детали што треба да се доработат“, што сугерира дека е подготвен да му даде одредена слобода на Хамас.
„Верувам дека се подготвени за траен МИР“, напиша Трамп за Хамас на социјалните мрежи. „Израел мора веднаш да го прекине бомбардирањето на Газа, за да можеме безбедно и брзо да ги извлечеме заложниците!“
Прочитај повеќе

Трамп и Нетанјаху постигнаа договор за завршување на војната во Газа
Претседателот Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјавија дека се согласиле околу план со 20-точки со кој треба да се стави крај на војната во Газа, иако изгледите за мир остануваат нејасни без директно учество на Хамас во преговорите.
30.09.2025

Трамп се сретна со премиерот на Катар за да го смири бесот поради израелскиот напад
Американскиот претседател синоќа се сретна со катарскиот премиер, неколку дена по израелскиот напад врз лидерите на Хамас во Доха, што претставува закана за односите.
13.09.2025

Официјално прогласен глад во Газа
Над 640.000 луѓе ќе се соочат со катастрофално ниски нивоа на храна до крајот на септември, се наведува во извештајот на официјално тело поддржано од Обединетите нации.
22.08.2025

Дали Палестина е држава? Што ако повеќе земји се согласат дека е?
Израел и Палестина се соочуваат со важни избори за иднината: продолжување на контролата, признавање државност или целосна интеграција. Што мислат Палестинците за можните решенија?
30.07.2025
Во следна видео објава, Трамп им се заблагодари на земјите со мнозинско муслиманско население за нивната помош во преговорите и вети дека „сите ќе бидат третирани праведно“ во тековните разговори.
„Ова е голем ден“, рече Трамп. „Ќе видиме како ќе се одвива сè — мораме да го запишеме конечниот договор во бетон.“
Ставот на Трамп ја префрли одговорноста на Израел, кој претходно се заколна дека ќе ја продолжи кампањата сè додека сите заложници не бидат ослободени и групата не биде поразена. Премиерот Бенјамин Нетанјаху претходно инсистираше дека борбите ќе продолжат и за време на преговорите, а исполнувањето на барањето на Трамп веројатно ќе наиде на отпор од клучни членови на неговата владејачка коалиција.
Во соопштение, канцеларијата на израелскиот премиер рече дека се подготвува да ја „имплементира првата фаза од планот на Трамп за итно ослободување на сите заложници.“
„Ќе продолжиме да работиме во целосна соработка со Претседателот и неговиот тим за да го завршиме војната во согласност со принципите утврдени од Израел, кои се во склад со визијата на Претседателот Трамп“, се вели во соопштението од канцеларијата на Нетанјаху.
Притисок за прифаќање
Изјавата беше различна од претходните на Хамас и е прва со која групата покажува подготвеност да ги ослободи сите заложници под малку услови. На пример, не беше побарано трајно примирје.
Арапските земји извршија силен притисок врз Хамас да го прифати предлогот на Трамп. Египет и Катар ја изразија својата поддршка за изјавата на Хамас, при што портпаролот на катарската влада Маџед Ал Ансари рече дека неговата земја, која претходно посредувала во преговорите, го поддржува напорот на Трамп за „брзи резултати што би ставиле крај на крвопролевањето на Палестинците во Појасот Газа.“
„Сега топката е во дворот на Нетанјаху“, рече Јусеф Мунајер, раководител на програмата за Палестина-Израел во Арапскиот центар во Вашингтон. „Тие сакаа Белата куќа да го третира ова како понуда што се прифаќа или одбива. А ова сугерира дека Трамп не е подготвен да ја одбие.“
Во својата изјава, Хамас рече дека се согласува „да ги ослободи сите израелски затвореници — и живи и починати — согласно формулата за размена наведена во предлогот на претседателот Трамп, и под услов да постојат неопходни теренски услови за спроведување на размената.“
Хамас исто така рече дека заложниците треба да бидат ослободени „на начин што ќе обезбеди прекин на војната и целосно повлекување од Појасот Газа“, услов што предизвика прашања во Израел дали групата навистина ќе го спроведе планот.
Групата додаде дека другите делови од планот од 20 точки на Трамп „бараат обединет национален став и мора да се разгледаат врз основа на релевантни меѓународни закони и резолуции.“ Исто така, не беше спомнат предлогот на Трамп за формирање „Совет за мир“ кој би го предводел тој, заедно со други светски лидери, вклучувајќи го и поранешниот британски премиер Тони Блер.
„Ќе влеземе во преговори за сите прашања поврзани со движењето и оружјето“, рече висок функционер на Хамас, Муса Абу Марзук, за катарската мрежа Ал Џезира. „Се согласивме со планот во принцип врз основа на неговите главни точки, но неговото спроведување бара преговори.“
Израелскиот шекел скокна по изјавата на Хамас, што покажува дека инвеститорите ја видоа како позитивен знак. Хамас сè уште држи 48 лица, а Израел верува дека околу 20 од нив се живи.
Bloomberg
„Позитивно, но различно“
Трамп предупреди во петокот дека Хамас има рок до недела во 18 часот по вашингтонско време да го прифати предлогот што го објави претходно во неделата заедно со Нетанјаху. Во спротивно, „Ќе се ослободи ПЕКОЛ како што никој досега не видел против Хамас“, напиша американскиот претседател на социјалните мрежи.
Нема веднаш знак дека изјавата на Хамас е доволна за да го убеди Израел да ја прекине својата кампања како одговор на нападот од 7 октомври, во кој Хамас уби 1.200 луѓе и киднапираше уште 250. Војната што следеше, според министерството за здравство управувано од Хамас, досега однела над 66.000 животи во Газа и предизвикала хуманитарна криза.
„Секој договор за ослободување на заложници е апсолутно позитивен, но различен од договорот со точките на Трамп“, рече Џонатан Паников, поранешен заменик национален разузнавачки службеник на САД за Блискиот Исток. „Тоа го става Нетанјаху во незгодна позиција, бидејќи веќе некое време тврди: ’Хамас може да ја заврши војната утре ако ги ослободи заложниците.‘ Па ако Хамас го направи тоа, што ќе направи Нетанјаху?“
Во понеделникот, Трамп и неговиот израелски колега на заедничка прес-конференција во Белата куќа го претставија планот за завршување на двегодишниот конфликт и предупредија дека ако Хамас го одбие договорот, Израел ќе има „целосна поддршка“ за уништување на милитантната група, која е означена како терористичка организација од страна на САД и Европската Унија.
Планот ги повторува барањата Хамас да ги предаде преостанатите заложници и да се разоружи — но вклучува и нови елементи, како понуда за амнестија за секој борец што ќе го предаде своето оружје и ќе се обврзе на соживот. Предлогот исто така се откажува од претходната идеја на Трамп за протерување на жителите на Газа, ветува значително зголемување на хуманитарната помош и глобално учество во обнова на територијата разурната од војната.
Ехуд Јаари, искусен израелски коментатор за регионот, изрази скептицизам за одговорот на Хамас.
„Тие треба да дадат одговор дали се подготвени да го прифатат планот што беше договорен меѓу САД, арапските држави, муслиманските држави и Израел — планот на Трамп“, рече Јаари на Канал 12, каде што е уредник за арапски прашања. „А тие не го даваат тој одговор.“
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...