Еболата се шири побрзо отколку што здравствените власти можат да ја стават под контрола во источниот дел на Конго, каде што здравствените работници успеале да следат едвај еден од петте идентификувани контакти во текот на еден ден.
Епидемијата сега се прошири во три покраини, вклучително и Јужен Киву, каде што властите неделава потврдија случај во близина на Букаву, голем град во близина на границата на Конго со Руанда.
Светската здравствена организација предупреди дека слабите капацитети за надзор и лабораториско тестирање го отежнуваат одговорот, наведувајќи дека епидемијата се развива во „една од најтешките можни оперативни средини“.
Прочитај повеќе
СЗО прогласи глобална вонредна состојба поради еболата во Конго
Нова закана од ебола ја постави Светската здравствена организација (СЗО) на највисоко ниво на тревога.
18.05.2026
Што е ебола вирусот и како Африка ќе се справи со новата епидемија?
Ебола е една од најсмртоносните болести на светот. Со стапка на смртност до 90 отсто, таа спаѓа меѓу мал број болести толку опасни што владите ги сметаат за закана за националната безбедност.
16.05.2026
Што е смртоносниот хантавирус и како се проширил на крузерoт „Хондиус“?
Симптомите на хантавирусот често почнуваат како грип, но кај тешки случаи може брзо да преминат во респираторни компликации. Не постои специфичен лек или широко достапна вакцина.
08.05.2026
Властите во Демократска Република Конго пријавија 83 потврдени инфекции, 746 сомнителни случаи и 1.603 идентификувани контакти заклучно со 21 мај, според Министерството за здравство. Сепак, здравствените работници тој ден успеале да следат само 342 контакти, односно околу 21 отсто од вкупниот број лица под надзор, покажуваат податоците на министерството објавени во петокот.
Бројките покажуваат дека одговорот на здравствените власти заостанува зад самото ширење на епидемијата, и покрај тоа што владите и меѓународните агенции ги засилуваат итните мерки откако Светската здравствена организација на 17 мај прогласи меѓународна вонредна состојба за јавното здравје.
Епидемијата сега се прошири во три покраини, вклучително и Јужен Киву, каде што неделава беше потврден случај во близина на Букаву, голем град близу границата со Руанда. Два случаи беа потврдени и во соседна Уганда, додека здравствените власти предупредуваат дека нестабилноста, движењето на населението и недовербата кон институциите ги усложнуваат напорите за следење на заразата и изолирање на случаите.
„Епидемијата се развива во една од најтешките можни оперативни средини“, соопшти Комитетот за итни состојби на СЗО во петокот.
Тензиите околу мерките за спречување на ширењето веќе почнуваат да растат. Роднини на маж кој починал во болницата „Рвампара“ во близина на Бунија, главниот град на покраината Итури каде што првпат беше откриена епидемијата, се судриле со здравствените работници откако властите одбиле да го предадат телото за погреб поради ризик од инфекција, објавија локалните медиуми.
Шаторите за лекување на ебола управувани од хуманитарната организација „Алима“ (Alima) биле запалени за време на немирите, а шест пациенти избегале од установата, меѓу кои и три потврдени случаи на ебола, според извештаите од теренот.
Епидемијата е предизвикана од реткиот сој Бундибугио на ебола, за кој нема одобрени вакцини ниту третмани со антитела. Се верува дека вирусот со месеци незабележано циркулирал во покраината Итури пред властите да сфатат со што се соочуваат.
Недостатоци во тестирањето
Здравствените власти сега се обидуваат да следат илјадници луѓе кои можеби биле изложени на вирусот, откако заразата почна да се шири низ оддалечени рударски области и урбани центри, вклучително и Бунија и Гома, градови со население од околу 700.000, односно 860.000 жители.
Повеќе од 11 тони итна помош, вклучително и заштитна опрема, комплети за лекување и материјали за безбедни погреби, веќе се пренесени по воздушен пат во Бунија, соопшти Светската здравствена организација во петокот.
Најновите податоци од министерството покажуваат дека потврденото ширење на вирусот веќе не е ограничено само на рударскиот центар Монгбвалу, кој првично се сметаше за епицентар. Иако Монгбвалу останува најголемото жариште со сомнителни случаи, потврдените инфекции сè повеќе се концентрирани во околните здравствени зони, меѓу кои Рвампара и Бунија.
Њанкунде, каде што се наоѓа голема референтна болница што опслужува околу 200.000 луѓе, исто така прераснува во ново жариште со 11 потврдени случаи и 340 контакти под надзор, според министерството.
Светската здравствена организација предупреди дека слабите капацитети за надзор и лабораториско тестирање го отежнуваат одговорот, посочувајќи дека дијагностичката платформа „Џин Експерт“ (GeneXpert), која широко се користеше во претходните епидемии на ебола, не може да го открие сојот Бундибугио. Комплетите за ПЦР-тестирање специфични за вирусот исто така се во ограничени количини, соопшти неделава хуманитарната организација „Лекари без граници“ (Médecins Sans Frontières).
Земјите треба брзо да го прошират лабораториското тестирање, следењето контакти и информирањето на населението, паралелно со преговори за воспоставување „безбедносни коридори“ за здравствените тимови безбедно да стигнат до погодените заедници, соопшти СЗО во привремените препораки објавени во петокот.
Владата на Конго пријави стапка на позитивни тестови од речиси 46 отсто, што укажува дека голем број инфекции можеби и понатаму остануваат неоткриени.
Конфликтна зона
Епидемијата се развива во еден од најнестабилните региони во светот, каде што вооружени групи контролираат големи територии, патиштата се во лоша состојба, а милиони луѓе се движат меѓу рударски кампови, градови и соседни држави. Сојуз во кој учествуваат и бунтовниците М23, поддржани од Руанда, во петокот објави сопствена структура за одговор на еболата во областите под нивна контрола, повикувајќи ги заедниците да соработуваат со здравствените работници и да не ја политизираат епидемијата.
Светската здравствена организација соопшти дека ризикот во Конго сега се смета за „многу висок“, додека соседните земји се соочуваат со „висока“ регионална закана. Уганда ги заостри граничните контроли и го суспендираше патничкиот превоз со Конго. Руанда, исто така, ги засили мерките за проверка и во петокот соопшти дека на повеќето странски патници кои неодамна престојувале во Конго ќе им биде забранет влез, додека повратниците ќе мора задолжително да одат во карантин.
Ризикот за општата јавност во Европската Унија останува „многу низок“, иако Унијата веќе почна координација за лабораторска подготвеност и насоки за патниците преку својот Комитет за здравствена безбедност, соопштија европските здравствени власти во петокот. САД воведоа построг пристап, вклучително и привремена забрана за повторен влез за дел од носителите на зелена карта кои неодамна престојувале во погодените области.
Епидемијата дополнително ги отвори прашањата за ранливоста на глобалните системи за одговор на заразни болести по повеќегодишните кратења на помошта и променетите политички приоритети.
„Заостануваме, ситуацијата сè уште не е ставена под контрола“, изјави неделава претставничката на СЗО во Конго, Ен Ансија.