Министрите за финансии на Групата седум оваа недела ќе разговараат за да се дозволи глобално купување на руска нафта по ограничена цена - гамбит за кој САД се надеваат дека ќе ги намали притисоците на енергетскиот пазар и ќе ги намали вкупните руски приходи од сурова нафта.
Американската министерка за финансии Џенет Јелен и нејзините колеги дополнително ќе разговараат за мерката на седница в петок, соопштија американски официјални лица. Планот ќе им овозможи на купувачите на руска нафта по ограничена цена да продолжат да добиваат клучни услуги - како финансирање и осигурување за танкери.
Европската унија, Обединетото Кралство и Швајцарија планираат да им забранат на нивните компании да ги обезбедуваат тие услуги за испораките на руска нафта почнувајќи од декември.
„Веруваме дека ова е најефективниот начин за силен удар врз приходот на Путин и тоа ќе резултира не само со пад на неговите приходи од нафтата, но воедно и на глобалните цени на енергијата“, рече во средата портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер. „В петок ќе слушнеме повеќе за тоа како ова ќе функционира, а не сме само ние - тоа е и партнерство со нашите сојузници, Г-7. Така што веруваме дека ова е начин навистина да се погоди Русија финансиски“.
Не е јасно колкава ќе биде цената или кои земји ќе се приклучат на ваквиот потег.
САД и нивните сојузници постојано размислуваат за тоа како најдобро да ја санкционираат Русија откако нејзината инвазија на Украина ги потресе светските енергетски пазари и ги зголеми цените на суровата нафта. Г-7 во која се вклучени и Германија, Обединетото Кралство, Франција, Италија, Јапонија и Канада - на почетокот на оваа година вети дека ќе ја ограничи зависноста од руската енергија, вклучително и со постепено укинување или забрана на увозот на руска нафта.
Американските власти тврдат дека дозволувањето на глобални купувања по или под границата на цената ќе ги натера другите купувачи да го бараат истиот попуст и ќе го олесни недостигот на пазарот, ќе ги намали светските референтни цени и ќе ја принуди Русија да воведе дополнителен попуст за својот извоз - што на крајот би придонело за намалување на вкупниот приход на земјата.
Лидерите на Г-7 претходно во јуни само ветија дека ќе го разгледаат планот за ограничување на цените, но освен Британија, не понудија голема поддршка.
„Веруваме дека тоа не е само идеја што вреди да се истражи, туку е идеја што вреди да се спроведе и со нетрпение очекуваме да слушнеме што ќе кажат министрите за финансии на крајот на неделата“, рече во средата Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност на САД.
Британија во средата соопшти дека го поддржува планот, при што државниот канцелар, Надим Захави, рече дека тој ќе биде „најефикасен доколку биде поддржан од најшироката можна коалиција“. Заменик-министерот за финансии на САД, Воли Адејемо, исто така отпатува во Индија минатата недела за да разговара за идејата за ограничување на цената.