По затворањето на гласачките места за претседателските и парламентарните избори во Македонија се огласија од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и од ДУИ. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, изјави дека очекуваат уште подобри резултати од првиот круг на претседателски избори. Тој оцени дека изборниот ден поминал во мирна атмосфера и посочи дека се особено радосни што е постигнат цензусот за избор на претседател.
„Се радуваме што денеска пропадна едно сценарио, еден обид да се создаде легитимациска криза во државата да не се избере претседател. Се радуваме што е постигнат цензусот и се радуваме што е сосема извесно дека Гордана Силјановска-Давкова е нов претседател на Република Македонија. Очекуваме одличен резултат, очекуваме резултат што ќе биде и подобар од тој што го имаше во првиот круг претседателски избори и очекуваме веќе уште вечерва да биде јасна сликата за тоа како ќе изгледа идната влада на Република Македонија“, рече тој.
Муцунски дополни дека забележале неколку поединечни нерегуларности.
Прочитај повеќе
ДИК: Фер и демократски избори во Македонија со солиден одзив
Најголем одзив на претседателските избори има во Новаци (72,76 проценти), а најмал одзив во Липково (7,35 проценти).
08.05.2024
Одзивот на парламентарните избори до 13 часот е 25,84 отсто, на претседателските 23,95 отсто
Пристигнати се податоци за одзивот на гласачите од 2.472 избирачки места.
08.05.2024
Исполнет цензусот за претседателските избори
Најголем одзив за претседателските избори има во Новаци (66,47 проценти), а најмал одзив во Липково (6,48 проценти).
08.05.2024
„Мора да нотираме дека се забележани неколку поединечни нерегуларности, кои треба да бидат расветлени во наредниот период. Имено, неколку функционери на владејачката партија се фатени во илегални активности како го нарушуваат избирачкото право правејќи поткуп и притисоци, кои само го покажаа недемократскиот карактер на владеењето на власта, која очекуваме да биде жестоко поразена“, рече тој.
Според Муцунски, народот денеска испратил порака за ново поглавје.
„Народот денеска излегуваше на избори за да си ја врати Македонија. Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци се обединија и гласаа за да си ја вратат контролата врз системот, која ја нема, да се нормализира државата, да се има држава која наместо на елитите му припаѓа на народот“, дополни Муцунски.
Тој посочи дека отворениот повик за бојкот од страна на ДУИ не успеал.
„Елитите на власта се поразени од народот. Но денешниот ден ги извади на површина сите игри на власта. И практично се обвистинува сценариото на кое предупредувавме дека ДУИ посакува криза и преку бојкот на претседателските избори практично сака да се факторизира“, рече тој.
Имавме мирен, достоинствен и успешен изборен ден. Изборите беа фер и демократски, како што ѝ прилега впрочем на земја членка на НАТО со почнати преговори со ЕУ, изјави портпаролката на СДСМ, Богданска Кузеска, на прес-конференцијата одржана во седиштето на партијата кратко по затворањето на избирачките места на двојните избори што се одржаа во земјава.
Таа посочи дека биле констатирани одредени неправилности, но оти сметаат дека тие биле незначителни за изборниот процес и нагласи дека се во очекување на првичните резултати од гласањето.
„Граѓаните можеа слободно да ја искажат својата волја и да одлучат за иднината на земјата. Правото на глас и слободното одлучување се најзначајни придобивки во демократијата. Благодарност до сите граѓани што денеска излегоа на изборите и гласаа. Граѓаните покажаа демократски капацитет, а институциите зрелост, имавме слободни, демократски, мирни и достоинствени избори. Особена благодарност изразуваме до граѓаните што го дадоа својот глас за СДСМ со коалицијата ’За европска иднина’ и за претседателскиот кандидат Стево Пендаровски. Граѓанската волја ќе одлучи по кој колосек ќе се движи Македонија понатаму. Во очекување сме на првичните изборни резултати“, рече Кузеска.
На новинарско прашања за тивкиот бојкот во општините со доминантно албанско население, каде што гласаа за парламент, но не и за претседателските кандидати, портпаролката на СДСМ посочи дека секоја партија треба да одговара пред себе за тоа како настапила и оти СДСМ никогаш не биле кочничари на демократските процеси во земјава.
„Секоја партија треба да одговори пред себе и пред граѓаните како настапи на овие избори. СДСМ од самиот почеток и кандидатот што го поддржува СДСМ заедно со коалицијата ’За европска иднина’ повикуваа на масовност, повикуваа граѓаните да го искористат своето право на глас како за парламентарните така и за претседателските избори. СДСМ никогаш не бил кочничар на демократските процеси, никогаш не бил кочничар на кои било процеси што ја носат државата напред и затоа денеска излегуваме со една ваква оцена и уште еднаш благодарност до сите граѓани што излегоа на гласање и што го искористија свето право на глас“, подвлече Кузеска.
Шефот на изборниот штаб на Европскиот фронт, Арбр Адеми, од седиштето на ДУИ во тетовска Мала Речица на првата прес-конференција по завршувањето на гласањето на парламентарните избори и вториот круг од претседателските избори оцени дека денешниот изборен ден се одвивал непречено и без инциденти што би можеле да се одразат на овој процес. Тој изрази осуда за, како што рече, обидите на опозицијата за пропаганда, лажни вести и дезинформации.
„Европскиот фронт ќе биде сведок на историската победа на овој сенароден референдум, кој ќе ја запечати европската иднина на земјата. Враќање назад нема и нема да има, бидејќи волјата на граѓаните е пред сè. На 24 април и денеска народот го кажа својот збор и Европскиот фронт ќе остане засекогаш верен на волјата на гласачот. Вечерва победата е наша, на сите вас што ѝкажавте ’не’ на Русија, ’да’ за Европа. Исто како и денеска, активното учество на граѓаните во политичките процеси ќе биде одлучувачко за понатамошното унапредување на демократијата во Северна Македонија“, рече Адеми.
На новинарско прашање дали гласал лично на претседателските избори, Адеми рече дека не го направил тоа, но посочи кој од ДУИ го искористил тоа право.
„Ние ги оставивме нашите поддржувачи да одлучат самостојно како ќе се однесуваат а пропо претседателските избори. Ако направиме една споредба меѓу процентот на одзив на претседателските и на парламентарните избори, може да се констатира дека има една мала разлика, но не до тој степен да се одрази на фактичката состојба на нашите поддржувачи на изборите на 24 април. Имало поддржувачи на Европски фронт што ја изразиле својата волја на претседателските избори. Претседателот Ахмети гласаше денеска, премиерот Џафери гласаше денеска, министерот за надворешни работи, граѓаните по слободно убедување одлучиле дали да гласаат или не“, истакна Адеми.