Собранието денеска со 64 гласови „за“ и 40 „против“ го избра Јован Митрески за претседател на Собранието. Митрески, кој беше досегашен координатор на пратеничката група на СДСМ, ќе биде претседател на Собранието до изборот на нов состав на Парламентот по изборите на 8 мај. Тој доаѓа на оваа функција откако неговиот претходник Талат Џафери беше предложен за мандатар на техничката влада, која треба да биде избрана во недела на 28 јануари.
„Како секој пратеник, така и за мене изборот за претседател е голема чест, но пред се одговорноста е уште поголема. Во таа насока ве уверувам дека со посилен интензитет ќе продолжам да работам во интерес на функционалноста и ефикасноста на Собранието, секако во согласност со Уставот, со деловникот, со законската регулатива, но пред се во интерес на граѓаните и државата“, рече Митрески.
Тој рече дека останува отворен за соработка со сите пратенички групи, се додека гледа, мисли и чуствува дека тоа што се прави од спротивната страна е во интерес на граѓаните и државата.
Митрески изрази благодарност за поддршката и за довербата која му ја дадоа пратениците со нивното гласање, како и до досегашниот претседател Талат Џафери и до генералната секретарка Цветанка Ивановска, до нејзините заменици за успешното менаџирање, како и до вработените во Собранието.