Американскиот претседател Доналд Трамп постигна своевидна дипломатска победа на последниот самит на НАТО одржан во јуни годинава во Хаг, откако меѓу членките на Алијансата беше договорено во иднина за одбрана да се издвојува по пет отсто од бруто-домашниот производ (БДП), нешто што тој го заговараше уште од својот претходен мандат. Иако во голем број земји членки имаше незадоволство, сите, освен Шпанија, се согласија во период од десет години да почнат да издвојуваат по пет отсто од својот БДП. Од нив, 3,5 отсто ќе се однесуваат на основна одбрана, односно оружје и трупи, а 1,5 отсто ќе преставува износ што е предвиден за т.н. безбедносни инвестиции, како што е заштита на критична инфраструктура, иновации, обезбедување цивилна заштита итн.
Веднаш по самитот се наметна прашањето колку земјите членки, а особено оние економски послабите, ќе имаат капацитет да ја постигнат договорената цел од пет проценти. Пораката на Трамп беше јасна – ние даваме најмногу пари за НАТО и, ако сакате да бидете под нашиот безбедносен чадор, ќе мора да платите.
Инаку, во полнењето на буџетот на НАТО најмногу учествуваат најголемите држави и најбогатите членки, предводени од САД и Германија, кои учествуваат еднакво со 15,9 отсто, пред Обединетото Кралство со речиси 11 отсто, Франција со 10,2 отсто, Италија со 8,5 отсто итн., покажуваат податоците објавени на веб-сајтот на Алијансата. Македонија, разбирливо, е во редот на најмалите полначи на буџетот, со 0,08 отсто учество, во друштво со Албанија, која учествува со 0,09 отсто, Исланд со 0,06 отсто и Црна Гора на последното место со 0,03 отсто.
Прочитај повеќе

Фондот на НАТО ангажира шпански стартап за прва инвестиција во сателит
Инвестицискиот фонд на НАТО, НИФ (NIF), избра шпански стартап за својата прва инвестиција во сателитска технологија, што е нов чекор во напорите на Европа да ја развие таа индустрија.
18.09.2025

Во што вложува македонската одбрана - хеликоптери, беспилотни летала
Буџетот за одбрана од 2020 година е зголемен за над 190 милиони евра.
16.09.2025

Трамп поддржува нови санкции, ама кога НАТО ќе престане да купува руска нафта
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е подготвен да воведе „големи“ санкции врз руската нафта доколку земјите од НАТО го сторат истото.
14.09.2025

Руските воени вежби ја зголемуваат вознемиреноста на НАТО по упадот со дронови во Полска
Русија и Белорусија се подготвуваат за воената вежба „Запад“, паралелно, НАТО одржува вежби во Европа
12.09.2025

Радмила Шекеринска за „Блумберг Адрија“: Поголемите одбранбени расходи се неопходни
На граѓаните на земјите членки на НАТО мора да им обезбедиме иста безбедност како и досега, но за тоа треба да вложуваме повеќе во одбрана, уверена е заменичката генерален секретар на НАТО, Македонката Радмила Шекеринска.
07.09.2025

