Службениците на Националната полициска канцеларија за сузбивање корупција и организиран криминал (ПНУСКОК) во петокот наутро пристигнале со наредби за претрес на адресата на министерот за здравство Вили Берош, јавува „Јутарњи лист“. Според првите информации, цел на истражителите, освен министерот, се и неколку високопозиционирани лекари, меѓу кои и директори на некои болници.
Според информациите на „Јутарњи“, станува збор за предмет на европското обвинителство, кој наводно се однесува на јавни набавки во некои болници. Наводно, станува збор за набавка на двојни микроскопи за неврохирургија, кои биле преплатени.
Од Канцеларијата за сузбивање корупција и организиран криминал (УСКОК) во петокот потврдија дека во Загреб и во Скрадин во тек се апсења и спроведување итни доказни дејства за повеќе лица. Тие наведуваат дека еден од нив е висок владин функционер, а лицата се осомничени за сторени коруптивни кривични дела.
УСКОК наведува дека по распитот на осомничениот ќе донесе одлука за понатамошно постапување во предметниот случај, за што навремено ќе ја информира јавноста, пренесува Хина.
Инаку, главната европска обвинителка Лаура Кодрута Ковеси ја посети Хрватска во октомври. Потоа таа се сретна со премиерот Андреј Пленковиќ и со главниот државен обвинител Иван Турудиќ. За време на посетата таа рече дека е оптимистка за соработката со Хрватска, но истакна дека очекува да се подобри соработката, особено кога станува збор за пристапот до информации. Тогаш таа посочи дека доколку до крајот на годината не се реши состојбата со пристапот до податоци, повторно ќе дојде.
Иако сè уште не се познати деталите, државниот секретар во Министерството за здравство, Томислав Дулибиќ, утринава за Хрватското радио изјави дека не знае зошто полицијата упаднала во куќата на министерот и дека сè ќе функционира нормално за пациентите и за граѓаните.