По неколкучасовна дискусија, Европскиот совет ја усвои одлуката за отворање преговори со Босна и Херцеговина.
Како што е познато, продолжува дискусијата за заклучоците под кои ќе се водат преговорите за членство. Информацијата за оваа одлука на лидерите на земјите членки на Европската Унија ја потврди и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
„Вашето место е во нашето европско семејство. Денешната одлука е клучен чекор напред на вашиот пат кон ЕУ. Сега треба да продолжите со вашата напорна работа за Босна и Херцеговина да може стабилно да напредува, како што сака вашиот народ“, напиша Мишел.
Земјите членки што најмногу се залагаа за отворање на преговорите со Босна и Херцеговина се Австрија, Хрватска, Чешка, Грција, Италија, Словачка и Словенија. Холандија и Франција беа порезервирани.
„Клучно е да се искористи моменталниот замав и да се одлучи за отворање пристапни преговори со Босна и Херцеговина“, рече претходно австриската министерка Каролине Едштадлер.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на прес-конференцијата по првиот ден од самитот во Брисел ја поздрави „историската“ одлука за отворање на пристапните преговори со Босна и Херцеговина - „земја што презеде импресивни чекори кон ЕУ“.
„За нешто повеќе од една година е постигнат поголем напредок отколку за повеќе од една деценија. Босна и Херцеговина сега е целосно усогласена со нашата надворешна и безбедносна политика. Видовме и одржлив напредок во усвојувањето на важните закони. Видовме напредок во управувањето со миграцијата, а Босна и Херцеговина направи голем напредок во дијалогот и помирувањето“, истакна Фон дер Лајен.