Милијардерот Андреј Бабиш започна со формирање нова чешка влада само неколку часа по својата најголема изборна победа досега, со што неговото враќање на власт се очекува да ги зајакне редовите на популистичките лидери во Европската Унија.
По средбата со претседателот Петер Павел во Прашкиот замок, Бабиш изјави дека ќе продолжи со плановите да управува со поддршка од крајно десничарска група што повикува на излез на Чешка од ЕУ и од популистичка партија чии лидери жестоко ја критикуваат климатската агенда на Унијата.
Бизнисменот, стар 71 година, кој беше чешки премиер четири години до 2021 година, јасно стави до знаење дека е против каква било форма на „чехзит“ и останува приврзаник на НАТО. Но неговата кампања „Чешка на прво место“, инспирирана од Доналд Трамп, испрати предупредување до Брисел дека списокот на лидери што се спротивставуваат на европските политики – од миграцијата до воената помош за Украина – дополнително ќе се прошири.
Прочитај повеќе

Геополитичките ризици го вивнаа профитот на чешки производител на дронови
Нето приходот на „Примоко“ за периодот јануари-јуни скокна за 81 проценти.
26.08.2024

Чешка и Словачка под удар на транзицијата кон електрични возила
Чесите и Словаците произведуваат повеќе автомобили по жител од кој било друг во светот.
13.01.2024

Водечкото европско бизнис-лоби во Кина бара крај на трговската војна
Водечкото европско бизнис-лоби во Кина го повика Пекинг да се позанимава со ценовните војни и неодржливата конкуренција.
17.09.2025

На Европа очајно ѝ е потребна воената помош од САД
На Европа би ѝ биле потребни 1 трилион долари за да ги замени конвенционалните воени капацитети што САД ги имаат распоредено во регионот
06.09.2025

