Иран лансира беспилотни летала и проектили кон Израел откако вети одмазда за смртоносниот напад врз неговиот конзулат во сирискиот главен град Дамаск. Израел не соопшти дека го извршил нападот на конзулатот, но се верува дека стои зад него. Тоа е првпат Иран директно да го нападне Израел.
Претходно Израел и Иран беа вклучени во долгогодишна војна во сенка - напаѓајќи се без да ја признаат одговорноста. Тие напади значително се засилија за време на актуелната војна во Газа, предизвикана од нападот на палестинската група Хамас врз блиските израелски заедници минатиот октомври.
Зошто Израел и Иран се непријатели?
Прочитај повеќе
Светот повикува на деескалација на тензиите на Блискиот Исток
Кина и Индија повикаа на смирување на состојбата и на воздржаност.
14.04.2024
Разгорувањето на Блискиот Исток може да донесе раст на цената на нафтата
Се очекува пригушен раст по коментарот на Иран дека одмаздата за нападот на амбасадата во Сирија е успешна и дека нема да има нови операции.
14.04.2024
Техеран го прогласи нападот врз Израел за успешен, нема намера за нови операции
Иран вели дека целта на нападот била базата од која полетале израелските авиони за да ја нападнат иранската амбасада во Сирија.
14.04.2024
Иран го нападна Израел со над 300 проектили и беспилотни летала
Израел побара итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации.
14.04.2024
Иран започна голем напад на Израел со дронови и проектили
Најавена е можност да се повикаат на помош американските поморски сили во соборувањето на проектилите.
13.04.2024
Двете земји беа сојузници до исламската револуција во Иран во 1979 година, која донесе режим што го користеше Израел како клучен дел од својата идеологија. Иран не го признава правото на Израел да постои.
Врховниот лидер на земјата, ајатолахот Али Хамнеи, претходно го нарече Израел „канцероген тумор“, кој „несомнено ќе биде откорнат и уништен“.
Израел верува дека Иран претставува егзистенцијална закана, што се потврдува со реториката на Техеран, неговото зголемување на сојузнички сили заколнати на уништување на Израел, неговото финансирање и вооружување на палестинските групи, вклучувајќи ги Хамас и либанската шиитска милитантна група Хезболах, и преку сомнежите дека Иран е во тајна потрага по нуклеарно оружје, иако Иран негира дека сака да изгради нуклеарна бомба.
Иран сакаше да возврати по нападот на конзулатот
Иран вели дека бомбардирањето на Израел во саботата вечер е одговор на воздушниот напад на 1 април врз зградата на иранскиот конзулат во сирискиот главен град Дамаск, во кој загинаа високи ирански команданти.
Иран го обвинува Израел за воздушниот напад, кој го смета за прекршување на неговиот суверенитет. Израел не објави дека ја извршил акцијата, но се верува дека стои зад неа.
Убиени се 13 лица, меѓу кои и генералот Мохамад Реза Захеди - висок командант во силите Кудс, прекуокеанскиот разгранок на елитната Иранска револуционерна гарда (ИРГЦ). Тој беше клучна фигура во иранската операција за вооружување на либанската шиитска вооружена група Хезболах. Нападот на конзулатот го следи моделот на воздушни напади врз ирански цели што нашироко му се припишуваат на Израел. Неколку високи команданти на ИРГЦ беа убиени во воздушни напади во Сирија во последните месеци. ИРГЦ испраќа оружје и опрема, вклучувајќи и ракети со висока прецизност, преку Сирија до Хезболах. Израел се обидува да ги запре овие испораки, како и да го спречи Иран да го зајакне своето воено присуство во Сирија.
Кои се сојузниците на Иран?
Иран изгради мрежа на сојузници и прокси-сили на Блискиот Исток за кои вели дека се дел од „оската на отпорот“ што ги предизвикува американските и израелските интереси во регионот. Тој ги поддржува во различен степен.
Сирија е најважниот сојузник на Иран. Иран, заедно со Русија, ѝ помогна на сириската влада на Башар ал Асад да ја преживее децениската граѓанска војна во земјата.
Хезболах во Либан е најмоќната од вооружените групи што Иран ги поддржува. Речиси секојдневно разменуваше прекуграничен оган со Израел откако избувна војната меѓу Израел и Хамас. Десетици илјади цивили од двете страни на границата беа принудени да ги напуштат своите домови. Иран поддржува неколку шиитски милиции во Ирак, кои со ракетен оган ги нападнаа американските бази во Ирак, Сирија и Јордан. САД возвратија откако тројца нивни војници беа убиени во воена станица во Јордан.
