Претседателот Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјавија дека се согласиле околу план со 20-точки со кој треба да се стави крај на војната во Газа, иако изгледите за мир остануваат нејасни без директно учество на Хамас во преговорите.
Трамп изјави дека рамката има поддршка и од други лидери од Блискиот Исток и од земји со муслиманско мнозинство, за време на прес-конференција во понеделник заедно со Нетанјаху, сугерирајќи дека тоа може да ја постави основата за поширок мир во регионот.
Сепак, предлогот — кој наложува Хамас да нема никаква улога во иднината на Газа — мора да биде прифатен од милитантната група, која би требало да се согласи на значајни отстапки. Од Хамас, кој ја започна војната со нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година, пред средбата на Трамп и Нетанјаху изјавија дека сè уште не го виделе планот и дека ќе треба да го проучат.
Прочитај повеќе
Трамп се сретна со премиерот на Катар за да го смири бесот поради израелскиот напад
Американскиот претседател синоќа се сретна со катарскиот премиер, неколку дена по израелскиот напад врз лидерите на Хамас во Доха, што претставува закана за односите.
13.09.2025
Официјално прогласен глад во Газа
Над 640.000 луѓе ќе се соочат со катастрофално ниски нивоа на храна до крајот на септември, се наведува во извештајот на официјално тело поддржано од Обединетите нации.
22.08.2025
Дали Палестина е држава? Што ако повеќе земји се согласат дека е?
Израел и Палестина се соочуваат со важни избори за иднината: продолжување на контролата, признавање државност или целосна интеграција. Што мислат Палестинците за можните решенија?
30.07.2025
Трамп предупреди дека „доколку Хамас го одбие договорот“ тогаш Нетанјаху ќе „има целосна поддршка“ да ја уништи милитантната група.
Bloomberg
„Сè уште не сме сосема готови. Мора да го вклучиме Хамас, но мислам дека ќе успеат во тоа. Значи, сега е време Хамас да ги прифати условите на планот што денеска го претставивме“, рече Трамп.
Планот предвидува двегодишниот конфликт веднаш да заврши ако биде прифатен и од Израел и од Хамас, како и дека сите заложници и посмртни останки на загинатите ќе бидат вратени во рок од 72 часа. Договорот, исто така, подразбира Израел да ослободи речиси 2.000 затвореници и наложува Израел да не ја окупира или анектира Газа.
Предлогот ги охрабрува жителите на Газа да останат на своите места, ветува итно обновување на хуманитарната помош и наведува дека ќе се свика „панел на експерти“ кој ќе ја „обнови и оживее“ разурнатата област преку економски развој.
Нетанјаху, на прес-конференцијата, изјави дека го поддржува планот на Трамп за завршување на војната, велејќи дека тој „ги постигнува нашите воени цели.“
„Израел ќе ја задржи безбедносната одговорност, вклучително и безбедносниот периметар во догледна иднина,“ додаде тој.
Планот бара Хамас да се согласи да нема никаква директна или индиректна улога во управувањето со Газа, туку контролата врз територијата да ја предаде на „технократски, аполитичен палестински комитет, одговорен за секојдневното управување со јавните услуги.“ Тој орган би бил надгледуван од „Совет за мир“ чиј претседавач би бил Трамп, со учество и на други светски лидери, меѓу кои и поранешниот британски премиер Тони Блер. Во условите, исто така, се наведува можност во иднина да се создадат услови за палестинска држава „која конечно може да стане реалност“ ако договорот биде спроведен.
Трамп го претстави планот како основа за можен поширок мир на Блискиот Исток, нагласувајќи ги неговите напори да убеди повеќе арапски држави од Заливот да ги нормализираат односите со Израел. Претседателот додаде дека арапските и муслиманските партнери „се целосно подготвени да преземат улога.“
„Ова е само дел од поголемата слика, а тоа е мирот на Блискиот Исток, и да го наречеме вечен мир на Блискиот Исток,“ рече Трамп за планот со 20 точки. „Ова е многу повеќе од тоа што некој очекуваше, но нивото на поддршка што го добив од земјите на Блискиот Исток е огромно.“
Израелскиот шекел скокна на највисоко дневно ниво во однос на доларот откако Трамп изјави дека Нетанјаху се согласил со планот.
Bloomberg
Трамп го сподели својот план со лидерите од земјите со муслиманско мнозинство за време на состанок во Њујорк минатата недела, на маргините на Генералното собрание на ОН, и тогаш најави дека наскоро ќе има напредок.
Трамп и Нетанјаху влегоа на средбата во понеделник, нивна четврта годинава, во момент кога Израел е сè поизолиран на меѓународната сцена и под интензивен притисок од американскиот претседател за прекин на огнот.
Патот до договорот беше олеснет и со телефонски повик — организиран од Трамп — порано во понеделникот, кога Нетанјаху изразил жалење до премиерот на Катар за нападот врз Доха со цел ликвидација на високи лидери на Хамас. Катар, кој е клучен посредник меѓу Израел и Хамас и домаќин на најголемата американска воена база во регионот, беше огорчен од нападот, исто како и другите арапски држави.
Според соопштението од Белата куќа, Нетанјаху на повикот изразил жалење што при нападот бил случајно убиен катарски војник.
Трамп изјави дека катарскиот премиер и Нетанјаху имале „отворен и искрен разговор“ и најави договор за создавање формална трилатерална работна група меѓу трите земји за да се „засили меѓусебната безбедност, да се коригираат погрешни перцепции и да се избегнат идни недоразбирања.“
Трамп повеќепати побара од Хамас, кој е прогласен за терористичка организација од САД и Европската унија, да ги ослободи преостанатите заложници — од кои многумина веќе се мртви — земени при нападот. Но претседателот, цврст поддржувач на Израел, воедно даде до знаење дека е незадоволен од упорната решеност на Нетанјаху да ја продолжи војната.
Трамп јавно го укори Нетанјаху претходно овој месец по нападот врз Доха, а минатата недела упати остра порака дека нема да дозволи Нетанјаху да го анектира Западниот Брег — потег кој би можел дополнително да го разгори регионот, да ги загрози надежите на Трамп за поширока нормализација меѓу арапските држави од Заливот и Израел и да ја доведе во прашање можноста за идната палестинска држава.
„Никогаш не сум барал Израел да се откаже од својата безбедност, но имавме сериозен и тежок разговор. Никој не бил подобар за Израел од мене“, рече Трамп во понеделникот. „Биби, тој разбира дека е време.“