Американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да го заокружи најголемото дипломатско достигнување од неговиот втор мандат со патување на Блискиот Исток, каде што ќе го најави договорот за завршување на војната меѓу Израел и Хамас и ќе ги поздрави заложниците што ќе бидат ослободени по две години заробеништво.
Кревкиот прекин на огнот претставува голем тест за преговарачките способности на Трамп, кој, доколку потрае, би можел да ја зацврсти неговата амбиција да биде запаметен како мировник. Тимот на претседателот се потпира на неговите лични гаранции – и на будното присуство на американската војска – за да го одржат договорот стабилен. Трамп денеска планира посети на Израел и Египет за да го прослави постигнатиот договор и да ги утврди следните чекори за регионот разурнат од бруталната војна.
Пред патувањето, тој изјави дека е оптимист дека сите страни ќе се придржуваат до договорот.
Прочитај повеќе

Доналд Трамп остана со празни раце, Нобеловата награда за мир оди кај Марија Корина Мачадо
За наградата имаше 338 кандидати од кои 244 се поединци, а 94 се организации.
10.10.2025

Планот на Трамп во 20 точки за ставање крај на војната во Газа
Новата Газа треба да стане зона без тероризам, со технократска власт, меѓународна стабилизациска сила и економска зона што ќе ги поттикне развојот и мирот.
09.10.2025

Израел и Хамас постигнаа договор за заложниците – напредок во преговорите за Газа
Посредуван од САД и Катар, договорот меѓу Израел и Хамас предвидува ослободување заложници и затвореници, повлекување на израелските трупи и обновување на хуманитарната помош.
09.10.2025

Трамп и Нетанјаху постигнаа договор за завршување на војната во Газа
Претседателот Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјавија дека се согласиле околу план со 20-точки со кој треба да се стави крај на војната во Газа, иако изгледите за мир остануваат нејасни без директно учество на Хамас во преговорите.
30.09.2025

Официјално прогласен глад во Газа
Над 640.000 луѓе ќе се соочат со катастрофално ниски нивоа на храна до крајот на септември, се наведува во извештајот на официјално тело поддржано од Обединетите нации.
22.08.2025