Во Јемен, Иран му дава поддршка на движењето Хути, кое ги контролира најнаселените области во земјата. За да покажат поддршка за Хамас во Газа, Хутите истрелаа проектили и беспилотни летала кон Израел и исто така напаѓаа трговски бродови во близината на неговите брегови, уништувајќи најмалку еден брод. САД и Обединетото Кралство погодија цели на Хутите како одговор.
Иран исто така обезбедува оружје и обука за палестинските вооружени групи, вклучувајќи го и Хамас, кој го нападна Израел на 7 октомври минатата година, предизвикувајќи ги актуелната војна во Газа и конфронтациите што ги предизвика Иран, неговите полномошници и сојузниците на Израел на поширокиот Блиски Исток. Сепак, Иран негира каква било улога во самиот напад на 7 октомври.
Каков е соодносот на воените капацитети на Иран и Израел?
Иран е многу поголем од Израел географски и има население од речиси 90 милиони, речиси десет пати поголемо од Израел - но тоа не значи поголема воена моќ. Иран инвестираше многу во ракети и беспилотни летала. Земјата има огромен сопствен арсенал, но исто така обезбедува значителни количества за своите полномошници - Хутите во Јемен и Хезболах во Либан. Она што му недостига се модерни системи за противвоздушна одбрана и борбени авиони. Се верува дека Русија соработува со Иран за да ги подобри неговите капацитети во замена за воената поддршка што Техеран ѝ ја даде на Москва во војната со Украина - Иран обезбеди беспилотни летала „шахед“, кои Русија, наводно, сега сака да ги произведе самата.
Спротивно на тоа, Израел има една од најнапредните воздушни сили во светот. Според извештајот за воената рамнотежа на ИИСС (IISS), Израел има најмалку 14 ескадрили на авиони - вклучувајќи „Ф-15“, „Ф-16“ и најновиот стелт „Ф-35“. Израел исто така има искуство со изведување напади длабоко во непријателска територија.
Дали Иран и Израел имаат нуклеарно оружје?
Се претпоставува дека Израел има сопствено нуклеарно оружје, но одржува официјална политика на намерна двосмисленост. Иран нема нуклеарно оружје и исто така негира дека се обидува да ја искористи својата цивилна нуклеарна програма за да стане нуклеарно вооружена држава. Минатата година телото за глобален нуклеарен надзор откри ураниумски честички збогатени до 83,7 отсто чистота - многу блиску до степен на оружје - во ирански подземни капацитети. Иран рече дека можеби се случиле „ненамерни флуктуации“ во нивото на збогатување.
Иран отворено збогатува ураниум до 60 отсто чистота повеќе од две години, прекршувајќи го нуклеарниот договор со светските сили од 2015 година.
Сепак, тој договор беше блиску до пропаст откако американскиот претседател Доналд Трамп еднострано се повлече и ги врати жестоките санкции кон Иран во 2018 година.
Каква порака испраќа Иран преку својот напад?
„Блокиравме. Пресретнавме. Заедно ќе победиме“, вака ја оцени ситуацијата израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Но Том Флечер, советник за надворешна политика на неколку британски премиери и поранешен британски амбасадор во Либан, рече дека иранскиот напад е „застрашувачки сигнал за способноста и досегот на Иран“.
Раководствата и во Иран и во Израел беа „под притисок дома, соочени со меѓународна критика, и очигледно се подготвени да си играат со оган“, предупреди тој.
Но тој изјави за Би-би-си дека се чини дека нападот без преседан на Иран бил внимателно калибриран. „Иран однапред ги најави тие напади, што го олесни нивното одвраќање“, рече тој, споредувајќи го нападот со размените на оган на кои бил сведок додека бил амбасадор во Либан, каде што „намерата е да се покаже способноста, но не мора да ескалира“.
Тој исто така рече дека е „позитивно“ што Иран избра да одговори директно наместо преку Хезболах. Некои Израелци ја повикаа војската да ја прошири својата конфронтација со либанската вооружена група за да ја потисне од границата.
Санам Вакил од аналитичкиот центар „Чатам хаус“ рече дека нападот бил успешен од гледна точка на Иран.
„Ова е првпат Иран директно да го прекрши суверенитетот на Израел“, изјави таа за Би-би-си.
„Нападите секако беа калибрирани, насочени кон воени инсталации, со цел да не се нанесе преголема штета и да не се повреди некој“.