Претседателот Џо Бајден се обложуваше дека дебатата со републиканецот Доналд Трамп ќе ја зајакне неговата позиција во кампањата за реизбор. Тој негов облог воопшто не успеа.
Уморниот претседател изгледаше како да му тежи секој ден од неговите 81 година. Наместо да им докаже на гласачите дека има издржливост за уште еден четиригодишен мандат, тој направи сè што можеше да тргне наопаку.
Бајден многупати направи гафови, наведувајќи неточни факти и бројки. Неговите забелешки беа млаки, испрекинати со болни напади на кашлање и склони кон повторување. Тој се ѕвереше во далечина додека Трамп испорачуваше факт по факт, рутински изнесуваше веќе познати обвинувања кон поранешниот претседател и закочи на крајот од еден лут одговор.
Демократите јавно и приватно изразија вознемиреност по завршувањето на дебатата, со гнев насочен кон кандидатот и неговиот штаб, кои долго време ја отфрлаа загриженоста за возраста и остроумноста на претседателот како претерана. Дури и се отворија прашања дали претседателот треба да остане во трката, иако тој на новинарите подоцна вечерта им рече дека има намера да остане на гласачкото ливче.
Еден демократски пратеник, кој сакаше да остане анонимен, набрзо по дебатата рече дека претседателот изгледа како лушпа од неговото поранешно јас и дека партијата мора да има разговор за негова замена на гласачкото ливче. Трамп, за кој анкетите покажуваа мало, но стабилно водство пред дебатата, сега се чини како јасен фаворит за освојување на втор мандат во Белата куќа.
„Ова беше навистина разочарувачки настап од Џо Бајден. Мислам дека нема друг начин да се опише“, рече Кејт Бедингфилд, поранешна директорка за комуникации на претседателот, за Си-ен-ен. „Неговата најголема задача беше да му докаже на американскиот народ дека има енергија и издржливост, а не го направи тоа“.
Најголемите проблеми
Трамп не беше без свои мани, карактеристично даваше одговори преполни со невистини и претерувања и одби да се обврзе да ги прифати резултатите од изборите во ноември. Но Бајден не успеа да ги искористи укажаните шанси или да ги одбие нападите.
Кога го прашаа за абортусот, една од најсилните теми за демократите, Бајден се насочи кон една од неговите најслаби области, имиграцијата. Тој драматично го потцени рекордот на работните места, беше вовлечен во тешка борба за голф и тежината на Трамп и во еден момент тврдеше дека „конечно го победил 'медикер'“.
Претседателот имал настинка, според луѓе запознаени со ова прашање.
„Тимот на Бајден никогаш не слушнал за еспресо или чај со мед и лимон“, рече демократскиот стратег Џон Рајниш.
Победата на Трамп би имала сеизмички последици за американската трговска политика, даночниот систем, граѓанските права и односите на нацијата со сојузниците и противниците. Пазарите веќе очекуваа замав зад Трамп. Доларот порасна во однос на главните ривалски валути.
Тимот на Бајден сакаше да се соочи со Трамп во јуни - најрано во модерната политичка историја на САД - со цел да ја промени трката од референдумот за неговото претседателствување. Наместо тоа, Трамп (78) доби можност да го стави Бајден во дефанзива за катастрофалното повлекување на САД од Авганистан, граничната криза и инфлацијата. Тој ги избегна испадите што разочараа во неговата прва дебата со Бајден пред четири години, кога постојано зборуваше за Бајден и се претстави како премногу агресивен.
„Болно за гледање“
Трамп ја искористи шансата кога Бајден се сопна.
„Навистина не знам што кажа на крајот од таа реченица, а мислам дека и тој не знае што рече“, кажа Трамп како реплика на еден од одговорите на Бајден за границата меѓу САД и Мексико.
Дванаесет од 14-те луѓе во фокус-групата на неопределени гласачи, чиј домаќин беше републиканскиот анкетар Френк Лунц, рекоа дека е поголема веројатноста да гласаат за Трамп откако го гледаа она што тие го опишаа како Бајден да се сопнува во текот на целата дебатата.
Карен Кирпол од Мичиген беше единствената од десетината што повеќе се наклони кон Бајден, но рече: „Беше многу болно да се гледа Бајден вечерва“.
Како што се разгоруваше дебатата, завладеаја екстремните ставови на Трамп и неговото лажно тврдење дека победил на изборите во 2020 година. Поранешниот претседател ги бранеше упадот во Капитол од 6 јануари 2021 година и бунтовниците и се обиде да тврди дека не рекол оти има добри луѓе на двете страни од собирот на белите националисти во Шарлотсвил - два најниски момента од периодот на неговото претседателствување.
Бајден упати удари против Трамп тврдејќи дека поранешниот претседател е осуден криминалец, кој претставува закана за американската демократија.
„Имате морал на мачка од улица“, рече Бајден за Трамп.
Како и да е, мисијата на Бајден пред можеби најголемиот аудиториум годинава беше да ја увери јавноста во својата сила и издржливост, да ги смири нервозните демократи, кои беа вознемирени од одлуката на претседателот да побара реизбор, и да ги врати во неговите редови. Речиси на секој фронт, претседателот потфрли. Бајден пред дебатата помина повеќе од една недела далеку од очите на јавноста, подготвувајќи се со мал тим долгогодишни соработници, кои ја поминаа изминатата година налутено отфрлајќи ги прашањата за остроумноста и возраста на претседателот.
„Бавен почеток“
Повеќе од три четвртини од возрасните во САД изјавија дека се загрижени за возраста на Бајден, според анкета на „Галуп“ објавена месецов.
Јавно, повеќе демократски избрани функционери застанаа зад неговиот настап.
„Апсолутно, тој е наш кандидат. Ништо не се смени вечерва“, рече гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом. „Напротив. Тој победи во суштина, тоа е она што е важно на крајот на краиштата“.
Потпретседателката Камала Харис за Си-ен-ен изјави дека Бајден „имаше бавен почеток, но силен финиш“.
Бајден навистина го засили темпото 50 минути во дебатата, кога се повика на минатите изјави на Трамп за барање одмазда и кога зборуваше за даночните намалувања на Трамп и неговото справување со дефицитот. Бајден исто така се обиде да зададе удари врз ставот на републиканците за социјалното осигурување и „медикер“, односот на Трамп со црните гласачи или неговото повлекување од Парискиот климатски договор.
„Дали некогаш сте слушнале некој претседател да каже дека бара одмазда“, рече Бајден во еден момент. „Овој човек нема чувство за американска демократија“.
Сепак, несигурното држење на Бајден не му направи услуга.
Водејќи се по традицијата на многумина што имале тешка ноќ во Атланта, Бајден ја напушти дебатата за да го посети блискиот ресторан за вафли. Тој им кажа на новинарите таму дека има болки во грлото и ги призна перцепциите за неговиот настап.
„Тешко е да се дебатира со лажго“, рече Бајден.