Бугарската привремена влада подготвува нови напори да обезбеди полноправно членство на земјата во безвизната Шенген зона на Европската унија до крајот на оваа година, заедно со уште две балкански држави.
Додека Хрватска, најновата членка на блокот, можеби ќе може да се приклучи на Шенген од 1 јануари, Бугарија и Романија останаа надвор поради критиките за корупција и организиран криминал, иако ги исполнуваат неопходните технички барања.
Бугарија и Романија заеднички поканија експерти на ЕУ следниот месец да ја преиспитаат подготвеноста на земјите и да извршат притисок врз одлуката на лидерскиот состанок во декември, изјави денеска за новинарите Костадин Коџабашев, заменик-министер за надворешни работи на Бугарија.
„Излегува дека приклучувањето не е толку техничко прашање, туку политичко прашање за кое треба целосен консензус“, рече Коџабашев. „Амбицијата на привремениот кабинет е целосно да ја искористи отворената врата и нашата земја, ако е можно, да стане полноправна членка на крајот на годината“, додаде тој.
Некои земји, како Франција и Холандија, со години се скептични за членството на балканските земји во Шенген. Покрај тоа, проширувањето на зоната остана надвор од приоритетите на ЕУ за време на кризата со Ковид-19, што доведе до ограничување на патувањата во внатрешните граници на блокот.
Поранешниот бугарски премиер Кирил Петков, кој дојде на функцијата со ветување дека ќе се бори против митото, но беше соборен со гласање за недоверба во јуни, во интервју за Вloomberg вети дека ќе биде постигнат напредок до средината на годинава. Со изборите што треба да се одржат во октомври, политичката нестабилност може да им наштети на амбициите на Бугарија.
Романскиот премиер Николае Чиука претходно овој месец за Вloomberg изјави дека очекува неговата земја да добие влез во Шенген зоната на ЕУ без пасоши пред крајот на годината, по повеќе од една деценија чекање. Таквиот чекор ќе ги елиминира долготрајните чекања на романските граници со другите земји на ЕУ, кои беа влошени со конфликтот во Украина.
„Добар сигнал е тоа што веќе има позитивни ставови од некои скептични земји“, рече денеска Коџабашев. „Овој пат навистина се надеваме на позитивна одлука“, додаде тој.