ЕУ сака да го примени шведскиот модел за поттик на луѓето да инвестираат во акции
ЕУ сака да ја преслика праксата од Шведска, каде што луѓето многу инвестираат во акции, но условите се значително олеснети и се ослободени од данок на капитална добивка.
17.08.2025
„Ќе ја исполниме нашата агенда за нашите луѓе, кои го заслужуваат тоа“, изјави Бабиш на првата прес-конференција по изборите, додека се финализираше пребројувањето на гласовите. „Сегашната влада ги заборави и четири години зборуваше само за војна и за Украина.“
За Европската Унија, која се обидува да го задржи единството, враќањето на Бабиш се случува во момент кога трговската војна на Трамп, руската инвазија врз Украина и растечкиот антимиграциски национализам ги креваат тензиите во европскиот проект.
„Европа страда“, изјави милијардерот доцна во саботата, насмеан во седиштето на својата партија, додека во заднина свиреше италијанскиот хит од 1980-тите на поп-групата „Рики е Повери“ (Ricchi e Poveri). Тој го искористи моментот повторно да ги осуди прекумерната регулација и растечките цени на енергентите во ЕУ.
Кругот на неговите сојузници јасно покажува во кој правец ќе се движи неговата политика. Сојузник на унгарскиот премиер Виктор Орбан и на словачкиот Роберт Фицо, Бабиш помогна во формирањето на политичката група во Европскиот парламент „Патриоти за Европа“ , во која се вклучени францускиот Национален сојуз на Марин Ле Пен и италијанската Лига на Матео Салвини.
Третата по големина група во Европскиот парламент, „Патриоти за Европа“, главно застапува ставови што ја нагласуваат националната сувереност – и има скептичен, често непријателски однос кон миграцијата, еколошката политика на ЕУ и поддршката за војната во Украина.
Бабиш покажува одреден прагматизам и наклонетост кон „трампистичкиот“ пристап заснован на конкретни зделки. Но неговото враќање на премиерската функција ќе означи остар пресврт во однос на владата на премиерот Петер Фијала, кој се залагаше за испораки на оружје за Киев.
Сојузниците на Бабиш
На коцка е клучниот придонес на Чешка во воената помош за Украина – иницијатива што обезбедува муниција од различни делови на светот за потребите на Киев. Бабиш ја нападна програмата за време на кампањата, опишувајќи ја како систем што, како што рече, најмногу им служи на производителите на оружје.
Тоа ја опфаќа и компанијата „Чехословачка груп“ (Czechoslovak Group AS), најголемиот производител на оружје во земјата, во сопственост на Михал Штрнад – вториот најбогат Чех.
Како и обично, Бабиш го остави отворено прашањето дали ќе ја прекине иницијативата за оружје. По изборите, тој изјави дека ќе разговара за програмата со украинскиот претседател Володимир Зеленски и ќе го реши прашањето „на транспарентен начин“. Во секој случај тој додаде дека нема да им стои на патот на приватните компании што испорачуваат оружје.
„Ние не им забрануваме на чешките компании да извезуваат оружје во Украина – тоа воопшто не е проблем“, изјави Бабиш пред новинарите. Но додаде дека кога луѓето не можат да си дозволат лекување од рак, а наставниците и самохраните мајки се борат да ги платат сметките, „тогаш овие пари сигурно ќе им ги дадеме на чешките граѓани“.
Неговата способност за политичка флексибилност сега ќе биде ставена на тест, имајќи ги предвид партнерите со кои преговара во Прага. Тој разговара со партијата Слобода и директна демократија , која остро ја осудува миграцијата, и со новата партија Мотористи, поддржана од евроскептичниот поранешен претседател Вацлав Клаус. Поранешниот чешки лидер ја негира научната основа дека глобалното затоплување е предизвикано од човечка активност.
Засега, Бабиш изјави дека претпочита да управува како малцинска влада со поддршка од помалите партии. Трите заедно освоија 108 од вкупно 200 пратенички места во парламентот.
Поддржувачи на партијата АНО за време на изборната кампања на Бабиш во Прага.
Фотограф: Милан Јарош / „Блумберг“
Во земјата, главна цел на Бабиш беа четиригодишните мерки за штедење на коалицијата на Фијала. Бабиш вети дека ќе врати одредени социјални бенефиции, меѓу кои и месечна исплата од 1.000 круни (48 долари) за пензионерите, како и пониски даноци за компаниите. Освен тоа, милијардерот најави зголемени инвестиции во инфраструктура за поттикнување економски раст и предложи енергетската компанија ЧЕЗ (ČEZ AS), најголемиот снабдувач со електрична енергија во земјата, да ги откупи уделите на малцинските акционери и повторно целосно да премине во државна сопственост.
Економистите предупредија дека неговите планови може да го доведат државниот буџет под притисок – но, имајќи ја предвид склоноста на Чешка кон буџетска дисциплина, се смета дека има простор да се задржи дефицитот под дозволените 3 отсто од бруто-домашниот производ, во согласност со правилата на ЕУ.
Повикот за зголемени расходи се покажа привлечен за гласачите, носејќи ѝ на партијата на Бабиш, АНО (ANO), 35 отсто од гласовите – втор најдобар резултат за победничка партија во земјата по падот на комунизмот. Коалицијата на Фијала заостана со 23 отсто.
Бабиш, кој го стекна своето богатство преку земјоделско-прехранбениот конгломерат што го основал, според индексот на милијардери на „Блумберг“ има проценето богатство од 4,2 милијарди долари. Во политиката влезе со имиџ на човек од народот и со ветување дека ќе стави крај на корупцијата, што го донесе на премиерската функција во 2017 година.
Неговиот прв мандат беше обележан со истрага за наводна злоупотреба на европски фондови од страна на неговата компанија. Бабиш ги негираше обвинувањата и на крајот беше ослободен од вина, иако случајот повторно се актуализира оваа година, откако чешкиот општински суд доби наредба повторно да го разгледа.
Павел, кој убедливо го порази Бабиш на претседателските избори во 2023 година, изјави дека поранешниот премиер ќе мора да го реши прашањето со сопственоста на својата бизнис-империја за да избегне можни судири на интереси, доколку повторно ја преземе премиерската функција.
Бабиш во неделата изјави дека на средбата со претседателот му претставил одреден модел за решение, но одби да даде детали – истовремено нагласувајќи ја својата посветеност на Европа.
„Сакам Европа да функционира, затоа што од економски аспект не оди во вистинската насока“, изјави тој.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...