Трамп сѐ повеќе се изолира во поддршката на Израел - Канада најави признавање на Палестина
Канада објави дека ќе ја признае палестинската држава во септември, потег што американскиот претседател Доналд Трамп го дочека „на нож“.
31.07.2025
„Мислам дека нема да сакаат да ме разочараат“, им рече тој на новинарите во претседателскиот авион „ер форс уан“ (Air Force One). „Имам многу усни гаранции – гаранции што не се на хартија, но ми беа дадени и верувам дека ќе бидат строго почитувани. Затоа мислам дека договорот ќе биде успешен.“
Сепак, во наредните денови може да се случи што било, што би можело да го поткопа договорот и да го претвори во уште едно краткотрајно примирје во долгата историја на судири меѓу Арапите и Евреите на Блискиот Исток, која датира уште од пред основањето на Израел, пред 77 години. Постојат многу начини на кои примирјето може да се наруши – и токму тие ризици, како што посочува еден американски претставник што им се обрати на новинарите пред патувањето, се дополнителна причина администрацијата на Трамп да остане активно вклучена.
Доколку договорот се одржи, тоа ќе претставува голем чекор кон траен мир, кој досега ниту Трамп ниту неговиот претходник Џо Бајден не успеаја да го обезбедат, иако по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година следуваа повеќе рунди на преговори. Тој успех доаѓа откако претседателот изврши притисок врз израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и ги искористи арапските сојузници за посредничка дипломатија со Хамас, кој САД и Европската Унија го сметаат за терористичка организација.
Враќањето на заложниците би го лишило Хамас од моќниот преговарачки адут што досега го користеше против Израел – но, според аналитичарите, групата сега проценила дека е подобро да го употреби токму овој момент. Убедувањето на Нетанјаху постепено да се повлече од Газа и да се откаже од амбициите за преземање контрола врз територијата може да го запре крвопролевањето таму и да им даде на Палестинците можност да ја прекинат својата глобална изолација.
„Администрацијата на Трамп ги убеди двете страни дека продолжувањето на војната по тековната насока е полошо отколку прифаќањето на рамковниот договор“, изјави во петокот Мајкл Херцог, поранешен израелски амбасадор во САД, за време на настан организиран од аналитичкиот центар „Вашингтон институт“ (Washington Institute). „Сепак, јасно е дека големите предизвици допрва претстојат. Постојат сериозни прашања околу следните фази.“
Брзата дипломатска турнеја е типична за Трамп, главниот „пазарџија“ што се појавува пред да се исуши мастилото и пред да бидат прецизирани ситните детали. Но, за американскиот претседател, и самата можност за договор е доволна причина да замине во странство, бидејќи настојува да го зацементира своето наследство.
„Мислам дека договорот ќе опстане. Сите се уморни од борбите. Не заборавајте го 7 октомври, тоа беше ужасен ден, беа убиени 1.200 луѓе, но Хамас изгуби 58.000 луѓе. Тоа е голема одмазда, голема одмазда“, изјави Трамп во петокот, очигледно осврнувајќи се на бројот на палестинските жртви што го објави Министерството за здравство под контрола на Хамас.
„Но ова оди подалеку од Газа. Ова е мир на Блискиот Исток, и тоа е прекрасна работа“, додаде Трамп.
Трамп денеска ќе пристигне во Израел, каде што ќе се сретне со семејствата на заложниците и ќе се обрати пред израелскиот парламент, Кнесетот, по што ќе отпатува во Шарм ел Шеик во Египет. Таму ќе биде кодомаќин на мировниот самит заедно со египетскиот претседател Абдел-Фатах ел-Сиси, на кој ќе присуствуваат повеќе арапски и европски лидери, меѓу кои и британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон.
Првиот договор
Аврамовите договори (Abraham Accords) се сметаа за најголемото надворешнополитичко достигнување на Трамп во неговиот прв мандат, кога неколку арапски и муслимански држави ги нормализираа односите со Израел. Хамас го започна својот брутален напад преку границата пред две години, во време кога се шпекулираше дека една од најмоќните земји во регионот – Саудиска Арабија – е подготвена да се приклучи.
Завршувањето на војната би можело да создаде простор тие разговори да продолжат.
Државниот секретар Марко Рубио го информира претседателот Трамп за договорот за Газа за време на тркалезната маса на 8 октомври.
Фотографија: Френсис Чанг / „Политико“/ „Блумберг“
Најважно од сè, договорот би го запрел убивањето во Газа и би ѝ овозможил на разурнатата територија да започне со обновување по израелските напади, кои предизвикаа хуманитарна катастрофа и оставија илјадници цивили мртви. Бруталната природа на израелската воена кампања ги наруши односите со неколку традиционални западни сојузници, кои минатиот месец ја признаа палестинската држава во Обединетите нации.
