text size
Цената за ангажирање супертанкери за транспорт на нафта се искачи на ново рекордно ниво, што создава огромни дополнителни трошоци во синџирот на снабдување со нафта.
Сега чини 77 милиони долари да се ангажира многу голем танкер за сурова нафта за транспорт на американска нафта до Азија, покажуваат податоците на „Балтик ексчејнџ“ во Лондон објавени во средата. Просекот во 2025 година изнесуваше 9,2 милиони долари.
Добро утро, ова се петте вести што се важни за почеток на денот.
Како растот на цената на дизелот влијае врз работењето и акциите на големите транспортни компании?
Цената на нафтата од типот „Брент“ на берзите се зголеми за 70 проценти од почетокот на годината, а дизелот поскапе за 45 проценти во Европската Унија. Ако некој ве праша дали ова влијаело на транспортните компании, веројатно би рекле дека акциите паднале поради цената на горивото. Сепак, европскиот индекс на акциски транспорт го надмина поширокиот берзански пазар во истиот период.
Цената на горивото очигледно не беше пресудна, а тоа најдобро го покажуваат акциите на ДХЛ (DHL) и „Кухне+Нагел“ (Kuehne+Nagel), кои пораснаа за околу 20 и 25 проценти од почетокот на годината, додека акцијата на ДСВ (DSV) изгуби околу една третина од својата вредност поради ризична аквизиција.
Голем пад на цените на деловните објекти во Македонија
Цените на деловните објекти во Македонија продолжија да се намалуваат при пад на вкупниот промет, а зголемена површина на истргуваните објекти, констатираат од Народната банка во извештајот за финансиската стабилност во Македонија во 2025 година.
Просечната постигната цена на истргуваните деловни објекти во 2025 година се намалила за 27 проценти на 14.977 денари за квадратен метар (243 евра/квадрат), наспроти растот на вкупната површина на истргуваните деловни простори (за 26,5 проценти наспроти 6,9 проценти во 2024 година) и помалиот вкупен промет (за 7,6 проценти исто како и претходната година).
Француските обврзници стануваат плен на ловците на поволни цени
Распродажбата на француските обврзници можеби се приближува до пресвртна точка, бидејќи растот на приносите привлекува дел од инвеститорите повторно да влезат на пазарот.
„Медиоланум фондс“ е меѓу оние што благо ги зголемија вложувањата во Франција, додека „Амова асет менаџмент“ и „Аегон асет менаџмент“ велат дека чекаат можности за купување, откако премијата на приносот на 10-годишниот француски долг во однос на германскиот, кој се смета за сигурно засолниште во регионот, се искачи на највисоко ниво во последните 14 години, од речиси 1,6 процентни поени.
Кредитниот ризик на „Спејс екс“ достигна рекордно ниво по најавата за ново задолжување
Мерката за кредитниот ризик на „Спејс екс“ се искачи на ново највисоко ниво, а обврзниците на компанијата паднаа на секундарниот пазар во средата, по извештаите дека компанијата води разговори со банки и инвеститори за прибирање 40 милијарди долари за купување чипови од „Енвидија“.
Цената на петгодишните свопови за кредитен ризик на долгот на компанијата, која расте со зголемувањето на загриженоста на инвеститорите, се зголеми за дури 0,145 процентни поени, или 14,5 базични поени, на околу 195,4 базични поени годишно, според податоците на „Ај-си-и дата сервисес“. Тоа е највисокото ниво во текот на тргувањето откако своповите поврзани со ракетниот, сателитскиот и конгломератот за вештачка интелигенција на Илон Маск почнаа активно да се тргуваат во јуни.
Изградбата на податочните центри отвора ново прашање - кој ќе плаќа за мрежата
Напливот на побарувачката за електрична енергија од центрите за податоци отвора прашања за тоа кој треба да ги сноси трошоците за електроенергетските мрежи и сигурните производствени капацитети потребни за нивно снабдување, според РВЕ (RWE AG).
Европа итно треба да ги прошири своите електроенергетски мрежи за да ја спроведе декарбонизацијата и да се справи со растечката побарувачка за електрична енергија. Предизвикот е како да се финансираат тие инвестиции без домаќинствата и компаниите да бидат оптоварени со поголем дел од трошоците, особено бидејќи центрите за податоци, кои трошат големи количества електрична енергија, ја зголемуваат потребата од нова инфраструктура.