На Европа очајно ѝ е потребна воената помош од САД
На Европа би ѝ биле потребни 1 трилион долари за да ги замени конвенционалните воени капацитети што САД ги имаат распоредено во регионот
06.09.2025
Што се однесува, пак, до тоа која членка на НАТО најмногу ја оптоварува сопствената економија со трошоци за одбрана, тука на прво место е Полска, која за 2024 година според податоците објавени на веб-сајтот на НАТО одвоила 3,8 отсто од својот БДП за одбрана, пред Естонија и Латвија со по 3,4 отсто, САД со 3,2 отсто, Литванија со нешто над 3 отсто, Грција со 2,7 отсто итн.
Карактеристично е што Полска, трите балтички републики, но и Финска и Шведска, ги имаат позначително зголемено своите воени буџети од 2022 година наваму, откако почна воената инвазија на Русија врз Украина. Разбирливо, со оглед на тоа што сите се земји што граничат со Русија или се во нејзина непосредна близина чувствуваат дека нивната безбедносна состојба е под зголемен ризик. Така, на пример, Естонија ако издвојувала 1,3 отсто од БДП за воени потреби во 2021 година, за 2025 година планира да издвои 3,8 отсто, што е безмалку тројно зголемување. Слично е и кај Латвија, од 2,1 на 3,7 отсто, Литванија од 1,9 на речиси 4 отсто годинава, Финска од 1,4 на 2,8 отсто итн.
Македонија е последната земја што пристапи во НАТО пред инвазијата на Русија врз Украина. Земјава стана 30-та членка на Алијансата на почетокот на пандемијата, во март 2020 година. По почетокот на војната во Украина, во НАТО пристапи и Финска, непосреден сосед на Руската Федерација, како и соседната Шведска.
Од пристапувањето на земјава во Алијансата значително расте и буџетот на Министерството за одбрана. Од околу 138 милиони евра во 2020-та, годинава изнесува над 330 милиони евра. Како процент од БДП тоа значи дека пред пет години сме издвојувале 1,24 отсто, а за 2025 година биле проектирани 2 отсто, бројка што беше досегашна цел за исполнување на секоја НАТО-членка, до пред годинашниот состанок во Хаг, кога што се договорија за 5 отсто. Инаку, и целта од 2 отсто повеќе од една третина од членките на Алијансата не ја исполнуваа досега, а меѓу нив и развиени земји како Канада (1,47 отсто), Италија (1,50 отсто), Шпанија (1,43 отсто), Белгија (1,29 отсто) итн.
Колку е способна Македонија да ја исполни новата цел, од пет проценти, до 2035 година?
Од Владата ни одговорија дека Министерството за одбрана, кое е надлежна институција по ова прашање, веќе работи во однос на проекциите за буџетот за одбрана за наредната година, а истовремено прави и проекции за буџетот во следниот период за достигнување на веќе договореното.
„Она што е особено важно е донесувањето на новите стратешки документи, кои ќе бидат и патоказ за опремувањето и модернизирањето на армијата, а во согласност со овие документи понатаму ќе биде потребно да се усогласува буџетот за одбрана“, велат од Владата.
Последниот стратешки документ што државата го донела во врска со развојот и модернизацијата на армијата е Долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2023-2032 (ДПРОС), креиран од страна на Министерството за одбрана во време на претходната влада на СДСМ. Според ДПРОС, клучната цел е да се подобри интероперабилноста со НАТО и да се зголемат мобилноста и заштитата на армискиот персонал. Според документот, буџетот за модернизација во периодот 2023-2032 е предвиден на 955 милиони евра, што е 28 отсто од целокупниот одбранбен буџет за опремување и модернизација. Сепак, овој документ е подготвуван во услови кога пропишаната цел за НАТО-членките беше издвојување за одбрана во висина од 2 отсто од БДП, а сега околностите се значително променети.
Од Владата велат дека за оваа година, од предвидените околу 330 милиони евра за одбрана, околу една третина (32 отсто) или 106 милиони евра се наменети за модернизација и опремување на македонската армија. „Тоа е 18 милиони евра повеќе во споредба со претходната 2024 година и покажува дека сме посветени на овој процес“, додаваат оттаму.
Меѓутоа, претходната министерка за одбрана Славјанка Петровска, во чиј мандат е и донесен споменатиот стратешки документ, смета дека не е доволно да се зголеми буџетот, туку и да има трошење за модернизација и опремување, а во однос на тоа се забележува стагнација.
„Поточно, извештаите за реализација на буџетот покажуваат дека минатата година не се направени нови стратешки инвестиции, туку во најголем дел се сервисирање, односно исплатување на претходно склучени договори. И тоа не е добро. НАТО-целите се јасно поставени и секоја од нив има рок до кога треба да биде исполнета, тоа е така за да може да се има предвидливост и Алијансата да знае дека државата навреме ќе ги има капацитетите што се важни и за нашата национална безбедност, но и како придонес за безбедноста на Алијансата“, вели Петровска за „Блумберг Адрија“.
За Министерството, целите на НАТО се остварливи и ќе бидат исполнети.
„Кога станува збор за НАТО-целите на способности, мора да се има предвид дека тие се долгорочни и ние сме убедени дека, преку заеднички донесената одлука на самитот на НАТО за зголемено инвестирање во одбраната на ниво од 3,5 отсто од БДП за одбранбениот буџет и 1,5 отсто од БДП за проекти и активности поврзани со одбраната (или вкупно 5 отсто од БДП) до 2035 година, овие цели на способности низ годините ќе ги исполниме. Во таа насока, одбранбениот буџет постепено во следниот десетгодишен период ќе расте до тоа ниво“, велат од Министерството.
Засега, од Владата нема точни процени од каде ќе се најдат тие пари. Или ќе треба да зголемуваат даноци или да се крати од други места за да има за армијата.
„Имајте предвид дека во нашиот буџет некаде околу 85-86 отсто се фиксни расходи. Замислете ако додадеме дополнителни расходи што ќе бидат поврзани со одбрана, тоа дополнително ќе ја зголеми ригидноста на нашиот буџет, над 90 проценти ќе бидеме врзани за овие расходи, многу малку ќе остане да се одбраниме ако има криза итн. Значи, може да има ефект на целосна прераспределба. Може да се истисне дел од расходите. За да зголемите едни, ќе треба да намалите други, дали за образование, дали за здравство, дали дел од капиталните инвестиции итн.“, изјави неодамна универзитетскиот професор Борче Треновски за телевизијата Телма.
Со оглед на тоа што Македонија нема одбранбена индустрија, овие пари ќе треба да ги троши за увоз на оружје. Треновски вели дека уште отсега треба да почне да се размислува за инвестиции во истражување и развој во одбраната, како компјутерска безбедност, за барем дел од парите да може да завршува во домашната економија.
Од Владата за „Блумберг Адрија“ коментираат дека инвестирањето во одбраната мораме да го гледаме од два аспекта – прво дека тоа е инвестиција во безбедноста на државата и сигурноста на граѓаните.
„ Кога зборуваме за развојот на економијата, мораме да имаме предвид дека не може да има економски развој без безбедност и сигурност. Другиот аспект се поврзува со колективната одбрана на НАТО, која предвидува развој на специфичен сет на способности и капацитети од страна на секој сојузник, кои заедно креираат една целина. Затоа, важно е да се каже дека како дел од колективната одбрана, државата развива специфичен сет на способности, а е де факто заштитена од еден севкупен систем за одбрана“, истакнуваат оттаму.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...