Обезбедувањето одржливост на договорот по првата фаза – размена на заложници за затвореници меѓу Израел и Палестинците – нема да биде лесно. Клучните детали сè уште не се дефинирани.
Краток рок
Белата куќа во петокот соопшти дека започнал 72-часовниот рок за ослободување на заложниците, со што обврската паѓа на Хамас, кој треба да испорача околу 20 живи заробеници и останките од другите. Идните фази од планот на Трамп – вклучувајќи ги и разоружувањето на Хамас, составот на стабилизациските сили што ќе патролираат во Газа и темпото и насоката на повлекувањето на израелските сили – сè уште не се утврдени.
„Неизбежно, ќе има конфликти. Ќе има работи околу кои луѓето во Газа нема да се согласуваат со Израел, а Израелците со арапските држави од Заливот“, изјави потпретседателот Џеј Ди Венс во неделата во емисијата „Соочување со нацијата“ (Face the Nation) на Си-би-ес (CBS).
„Нашата улога ја гледаме токму во посредување при тие несогласувања и во одржување на притисокот врз сите страни за да се постигне траен и одржлив мир.“
Главното прашање е како претседателот ќе осигури дека Израел нема повторно да посегне по оружје во Газа откако ќе ги прими заложниците. Нетанјаху и некои од членовите на неговата десничарска коалиција рекоа дека е неопходно Хамас целосно да се уништи и дека не можат да прифатат идна палестинска држава.
Израелски војници распоредени во близината на границата меѓу Израел и Појасот Газа на 11 октомври.
Фотографија: Амир Леви / „Гети имиџис“
Трамп, „колку што знаеме, му дал гаранции на Хамас дека ќе гарантира дека Израел нема повторно да ја започне оваа војна. И мислам дека е сосема нејасно како ќе изгледаат тие гаранции“, изјави Вил Тодман, повисок соработник во Центарот за стратешки и меѓународни студии (Center for Strategic and International Studies).
Трамп во петокот избегна директен одговор на прашањето за гаранциите, но призна дека сè уште има работа. „Постои консензус за поголемиот дел, а некои детали, како и во секој друг процес, ќе бидат доработени“, рече тој.
Договорот беше постигнат оваа недела, по разговорите што започнаа во август околу можноста за размена на затвореници во помал обем. Тие резултираа со листа на принципи што подоцна прерасна во конечен план на Трамп од 20 точки.
Блиски советници
Главниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, и зетот на претседателот, Џеред Кушнер, во средата отпатуваа во Египет, а потоа во Израел, за да го финализираат договорот преку серија маратонски состаноци.
Според американски официјални лица, Трамп се приклучувал во повеќе наврати, при што Виткоф или Кушнер го вклучувале преку своите „ајфони“ на звучник за да разговара со сите присутни. Трамп им наредил на своите советници да го постигнат договорот и нагласил дека завршувањето на војната не смее едноставно да ја врати Газа во состојбата во која беше претходно.
Личното вклучување на Трамп и присуството на неговите најблиски советници биле клучен сигнал за американската посветеност и пресуден фактор за убедување на другите страни да го прифатат договорот, рекоа официјалните лица.
Луѓе со американски знамиња и портрет на претседателот Доналд Трамп за време на собир на „Плоштадот на заложниците“ во Тел Авив, на 11 октомври. Фотографија: Џек Гез/„АФП“ /„Гети имиџис
Еден од американските официјални претставници изјави дека Трамп дал гаранции дека сите страни ќе останат посветени на договорот. Неговото патување ќе ја засили таа обврска – исто како и распоредувањето на 200 американски војници, некои од нив во Израел, кои ќе помогнат при воспоставувањето на Меѓународната сила за стабилизација - ИСФ (International Stabilization Force).
Американските претставници рекоа дека Нетанјаху има доверба дека Трамп нема да направи нешто што би ја загрозило безбедноста на Израел – и дека токму затоа може да се разговара за „креативни“ решенија со Израел за иднината на Газа и да се одбијат барања од други земји на кои Израел не би се согласил.
Таа динамика, како што кажа еден од американските претставници, ги елиминирала „сценаријата и глупостите“ што ги оптоваруваа претходните мировни разговори.
Неколку демократи го пофалија Трамп за неговата улога во постигнувањето на договорот.
„Мислам дека заслужува големо признание“, изјави во неделата сенаторот Марк Кели, демократ од Аризона, во емисијата „Стејт оф јунион“ (State of the Union) на Си-ен-ен (CNN). „Сега треба да видиме што ќе се случи понатаму. Се надевам дека Саудијците и Емиратите ќе ја испорачаат својата заложба – да инвестираат во обновата на Газа.“
Патувањето на Трамп се случува веднаш по објавата на најновата Нобелова награда за мир, за која тој силно лобираше. На крајот, годинашното признание ѝ беше доделено на опозициската лидерка од Венецуела. Доколку блискоисточниот договор опстои, Трамп би можел да има силен аргумент за да ја освои наградата во иднина.