Скопје добива нов градоначалник, Орце Ѓорѓиевски. Во вториот круг од гласањето на локалните избори тој доби околу 95.000 гласови или нешто над 3000 гласа повеќе во однос на првиот круг. Неговиот противкандидат, Амар Мециновиќ од Левица освои над 60.000 гласа или двојно повеќе од вториот круг. Излезноста и овој пат беше ниска, околу 40 отсто од запишаните во избирачкиот список.
Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски прогласи голема победа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако некој се сомневаше, народот покажа дека Македонија е повторно твоја“, изјави вечерва на прес-конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, порачувајќи дека сега е време за обединување, одговорност и работа.
„Вечерва Македонија повторно покажа зрелост, победивме во Скопје, во скопски Карпош, победа и во Аеродром и Чучер Сандево, Брвеница. Победивме и во Вландово, Дојран и Крушево, кои досега имаа градоначалници од СДСМ. Победивме и во Кочани, нашето Кочани кое мораме да го издигнеме и поткрепиме. Имаме победа и во Лозово, Могила, Македонски Брод, Росоман, Ранковце, Неготино, Чешиново - Облешево, Виница, Конче, Демир Капија, Пробиштип. Во неколку други се преборуваат гласовите“, рече Мицкоски.
Тој соопшти дека коалицијата на ВМРО - ДПМНЕ убедливо победи и во Кичево.
„Сакам да соопштам една важна порака која дојде од нашето Кичево. Падна Фатмир Дехари! Падна од народот кој се обедини против раскалашеност, недомаќинско работење и се докажа дека никој не е посилен од народот. Се покажа што значи кога сме обединети, таму соработувавме - различни вери, националности. Тоа значи дека можеме да се обединиме Македонци, Турци, Албанци, Бошњаци... На ова треба да работиме. Победи соживотот и вербата во вредности, победи идејата дека Македонија е дом за сите. Кичево мора да биде во владиниот фокус, Кичево е на кичевчани!“, порача Мицкоски.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по завршувањето на вториот круг од локалните избори 2025, им честиташе на граѓаните за достоинственото гласање. Тој истакна дека покрај трите освоени градоначалнички места во првиот круг, СДСМ има победи и во три општини од вториот круг — Центар, Македонска Каменица и Зрновци, и изрази надеж за уште неколку општини каде што разликата во гласови е мала. Воедно, најави политички и кадровски промени во СДСМ.
Филипче упати честитки до сите новоизбрани градоначалници, но, ја критикуваше, како што рече „деструктивната власт на ВМРО-ДПМНЕ“, обвинувајќи ја за притисоци врз кандидатите и злоупотреба на институциите.
„Изминатите две недели се вршеше огромен притисок на сите кандидати од 17-те општини каде што влеговме во втор круг. Не се бираа средства ниту методи и тоа само говори дека се соочуваме со истата деструктивна власт на ВМРО-ДПМНЕ, како во минатото, која ги злоупотребува сите институции кои ги има под контрола“, рече тој на вечерашната прес-конференција.
Согласно изборниот резултат на советничките листи, Филипче информираше дека СДСМ е втора партија во земјата и прва во опозицискиот блок.