Хрватскиот министер за здравство Вили Берош, кој пред само неколку години беше медиумски миленик, на почетокот на пандемијата добиваше пофалби, а децата го цртаа како Супермен. Но како што вели цитатот на друг филмски херој, Бетмен: „Или умираш како херој или живееш доволно долго да станеш негативец“. Токму такво сценарио поради истрагата на Канцеларијата на Европскиот јавен обвинител (EППO), во моментов проживува „нашиот пријател Вили“.
Откако ја прошири веста за неговото апсење, премиерот Андреј Пленковиќ го разреши од должноста министер, а „Блумберг Адрија“ направи краток преглед на неговата биографија.
Берош е роден на 13 декември 1964 година во Сплит.
Кон крајот на 1992 година, со решение на Министерството за здравство добил специјализација за неурохирургија. Специјалистичкиот испит го положил во 1998 година и оттогаш работел како специјалист неурохирург.
По дипломирањето, го започнал постдипломскиот докторски студиум на Природно-математичкиот факултет на Универзитетот во Загреб во областа молекуларна биологија. На истиот факултет, во 2006 година, ја одбранил докторската дисертација, а од 2011 година носи титула примариус.
Пред да дојде на позицијата министер за здравство, бил раководител на Заводот за ендокранијална неурохирургија во КБЦ Сестри милосрдици.
Во 2018 година станал помошник на тогашниот министер за здравство Милан Кујунџиќ, а во јануари 2020 година и самиот ја презел министерката функција.
„Нашиот пријател Вили“
За време на пандемијата, Берош беше медиумски миленик. Секојдневно преку ТВ екранот предупредуваше дека следните две недели ќе бидат клучни, а на социјалните мрежи го претставуваа како суперхерој и „нашиот пријател Вили“.
Не требаше долго да се појават аферите. Првата се појави во август 2020 година, кога во јавност излезе снимка од разговор меѓу Берош и Дијана Задравец (заменик директорка на КБЦ), која наводно се случила пред парламентарните избори. На снимката се разговара за наводно наместен избор на директор на Виноградската болница.
Во април 2021 година беше објавено дека УСКОК спроведува истрага во врска со платформата cijepise.zdravlje.hr, на која граѓаните се жалеле поради проблемите при пријавувањето. Проблематичен бил договорот вреден 196 илјади куни помеѓу Министерството за здравство и компанијата „Куспис“ (Cuspis), која била вклучена во изработката на платформата. Во тој момент, на мета на УСКОК, покрај Берош, се најдоа и директорите на „Куспис“, Маја Смолчиќ и Винко Којунџиќ.
Комисијата за решавање на конфликти на интереси одбила да започне постапка против Берош во овој случај.
Во медиумите се најде и поради одбивањето на услуга од келнерка без маска за време на пандемијата, а потоа сам влета во својата замка кога беше снимен како се дружи со пејачката Нина Бадриќ, исто така без маска.
Берош во текот на својата министерска кариера се бореше со штрајкови на лекарите и медицинскиот персонал, синдикатите, долговите кон веледрогериите, листите на чекање, инфекцијата со легионела во КБЦ Загреб и вечните обиди за реформирање на здравствениот систем.
Преку сите овие проблеми и афери успешно се снаоѓаше и имаше поддршка од премиерот Пленковиќ, но сега идилата е нарушена од EППO. Берош беше уапсен заедно со уште неколку лица поради основани сомнежи дека извршиле кривични дела примање и давање поткуп, злоупотреба на положба и овластување, како и перење пари.
Во имотниот лист се издвојува само скап часовник
Според имотниот лист, Берош и неговата сопруга имаат два кредита земени во 2019 година на вкупен износ од 92 илјади евра за кои на ПБЗ плаќаат околу 880 евра месечно, а сопругата во ЗАБА има уште еден кредит од 4.700 евра, со месечна рата од 143 евра. Поранешниот министер плаќа и 340 евра месечно за лизинг на автомобил.
Во Загреб имаат две недвижности. Заедно во Рудеш поседуваат недвижност од 140 квадрати проценета на 212 илјади евра, а Берош е сопственик и на недвижност во Врапче од 50 квадрати вредна 86 илјади евра.
Берош е косопственик на стан од 75 квадрати и куќа со двор од 135 квадрати во Јелса на Хвар, проценети на 99 илјади, односно 150 илјади евра, како и на стан во загрепско Врапче од 107 квадрати вреден 200 илјади евра.
Платата на сопругата која работи во детска градинка според пријавеното изнесува 1.243 евра нето, а на Берош е запишана на износ од 2.650 евра нето.
Сопругата има „ауди а3“ од 2011 година, а Бероšш е косопственик на глисер и пријавил часовник „брајтлинг“ (Breitling) вреден 4.650 евра. Имаат и заштедени 23.500 евра.