Една од најбогатите жени во светот со потекло од Македонија, 92-годишната Маријан Илич ја доби наградата „Ќерка на Македонија“ на гала вечерта по повод 20-годишниот јубилеј на Обединетата македонска дијаспора – ОМД, што се одржа во Детроит. Осврнувајќи се на бизнисот со сопругот, таа на шега рече дека единственото нешто што не им текнало е да го прошират и кај нас. „Ќе треба да ја однесам екипата на мојот сопруг во Македонија за да ги донесеме ‚Цезар пиците‘ таму“, рече Илич.
Според индексот на милијардери на „Блумберг“ кој ги рангира 500-те најбогати луѓе на светот, Маријан Илич е на 468. место со проценето богатство од 7,7 милијарди долари. Богатството на семејството Илич потекнува од „Литл Цезарс“, третиот најголем синџир на пицерии во светот. Во сопственост на семејството Илич се и спортските клубови Детроит тајгерс (Detroit Tigers) и Ред Вингс (Red Wings).
Добро утро, ви пишува Владимир Николоски од дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“. Подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Може ли Македонија да издвои пет отсто од БДП за одбрана?
Американскиот претседател Доналд Трамп постигна своевидна дипломатска победа на последниот самит на НАТО одржан во јуни годинава во Хаг, откако меѓу членките на Алијансата беше договорено во иднина за одбрана да се издвојува по пет отсто од бруто-домашниот производ (БДП), нешто што тој го заговараше уште од својот претходен мандат. Иако во голем број земји членки имаше незадоволство, сите, освен Шпанија, се согласија во период од десет години да почнат да издвојуваат по пет отсто од својот БДП.
Од нив, 3,5 отсто ќе се однесуваат на основна одбрана, односно оружје и трупи, а 1,5 отсто ќе преставува износ што е предвиден за т.н. безбедносни инвестиции, како што е заштита на критична инфраструктура, иновации, обезбедување цивилна заштита итн. Веднаш по самитот се наметна прашањето колку земјите членки, а особено оние економски послабите, ќе имаат капацитет да ја постигнат договорената цел од пет проценти.
Највисока и најниска плата – програмерите заработуваат 3,5 пати повеќе од рибарите
„Никако не можам да најдам човек за на рецепција“, ми се жали деновиве моја познаничка, менаџерка во еден скопски хотел. Таа вели дека претходниот рецепционер си заминал на друго место за подобра плата, иако примањата сосе дежурствата и другите додатоци му достигнувале и до 55.000 денари месечно. Иако за оваа позиција не се потребни високо образование и некакви посебни квалификации освен познавање англиски јазик и сл., платата достигнува и до една третина повисоко од македонскиот просек, кој во мај годинава го достигна својот рекорд од 45.796 денари.
Во јуни Државниот завод за статистика (ДЗС) забележа намалување на просечната плата од 0,7 отсто во однос на мај, додека најновите податоци, за јули, покажуваат исто така намалување од месец на месец, овој пат за 0,4 отсто. Изминативе неколку години платите во Македонија континуирано растат, како минималната така и просечната плата, и тоа со високи стапки, за разлика од продуктивноста.
Преглед на берзите: Раст на новодојденецот во S&P 500, пад на криптовалутите
Составот на најпознатиот американски индекс S&P 500 малку се промени на почетокот на минатата недела. „Робинхуд Маркетс“ (Robinhood Markets), „Епловин Корп“ (AppLovin Corp.) и „Емкор Груп“ (Emcor Group) беа вклучени во индексот, додека „Марект Аксес Холдинг“ (MarketAxess Holdings), „Цизарс Ентертејмент“ (Caesars Entertainment) и „Енфејз Енерџи“ (Enphase Energy) испаднаа.
Без оглед на промените, американскиот индекс заврши во минус. На неделно ниво, тој беше во пад од 0,31 проценти и ја заврши неделата на добри 6.643,70 поени. Загубата ќе беше уште поголема ако не добиеше 0,59 проценти во тргувањето во петок. Најголемото позитивно движење во рамките на индексот на последниот ден од тргувањето во неделата го направи „Електроник Артс“ (Electronic Arts) од +14,87 проценти.
Алатките на ЕЦБ не можат да ги решат фискалните проблеми на Европа, вели Слајпен
Европските политичари не треба да се потпираат на инструментите за итни случаи на Европската централна банка за решавање на нивните фискални проблеми, според членот на Управниот совет, Олаф Слајпен. На прашањето во интервју за „Хет Финансиеле Дагблад“ дали никогаш неупотребената програма на ЕЦБ, дизајнирана да се спротивстави на прекумерните движења на пазарот - позната како Инструмент за заштита на преносот - може да се користи за поддршка на државни обврзници, новиот шеф на холандската централна банка беше воздржан.
„Инструментот постои - може да се користи привремено под одредени услови, но апсолутно не е наменет за одредени работи“, изјави Слајпен за весникот со седиште во Амстердам. „Затоа, мислам дека идејата дека ЕЦБ ќе го реши проблемот е премногу поедноставена. Некои работи навистина треба да ги решат самите политичари.“ Слајпен рече дека цената за програмата за квантитативно олеснување на ЕЦБ „беше висока кога ќе се земат предвид профитите на централните банки и последиците од ниските каматни стапки за финансиската стабилност“.
Стармер: „Расистичките“ политики на Фараж би ја распарчиле Велика Британија
Премиерот Кир Стармер ги засили своите политички напади врз десничарскиот популистички лидер Најџел Фараж, нарекувајќи го неговиот предлог за депортација на некои легални мигранти кои веќе живеат во Велика Британија расистички и неморален. „Мислам дека тоа е расистичка политика“, изјави Стармер за Би-Би-Си на почетокот од годишната конференција на неговата владејачка Лабуристичка партија во Ливерпул во неделата. „Тоа е неморално и треба да го осудиме онакво какво што е.“ Премиерот направи разлика односно рече дека не мисли дека оние кои размислуваат да гласаат за партијата на Фараж, Реформа на Велика Британија, се расисти.
Коментарите на Стармер се едни од најсилните критики што ги упатил досега кон Фараж и неговата партија, која води во анкетите на јавното мислење во Велика Британија и за прв пат се смета за потенцијален победник на следните општи избори, кои треба да се одржат во 2029 година. Премиерот е под силен политички притисок пред конвенцијата, соочувајќи се со критики за неговата проценка и лидерство додека неговата влада се бори да ги убеди и гласачите и приврзаниците на партијата дека има план да ја сврти земјата.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...